Во свечената сала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска во 13 часот ќе биде одбележан Светскиот ден на науката за мир и развој. Ќе бидат промовирани добитниците на годишните награди за најдобри научници и уметник и Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ.
Пред присутните ќе се обрати проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ. Потоа ќе биде промовиран добитникот на плакетата за особен придонес во развојот на научноистражувачката дејност, во знак на признание за објавени најголем број научни публикации индексирани во базата на Web of Science во изминатата деценија и придонес за афирмација на Универзитетот во земјата и странство.
Следува панел на тема: „УКИМ во интернационални рамки“ и промоција на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ, со говорниците проф. д-р Јадранка Стојановска, од Универзитетот „Њујорк“ во САД, проф. д-р Розита Димова, од Универзитетот „Гент“ во Белгија, проф. д-р Петар Поповски, од Универзитетот „Алборг“ во Данска и проф. д-р Никола Стиков, од Политехничкиот универзитет во Монтреал, Канада.





