Полуматурантката Марија Џинова од Гевгелија создава магија со молив и бои

Откога знам за себе, сакам да цртам и да ги пренесувам моите идеи на лист хартија и од мои 6 години сум дел од ликовната заедница на Пионерскиот дом, предводена од ликовниот уметник Мирјана Крстева Массети – вели Марија

15-годишната Марија Џинова од Гевгелија не може да си го замисли денот без уметност. Од мала е со молив и бои во рака, го следи примерот на мајка си, која исто така има уметнички талент, но и учи со години во ликовната заедница при Пионерскиот дом во Гевгелија. За себе вели дека најсигурна се чувствува во техниката молив, но сака да пробува и други техники и ужива да си игра и со бојата.

– Откога знам за себе, сакам да цртам и да ги пренесувам моите идеи на лист хартија и од мои 6 години сум дел од ликовната заедница на Пионерскиот дом, предводена од ликовниот уметник Мирјана Крстева Массети, која ја обожавам и ми е многу голема инспирација – вели Марија.

Иако сака кога работи сама, многу ѝ е важно мислењето на другите што се дел од ликовната заедница.

– Секогаш сме искрени и отворени меѓу себе бидејќи критиката е таа од која можеме да научиме повеќе и тоа може да нè оформи како уметник.
Марија редовно учествува на ликовни конкурси и речиси од секој од нив добива награда. Вели дека ù се голем предизвик.

Оваа млада уметница умее и да штеди. Таа е една од „Идолите на Халки“. Вели дека од мала имала навика да штеди, а сега штеди за да си купи алатки за цртање и сликање.

Семејството многу ја поддржува во цртањето, особено мајка ѝ, која исто така убаво црта. Марија вели дека многу научила за сликањето од неа. На училиште многу сакала да учи и македонски јазик и пишува поезија.
Таа заврши основно образование во ОУ „Крсте П.Мисирков“.

– Ликовната уметност ми е секогаш на прво место, ама многу сакам и македонски јазик бидејќи пишувам и тоа е мојата пасија.

За неа, литературата и уметноста секогаш се надоврзуваат.
– Мислам дека маглината и неизвесноста ја прават уметноста прекрасна – вели таа.

Марија веќе на големо се подготвува за своето ново поглавје во однос на образованието, а тоа е да продолжи да навлегува во тајните на ликовната уметност во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Сподели