Александра, Ивана, Теона и Ангела од ФИНКИ: Сајбер-булингот не се сфаќа доволно сериозно

Студентките направиле фејсбук-страница и инстаграм-профил каде нудат помош на жртвите на насилство на интернет

Насилството на интернет меѓу младите мотивираше четири студентки на Факултеттот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) да направат проектна задача на тема „Сајбер-булинг“ (Cyberbullying). Ивана Димитровска, Александра Димитриеска, Ангела Јовановска и Теона Данева се студентки на втора година. Во проектната задача по предметот медиуми и комуникации тие ја избрале токму оваа тема како обид да го намалат сајбер-булингот и да им помогнат на оние што се соочиле со овој проблем. Тие направиле страница на „Фејсбук“ и профил на „Инстаграм“ каде што нудат помош на жртвите на насилство на интернет.

Проектната задача ја темелат на четири хипотези, а спровеле и анкета со која опфатиле 145 испитаници. Од нив 53,5 отсто се студенти при ФИНКИ и припаѓаат на возрасна група од 18 до 25 години. Анкетирани се и средношколци за да ја проверат свесноста за сајбербулингот. Така 29 отсто од анкетирани се млади на воздраст од 14 до 17 години.

Студенките велат дека секојдневно се соочуваме со сè повеќе жртви на насилство на интернет. Проблемот со сајбер-булингот денес е премногу присутен, особено поради брзиот развој на технологијата.

– Најчесто кај тинејџерите и младите се јавува насилството на интернет. Голем дел од нив без размислување пишуваат навредливи, понижувачки и вознемирувачки коментари кои многу лошо влијаат врз развојот на личноста, на оној кому се упатени. Последиците од сајбер-булингот може да предизвикаат нарушување на нивното психичко и физичко здравје, па дури ои да бидат фатални. Затоа решивме да зборуваме на оваа тема. Сакаме да ја подигнеме свеста кај секоја личност присутна на интернет и да покренеме иницијатива за да не се злоупотребува користењето на социјалните мрежи – вели Ивана Димитровска.

Ивана Димитровска

Студентките во задачата поставуваат четири хипотези. Според Ангела Јовановска. Тие се базирани врз основа на некои лични искуства, настани со кои што самите се соочиле или некој близок и од актуелни теми поврзани со оваа област.
– Опкружени сме со многубројни информации кои за жал зборуваат како сајбер-булингот влијае врз животот на младите. Тоа беше уште еден извор за нашите хипотези – објаснува Јовановска.

Ангела Јовановска

Резултатите од истражувањето покажале дека насилството на интернет не се третира доволно сериозно. Според Александра Димитриеска, голем дел од анкетираните одговориле дека се соочиле со сајбер-булинг или тоа се случило на некој близок.

– За жал, ова сè уште е табу тема. Голем дел од жртвите немаат воопшто поддршка од блиските. Сaјбер-булингот не се сфаќа доволно сериозно особено од повозрасните лица. Во Македонија, најприсутни се злоупотребата на личните податоци, негативните коментари на објавена фотографија на социјални мрежи и навредливи пораки упатени кон една личност при допишување – вели Димитриеска.

Александра Димитриеска

Според Теона Данева, голем дел од младите секојдневно се жртва на лоши и недобронамерни коментари на социјалните мрежи.
– Сведоци сме на бројни настани кои завршуваат со фатални последици по животот на една млада личност, која токму била мета на сајбер-булинг. Многу е важно нашето истражување да стигне до пошироката публика и да укажеме дека засегнатите дека не се сами во ова.

Теона Данева

Направивме страница на Фејсбук и профил на Инстаграм каде прикачуваме објави за тоа како секој што ќе се најде во ваква ситуација да си помогне себеси или на некој негов близок. Затоа преку разни групи на социјални мрежи, онлајн-состаноци и настани, анонимни анкети би им помогнале на жртвите и би се подигнала свеста кај сите да се помогне за спречување на ваквото однесување на интернет – завршува Данева.