Почна изградбата на специјализирани лаборатории во средното училиште „Михајло Пупин“

Во средното училиште „Михајло Пупин“ во Скопје почна проектот за изградба на специјализирани лаборатории за профилот електротехничар-енергетичар, за кое училиштето е добитник на грант од Regional Challenge Fund. На училиштето ќе биде изградена и дополнителна фотоволтаична централа. Со грантот лабораториите и работилниците ќе бидат опремени со машини и инструменти, а учениците ќе ги изведуваат вежбите во реални услови и ќе бидат целосно подготвени за пазарот на труд веднаш по завршување на средното образование.

Школото како носител на проектот во соработка со партнер компании од приватниот сектор, доделените средства ги наменило за изградба на супер специјализирани лаборатории во училиштето на простор од 300 квадратни метри, за практична настава за профилот електротехничар-енергетичар. Во овие лабаратории за креирање идеи од областа на енергетиката сегашните и идните ученици ќе изведуваат практична настава и вежби од електротехничка струка со помош на електроинженерите од училиштето, како и со инженерите кои работат и се дел од компаниите.

– Скопје има стручно училиште кое ќе претставува носител на електро-струката во Македонија, со високи стандарди како најдобрите европски училишта од електро-струката – велат од Град Скопје.

Овој профил е дел од дуалното образование, со чие воведување во образовниот процес и изведување практична настава во самите училишта на средношколците им се овозможува да се стекнат со практични знаења и да бидат веднаш вклучени во производствениот процес без дополнителна потреба од доквалификација.

Сподели