Тригодишното патешествие „Чудата во земјата на Алисите“ на Колектив Ветерница започна со идеја за претстава инспирирана од романот на Луис Карол, но уште во првите месеци се случи пресврт во животите на сите учесници, како и во светот воопшто. Оттогаш, Алиса се промени безброј пати, зема неверојатно многу форми и на секој начин се обиде да ја раскаже приказната за непредвидливоста на животот, менувањето на расположението, комуникацијата низ различни медиуми, отвореноста, затвореноста… за својата конечна верзија да ја има на филмското платно.
На 18 јануари, во објектот на Националната опера и балет се случи последната клапа на краткометражниот игран филм со наслов „Чудата во земјата на Алисите“. Филмот е во продукција на „Колектив Ветерница“ односно се работи за колективно авторство на целиот проект од сценариото до режија. Посебна заслуга за конечната реализација на филмот има соработката со „Трисомија 21“ – Скопје и нејзините членови, па така актерската екипа брои 17 актери од инклузивниот ансамбл кои вредно работеа во изминатите четири дена во полно работно време во услови на професионален филмски сет. Снимањето на филмот го направи и
поддржа „Троика Студио“ Скопје.
Се работи за независна филмска продукција која се реализира со поддршка на донаторскиот кружок на Конект односно неговото последно издание во јуни 2022-рата година на кое беа вклучени индивидуалци и компании кои ја негуваат филантропијата и културната продукција во која се вклучени децата, младите и атипичните лица. Севкупно овој филм е последица на ентузијазам, волонтеризам и целосна посветеност на благородни, но достоинствена и долговечна продукција за деца, млади и атипични лица.
„Алиса“ е црно-бела визуелна наратива која влегува во еден надреален свет на ликови кои се во непрестан конфликт со сите околу нив, а најмногу со себе. Искршениот простор, нелогичноста и зачудноста во реакциите, чувствата и дејствијата во секоја сцена се олицетворение на многуте емотивни состојби на младиот човек. Филмот патува од лик до лик, го трансформира својот протагонист од сцена во сцена, чувствено го раздразнува со тајфата хористи кои си поигруваат со Алисите, за на крај секој на свој начин да открие како да се ослободи од личното стаклено ѕвоно.
Ова е втор краток филм на Колектив Ветерница, и е од особено значење за истиот бидејќи ќе биде еден продукт кој ќе сведочи за нашата самоодржливост и посветеност во работа со деца и млади односно ќе го заокружи 10 годишниот јубилеј од постоењето на колективот и можеби конечно ќе направи некакви промени во општеството во однос на културата продукција на деца, млади и атипични лица.