„Вики го сака фолклорот 2023“ – испратете фотографии од Македонија и освојте убави награди

Целта на натпреварот е да се соберат фотографии од човековата културна разновидност за да се илустрираат статии од бесплатната светска енциклопедија „Википедија“

„Вики го сака фолклорот 2023“ е насловот на фотографскиот натпревар кој ќе трае од 1 февруари до 31 март, а предвидува и вредни парични награди за најдобрите. Натпреварот го организира корисничката група „Споделено знаење“ која стои зад македонското издабние на „Википедија“. Целта на натпреварот е да се соберат фотографии од човековата културна разновидност за да се илустрираат статии од бесплатната светска енциклопедија „Википедија“ и други проекти на Фондацијата „Викимедија“. Ова ќе биде четврто меѓународно издание, а прво организирано македонско издание.

– Доставените фотографии треба да бидат релевантни за темата, вклучително, но не ограничувајќи се на фестивали, материјална култура, танци, кујна, облека или секојдневна рутина од животот со нагласок на народната култура во Македонија – велат организаторите.

Превидени се две категории на награди: домашни (месни) и меѓународни. За домашните награди ќе одлучува месно стручно жири, а „Споделено знаење“ ќе ги додели наградите:

– Прва награда за најдобро оценета фотографија – бруто 400 евра.
– Втора награда за најдобро оценета фотографија – бруто 200 евра.
– Трета награда за најдобро оценета фотографија – бруто 100 евра.
– Награда за учесник со најмногу фотографии – бруто 300 евра.

Најуспешните фотографии според оценката на меѓународното стручно жири ќе бидат наградени со ваучерски награди, доделувани од иницијативата Wiki Loves Folklore:

– Прва награда за највисоко оценета фотографија – ваучер од 500 долари.
– Втора награда за највисоко оценета фотографија – ваучер од 400 долари.
– Трета награда за највисоко оценета фотографија – ваучер од 300 долари.

Ќе има и утешни награди за останатите десет највисоко оценети фотографии – 10 ваучери од по 40 американски долари, награда за најдобро видео и награда за најдобро аудио податотека – 2 ваучера од по 150 долари, а ќе бидат доделени и две награди за учесници со најмногу закачени фотографии – ваучер од 100 долари (прво место) и ваучер од 50 долари (второ место).

– Направете разноврсни и квалитетни фотографии или искористете ги вашите веќепостоечки фотографии. Тие треба да содржат документарен карактер со приказ на фолклорот во Македонија. Фотографијата која прикажува одреден вид на фолклор во и од Македонија, може да биде направена било каде, во и надвор од територијата на земјава и во кое било кое време (пред или за време на натпреварот). Под фолклор се подразбира не само македонскиот фолклор, туку и на малцинствата во Македонија, како што е албанскиот, турскиот, ромскиот, влашкиот, бошњачкиот, српскиот и друг фолклор – велат организаторите.

Повеќе за условите на натпреварот на линкот.

Сподели