Биста на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски од 1970 година, од вчера е сопственост на фестивалот „Охридско лето“. Делото од доајенот на македонската современа скулптура на фестивалот го предаде Македонскиот народен театар. Бистата „Орфеј на Ана“ е излеана во бронза, со димензии 99х55х32 сантиметри.
На 4 август 1961 година Ана Липша-Тофовиќ го означила почетокот на меѓународниот фестивал „Охридско лето“. Во договор со нејзиниот син, според оригиналната гипсена биста МНТ излеал три сигнирани копии во бронза. Една е во сопственост на д-р Стефан Тофовиќ, втората е дел од музејската поставка на МНТ, а третата беше предадена на фестивалот.
– Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша-Тофовиќ која во 1950 година премиерно ја изведува на Операта при МНТ. Токму таа страст и големина на ликот скулпторот Тодоровски ја преточува во елегантна и суптилна форма, со здржана лиричност, строга поетичност на чувствата и голема симболика во преточувањето на ликот на Орфеј и можноста на Ана Липша-Тофовиќ – вели Ивана Јарчевска, раководителка на Музејот при МНТ.

Според директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, бронзената биста за фестивалот претставува вреден спомен кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и зборовите „да ни е вечно Охридско лето“.
– Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и оддржуваме блесокот на оваа сцена – рече Поповиќ.
На роденденот присуствуваше и минстерката за култура Ирена Стефоска.





