Колумна: Учењето и знаењето не познаваат физички граници

Сега знаеме да живееме и како што живеевме претходно (физички средби и дружби), но сите живееме и со нови навики

Пишува: Тодор Стојчевски

Знаењето и учењето, како што е, на пример и времето (возраста), не познаваат физички граници. Ова се категории кои не знаат ниту за пандемии, ниту за ковид-19 ограничувања. Форми кои се прилагодливи на сите варијабли, освен на „немањето желба“.

Да се учи и да се знае е зависно од „да се има желба“. Да се има мотив да се надградува нешто што нема физички габарит. Да се има мотив да се продуховува внатрешното јас. Да се оформува нешто што не е видливо со „голо“ око. Иако секој што учи и што сака да знае, всушност, знае дека оваа „битка со знаењето“ однапред е изгубена (бидејќи никогаш знаењето во целост не може да се совлада), сепак мотивот да се бие битката е сериозен акцелератор во личноста да не се откажува.

Досега тврдев дека комуникациите се едно од нештата што не застанаа под налетот на пандемијата. И бев во право. Но, сега на оваа реченица додавам дека „и желбата за знаење не застана под притисокот на ограничувањата на пандемијата“. Да, секој од нас сакаше да знае што е ковид-19, кои симптоми ги појавува, од каде се појави и сè што е поврзано со пандемијата. И секој од нас сакаше да знае дали и кога ќе заврши ова „чудо на 21 век“, како и дали ќе мора да живееме со него и да ја прифатиме „новата реалност“.

Да, токму желбата за поголемо и поквалитетно знаење не ме спречија мене и многу други колеги, да продолжиме со студиите на Факултетот за медиуми и на Факултетот за апликативни социјални студии во Словенија. Патот по кој се движевме, навидум, не постоеше само физички. Но ние и понатаму продолживме да се движиме. Можеби побавно, можеби со многу нејаснотии, можеби со доза страв, но секако продолживме.

Благодарение на комуникацијата и на желбата за знаење, со поддршка на технологијата, продолжи процесот на „совладување“ на знаењето. Зум-платформа, гугл мит-состаноци, снимени предавања, скајп- конференции. Сите можни форми за да продолжи комуникацијата и студирањето. И повторно, речиси, како сè да беше исто – предавањата почнуваа навреме, состаноците траеја како што беше договорено согласно предвидена агенда, дебатата за научните прашања продолжуваше. Единствена разлика е што не бевме сите во иста просторија.

Професорите и асистентите направија сè да се прилагодат на новите „барања“ за знаења на студентите. Без разлика на возраста, секој од нив ги совлада основите на технологијата и предавањата течеа беспрекорно. Уште побргу на „новата реалност“ се адаптиравме ние студентите. Иако и меѓу нас има различни возрасти, никој, ама баш никој, не се пожали пред „непознавањето на технологијата“. Напротив, сите најдоа сили и време за да ги совладаат новите технологии за комуникација.

И „благодарение“ на пандемијата, всушност, ние ја научивме новата реалност. Сега знаеме да живееме и како што живеевме претходно (физички средби и дружби), но сите живееме и со нови навики. Навистина се променија многу нешта, но желбата за знаење, за учење и за комуникација останува иста. Останува водилка кон развојот, кон успехот, кон височините на знаењето. На крајот, иако битката навидум е изгубена, најважно е ништо да не ви се испречи на патот кон остварување на желбата да го „совладате“ целото знаење.

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели