Стиховите на Конески и на Хикмет на македонски и турски одекнаа од срцето на Истанбул

Особен ексклузивитет беше моментот кога ние македонските актери, Вујошевиќ и Настоски рецитиравме поезија на турски јазик, а актерите Локум и Ѓулер – на македонски јазик – вели Вујошевиќ

Како звучат стиховите на Блаже Конески во изведба на актери од Турција или тие на турскиот поет Назим Хикмет интерпретирани од актери од Македонија? Во Македонскиот Културно-информативен центар во срцето на Истанбул, на само неколку минути од познатиот плоштад на Таксим, минатата недела одекнуваа прекрасните стихови на Конески и Хикмет на македонски и на турски јазик. Креативниот проект „Поетски мост“ обедини четворица актери – Слаѓана Вујошевиќ и Никола Настоски од Македонија и Алара Локум и Шаќир Ѓулер од Турција.

Целта на овој проект беше да ги истражува најзначајните дела на македонскиот поет Блаже Конески и турскиот поет Назим Хикмет, вели актерката Вујошевиќ.

Пробите се одржаа на интернет-платформата зум. Барајќи ја заедничката нишка на делата што со години оставаат трага во македонската и турската култура, актерките Слаѓана Вујошевиќ и актерите Никола Настоски и Шаќир Ѓулер преку двојазичен поетски перформанс, на македонски и турски јазик, се обидоа да ги надминат јазичните бариери и да ја претстават душата на овие извонредни поети, објаснуваат организаторите.

Алара Локум и Никола Настоски

Големината на овие поети го надмина непознавањето на другиот јазик и и овозможи на публиката составена од Македонци и Турци да им се препушти на емоциите што ги будат стиховите, велат актерите.

– Особен ексклузивитет беше моментот кога ние македонските актери Вујошевиќ и Настоски рецитиравме поезија на турски јазик, а актерите Локум и Ѓулер – на македонски јазик. Идејата позади овој начин на интерпретација е презентација на јазиците во двете земји, како и поттикнување на секој од актер(к)ите својата креативност да ја преточат во говорење на јазик кој го познаваат или не го познаваат, но и да навлезат во истиот на емоционално ниво за да можат подобро да ја изнесат таа емоција која поетите ја скриле во зборовите – вели Вујошевиќ, која своите магистерски и докторски студии ги заврши токму во Истанбул и одлично го зборува турскиот јазик.

Слаѓана Вујошевиќ и Шаќир Ѓулер

Таа објаснува дека директорот на центарот Рамадан Рамадани им посакал топло добредојде и им овозможи пријатни проби и изведба.

– Се надеваме дека ова ќе биде само почеток на нашата долгогодишна соработка – вели Слаѓана.

Крајната цел на „Поетски мост“ беше преку сплотување на стиховите на едни од најпознатите македонски и турски поети, да се изгради мост преку кој ќе се прави културна размена на вредностите на двете земји. Проектот беше поддржан од Министерство за култура, а наскоро и турските актери се очекува да гостуваат во Скопје.

Сподели