Во демирхисарското село Белче, актерот Огнен Дранговски, во соработка со режисерот Џон Блондел ја поставија претставата „Пиреј“, што ќе биде изведена во наредните три дена
Претставата „Пиреј“ на актерот Огнен Дранговски, во режија на Џон Блондел од САД утревечер во 19 часот ќе има своја премиера во с.Белче, Демир Хисар. Претставата е во продукција на „Lit Moon World“, а ќе има изведби и на 13 и на 14 август. Вклучени се млади луѓе од Битола и од Демир Хисар.
Костимите се дело на Благој Мицевски, а учествуваат и гости музичари од САД. Џон Блондел беше режисер гостин на Битолскиот театар во 2013 година, кога ја режираше „Хенри Шести“ и со која овој театар беше дел од големиот проект за изведба на дела од Шекспир во театарот „Глоуб“ во Лондон. Во меѓувреме заедно ја работеа „Сонот на летната ноќ“, а минатата година соработуваа на зум-проект „Чехов во карантин“ со актери од повеќе земји.
Дело на Сергеј Андреевски е употребено наместо постер за претставата.

Дело на Сергеј Андреевски
За актерот Огнен Дранговски, оваа претстава и целиот процес е потрага по и разговор со духовите на нашето минато, со душите на нашите претци.
– Верувам дека сите, каде и да одиме или каде што сме во нас ја носиме топлината на тие души. Па во ова безмалку паузирано време да поразговарам малку со нив за да видам до кај сум, до кај сме, како сме.. Да ми дадат совет, да им се исповедам, да им се пожалам, да им се пофалам…. И, се разбира, да напрам муабет за во иднина – вели Дранговски.
Во претставата играат и млади од Битола и од Демир Хисар: Бојана Јанкуловска, Анастасија Чипуровска, Александра Василевска и Љубен Најдовски. Музиката е на Џејмс Конели и Сајмон Блондел.

Огнен Дранговски
Иако тогаш не знаевме, овој проект всушност започна пред четири години, кога Огнен Дранговски ме доведе во селото на неговиот дедо во Белче, вели режисерот Блондел.
– Одамна напуштената куќа и другите градби беа силни потсетници на начинот на кој луѓето живееле, се смееле и умирлае. Подоцна, кога ми кажа за маркантниот роман „Пиреј“ на Петре М.Андреевски, знев дека мораме ова да го направиме заедно и тоа мораше да биде во Белче. Приказната на романот за преживувањето меѓу бруталноста, апсурдноста и бесмисленоста на Балканските војни во почетокот на 20 век, се совпаѓа совршено со местата, звуците и мирисите на Белче. Ви се појавува вид нова состојба – сведоштво за минатото, а светол зрак за иднината и подарок за луѓето што ја споделуваат истата линија и кои ја испумпуваат истата крв, како Јон и Вeлика. Ова стана едно од моите најбогати искуства – вели Блондел.

Џон Блондел
За костимите се погрижи Благој Мицевски.
– По подолго време и од познати причини оваа прилика за работа на амбиентален театар на некој начин нè враќа и во неговата суштина. Театарот е жива материја, непосреден контакт со актерот и респект кон сè што не опкружува. Уживав во секој момент од работата со оваа интернационална екипа која допатува од другиот крај на светот за повторно да ни ги реоткрие вредностите на авторот и убавините на неговиот роден крај – вели Благој Мицевски.





