Актерот Владимир Тулиев доби отказно решение од Народниот театар од Штип, зашто го прекршил боледувањето и се појавил на јавен настан

Актерот Владимир Тулиев, еден од носителите на репертоарот на Народниот театар од Штип пред неколку дена доби отказно решение затоа што го прекршил боледувањето. Шокиран, Тулиев најавува дека ќе поднесе жалба до Управниот одбор на театарот. Но, поради локалните избори распишани на 6 август, сите процедури во јавните институции во врска со дисциплински мерки, откази и слично се стопираат. Откако вчера му стигнало решението за отказ, денеска добил и решение за одмор, ни објаснува актерот популарен по улогата на Дончо во ТВ-серијата „Преспав“.

Владимир Тулиев (десно) заедно со колегата Миле Вратеовски

Актерот кој зад себе има 70-ина улоги и е на сцена од дете, смета дека казната е престрога и е навредлива. Тој доби поддршка од неговите колеги во театарот.

– Користев боледување зашто имам проблем со очите и не смеам да бидам изложен на прашина и на условите што ги имаме на сцената. Глауком (очен притисок) е состојба која само се става под контрола, но и не се лекува засекогаш. Ова го имам во последните две години. Матичната ми отвори боледување, поминаа неколку недели дури да одам на очен лекар со „Мој термин“. Кога очите ми се постојано црвени одам на лекар за да ми препише капки. И матичната ме советуваше да отворам боледување. Поради тоа една претстава на 3 јуни ја откажав. На 5 јуни бев поканет од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски (во сабота), да бидам дел од еколошката кампања заедно со Игор Ангелов и други јавни лица како поддршка за чистење на Преспа. Мојот ангажман таму беше буквално три реченици – вели Тулиев.

Неколку дена по овој настан му стигнала покана за дисциплинска комисија. Тој се консултирал со правно лице и на следната средба на закажаната дисциплинска комисија, на која не присуствувале сите членови, Тулиев поднел писмена изјава.

ПРЕСПА НИ Е САМО ЕДНА, ДА ЈА ЧУВАМЕ – ПОРАЧАА АКТЕРИ ОД „ПРЕСПАВ“ ВКЛУЧЕНИ ВО ЕКО-АКЦИЈА НА ОПШТИНАТА РЕСЕН

На прашањето дали смета дека ова е престрога казна, Горан Трајков, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“, под чија капа работи театарот, вели:

– Во овој момент нема да биде добро јас да давам какво било мислење. Оваа постапка се води некое време, дисципинската комисија ја заврши својата работа, постапката си тече, а Тулиев има право на жалба. Постапката е сопрена поради распишаните политички избори. Сите ние вработени во институцијата, без разлика дали сме актери или не, имаме наши права и обврски. Јас работам законски и според член во законот што ги пропишува работните односи – вели Трајков.

Тулиев, а и други актери во последниот период се жалеа дека немаат добра комуникација и соработка со нивниот директор, кој го раководи Центарот од март годинава.

На прашањето каква е работната атмосфера во театарот, Трајков вели дека не може да каже дали соработуваат добро или не.

– Јас се водам по тоа дали резултатите се добри. Моите принципи на работа се можеби малку поразлични и сакам тимска работа. Не треба никој никому да му се меша во работата и ние мораме да го подигнеме нивото на културата во градот, оти е на многу ниско ниво. Јас сум сведок на таа ситауција и не можам никого да обвинувам, едноставно не се работело. Не само за театарската дејност, не се работело во сите дејности што ги опфаќа Центарот за култура. Центарот има 43 вработени и треба концептите малку да ги доближиме – смета Трајков.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.