Најголема и највредна е помошта на „Стопанска банка“ АД Скопје, која и оваа година е наш генерален спонзор и секако е најголема помош во организацијата и остварувањето на сето она што е зацртано, вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на клубот и организатор на натпреварот
Повеќе од 200 триатлонци ќе учествуваат на натпреварoт „Стопанска триоги триатлон“, што ќе се одржи утре во Скопје. На голема радост на организаторот, скопскиот клуб „Триоги рејсинг“, квотата што може да се реализира во базенот „Борис Трајковски“ беше исполнета неколку дена пред крајот на рокот за пријавување.
Скопје утре повторно ќе дише во духот на еден од најпредзивикувачките спортови, воопшто. Пливање, возење велосипед и трчање се трите спорта што ги обединува триатлонот, а на трката ќе учествуваат и деца од најмала возраст 5-6 години.
Данчо Ѓорѓијевски го води најбројниот триатлонски клуб во Македонија и е организатор на натпреварот.

Клубот „Триоги рејсинг“ го организира вториот триатлон натпревар во Скопје. Колку натпреварувачи се пријавија, од колку земји, во колку категории ќе се натпреваруваат?
– Ова е втор натпревар што го организира нашиот клуб, овој пат под името Stopanska Triogy Triathlon 2022. Имаме 215 натпреварувачи од 4 земји во 7 категории, почнувајќи од најмалите, деца на 5-6 години. Ова нешто го сонував многу одамна и среќен сум што Скопје ќе има натпревар каков што му доликува на главен град.

На која локација се одржува, што сè ќе биде блокирано (и во кој термин) во служба на спортот и сите предизвици што ги носи?
– Пливаме во базенот „Борис Трајковски“, велосипед се вози по „Илинденска“, која ќе биде затворена за сообраќај од 8.30 до 13.30 часот и се трча околу базенот. Организација на триатлон на толку „тесен“ простор секако е технички предизвик за судиите и техничките лица, но од друг страна, ваква стаза го прави целиот натпревар многу поатрактивен и поинтересен за гледање.

Данчо Ѓорѓијевски (десно) со младите надежи во макеоднскиот триатлон
Триатлонот е еден од најбрзорастечките спортови во светот. Каков е интересот во Македонија?
– Не можам да кажам дека ги следиме светските трендови, но со сигурност можам да кажам дека секоја година имаме сè повеќе триатлонци, како најмали, така и рекреативци.
Кој сè помогна во организацијата, со какви препреки најтешко се соочивте во организирањето?
– Најголема и највредна е помошта на „Стопанска банка“ АД Скопје, која и оваа година е наш генерален спонзор и секако е најголема помош во организацијата и остварувањето на сето она што е зацртано. Но, еквивалентно важна е и работата и вложувањето на сите вклучени во организацијата. Нивниот труд и залагање е тоа што ја прави трката возможна и на секој начин посебна. Посебно сакам да се заблагодарам на Триатлон федерацијата, без која не би можеле да го организираме „Стопанска триоги триатлон“, како и за сите спонзори што нè поддржаа за да го направиме настанот.

На секој триатлон натпревар во светот има многу волонтери во организицијата, многу публика, граѓани што ги бодрат натпреварувачите. Каква е состојбата на ова поле кај нас и што би им препорачале на скопјани и сите останати што ќе решат утре да дојдат на натпреварот?
– Умеам да кажам дека срцето на секој триатлон се волонтерите, тие се оние што ги носат натпреварувачите, што им додаваат насмевка на нивните лица, тие што ја прават разликата помеѓу просечна и одлична трка. На запад, волонтер на спортски настан е нешто што луѓето го сфаќаат како посебна чест и задоволство, нешто со кое посебно се гордеат. Затоа, сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на сите наши волонтери и судии што ќе учествуваат утре и сакам да им порачам дека тие се тие што ја прават целата разлика.





