215 натпреварувачи од 4 земји денеска ќе си ги мерат силите во триатлон во Скопје

Натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија и од Косово ќе учествуваат на вториот натпревар во триатлон што го реализира клубот „Триоги рејсинг“

Во Спортсткиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје денеска од 8.30 до 13.30 часот ќе се одржи триатлон натпреварот Stopanska Triogy Triathlon 2022. Повеќе од 200 натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија и од Косово ќе учествуваат на вториот натпревар во триатлон што го реализира клубот „Триоги рејсинг“ заедно со техничкиот организатор Триатлон федерацијата на Македонија. Квотата беше исполнета неколку дена пред крајот на рокот за пријавување.

Централно место за реализација на натпреварот е СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе биде стартот и целта, а на базенот ќе се реализира пливањето. Возењето велосипед ќе се реализира на булеварот Илинден сè до исклучувањето кон „Скопје сити мол“ и назад по десната коловозна лента. Делот од трчањето се изведува околу паркинзите на СРЦ „Борис Трајковски“. Поради тоа, тој дел на булеварот „Илинден“ во периодот од 8.30 до 13.30 часот ќе биде затворен за сообраќај.

– Радосни сме што интересот за триатлонот расте и кај нас, а за тоа зборува и интересот да се учествува на ваква трка. Скопје заслужува да има триатлонска трка и се надеваме дека нашиот ентузијазам ќе биде мотивација за приватниот сектор и за институциите да го поддржуваат реализирањето на ваков тип натпревари – вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на „Триоги рејсинг“.

Генерален спонзор на натпреварот е Стопанска банка АД – Скопје. Оваа година натпреварувачите ќе бидат поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција.

– Деца 1, родени 2013 г. и помали
– Деца 2, родени од 2012 г. до 2010 г.
– Кадети, родени од 2009 г. до 2007 г.
– Јуниори, родени од 2006 г. до 2003 г.
– Елитна група, родени пред 2002 г.
– Мастерс група или ентузијасти родени после 2002 г.

Натпреварот ќе се бодува и ќе биде дел од државното триатлон првенство. Првиот триатлон натпревар одржан во 2019 години претставува најмасовен триатлон натпревар во нашата држава со преку 150 учесници. Поради ковид-пандемијата, напреварот не се одржа во изминатоте две години.

„Триоги рејсинг“ од Скопје постои 6 години, има повеќе од 100 члена и стотици медали освоени на домашни и на меѓународни натпревари.
– Ние вложуваме најмногу во развојот на овој спорт кај децата, затоа што сметаме дека само така ќе имаме здрава младина – велат од клубот.

Стопанска банка АД – Скопје е банка со најдолга традиција на пазарот и како општествено одговорна компанија е долгогодишен поддржувач на спортот во нашата земја.