Звуците на окарината стара 6.000 години во рацете на реномираниот музичар Драган Даутовски синоќа во холот на Археолошкиот музеј во Скопје го најави отворањето на новата постојана музејска поставка. Неколку стотици граѓани, археолози, конзерватори, историчари на уметност, етнолози, музејски работници, политичари и љубители на културата присуствуваа на отворањето.

Драган Даутовски
Директорката на музејот, Магдалена Манаскова најави дека ова е почеток на ново, динамично функционирање на институцијата. Секој месец ќе има новитети, тематски изложби, дијалог со публиката.
– Ова е поставка која ќе ги привлекува посетителите постојано да се враќаат. Селектирани се 5.000 предмети. Секој предмет потекнува од нашата држава, пронајден е на територија на нашата земја. Тоа е реткост зашто зборува за сето богатство од нашето минато. Културното наследство не познава граници ниту нации. Тоа што го поседуваме нè прави рамноправен дел од европската култура – рече Манаскова.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека отворањето на новата поставка не е само културен чин туку и силна порака дека Македонија ја цени својата историја.
– Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот и да овозможиме младите генерации да го почувствуваат наследството со кое располагаме. Македонија има што да покаже. Културата е темел врз кој се гради една нација и тука сме да потврдиме дека тој темел ќе биде видлив за секој што ќе ја посети Македонија – рече Мицкоски.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека во поставката се застапени предмети од праисторијата до поновата историја.
– Музејот сведочи за нашиот идентитет и достоинство, за меморијата, вистината и самопочитта. Музеите се најтивките, но најупорните бранители на таа вистина – рече Љутков.

Големата Мајка од Тумба Маџари
Тој најави големи вложувања во археолошките ископувања идната година. Околу 17 милиони денари се планирани за 39 национални институции, пет локални и пет независни субјекти.
На поставката во изминатиот месец интензивно работеа 36 кустоси, конзерватори и документатори, 15 надворешни соработници со помош од останатиот музејски персонал. На површина од 6.000 квадратни метри, 5.000 артефакти распоредени во 18 оддели, тие ќе ја раскажат историјата на Македонија. Изложбата од денеска е отворена за јавноста.
(В.И.И.)
Фото: Министерство за култура и туризам

Тетовска менада





