Повик за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“

Отворен повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ наменет за сите ученици во 9. одделение во Македонија. Наградата ја доделуваат платформата „Наука за деца“ и Фондацијата „Кантарот“ во соработка со проф. д-р Венка Симовска. Наградата е вредна 30.000 денари, а целта е да се стимулира едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката.

– За наградата може да аплицира секој ученик и ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава. Секој заинтересиран треба да објасни што конкретно сака во науката, која научна дисциплина или вид на истражувања особено ве интересира, зошто и како мисли дека науката може да придонесе за личниот или за развојот на општеството, со кои постигнувањата најмногу се гордеете, за што би ги употребиле парите од наградата и зошто – велат од „Наука за деца“.

Сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот до 30 септември. Од „Наука за деца“ велат дека наградите и постигнувањата не се единствениот критериум за доделување на наградата.

– Во потрага сме по личности кои својот ентузијазам кон науката го надополнуваат со амбиција, имагинација, силни комуникациски вештини и со желба да се споделува наука со јавноста. Од сите примени апликации ќе избереме десетина кандидати за интервју, а по интервјуата ќе ги објавиме финалистите – велат тие.

Сите финалисти за наградата „Иван Ќостаров“ ќе бидат поврзани со ментори, наши научници во странство кои ќе ги подготват за да одржат научно предавање на следната НЗД конференција.

Повеќе информации на линкот.

Сподели