Верувам дека моето искуство го споделуваат многу мои колеги, кои релативно рано во текот на животот, и во најкреативните, студентски години се соочиле со бруталната вистина: без разлика колку и да се квалитетни во студирањето, без разлика кој просек да го имале, и кои афинитети и да ги поседувале, академската и професионална кариера останува недостапна, вели Корубин, магистер по археологија и поранешна пратеничка
„Подобноста“ не е никаква новина во нашето општество, во која било област, вклучително и областа на културното наследство. Тоа што оваа „јавна тајна“ е најчесто премолчена е комплексен проблем. Партизираниот систем од една страна, во комбинација со наследениот систем на „елитите“ од друга страна е главниот механизам за влез во системот. „Кој чие дете е“ е позната пракса и неретко репер за кариерен или личен успех, и се разбира дека не е пракса само кај нас, вели Никица Корубин, магистер по археологија и поранешна пратеничка. Со неа разговараме за состојбите со Институтот за историја на уметнoст и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, една од најстарите високообразовни институции во Македонија, на која ù се заканува згаснување. Умно.мк го отвори прашањето зошто таму со години нема вработувања и со оваа динамика за пет години на катедрата ќе останат само тројца професори. Корубин јавно реагираше дека во нашиот академски живот редовна пракса е „нормализација на клиентелизмот, непотизмот, кронизмот, партиските и сите други клановски влијанија“. Во обид подлабински да ги откриеме причините за состојбите кои се случуваат со децении, неутрално и со отворен простор за сите, Корубин го раскажув своето искуство.
Дипломиравте и магистриравте на Институтот за историја на уметност со археологија. Раскажете ни го Вашето академско искуство, на што сте насочени, кои се Вашите интереси на истражување?
– Дипломирав и магистрирав на Институтот за историја на уметност со археологија, онаа иста катедра која денес, некои 20-тина години подоцна е речиси пред замирање. Има ли поголем пораз за секој еден од нас, студентите низ годините на оваа катедра, кои со голема љубов и страст сме се образовале за да придонесеме во нашето општество? Темите и на дипломската и на магистерската работа ми се поврзани со накитот од периодот на железното време, односно со пајонските/македонските бронзи во дипломскиот труд и фибулите и иглите во магистерскиот труд. Тоа е само еден, но исклучително битен аспект, во животот на етничките заедници, историско посведочени од територијата и на Северна Македонија денес, но и на поширокиот историски регион на Македонија, тогаш, како и на самата Пајонија. До денес фасцинацијата кај мене за таа цивилизација останува, во археолошкиот, но и во историскиот дел. И токму тука и се движи и темата на мојата книга која е во завршна фаза, затоа што сите се повикуваат на културното наследство и идентитетот, а ретко кој научно се занимава со него.
Деновиве отворивме една тешка тема – состојбите на Институтот за историја на уметност со археологија каде со години нема вработувања. Вие се надоврзавте со интересно прашање – механизмот по кој се влегува во било која државна институција. Какво е Вашето искуство?
– Верувам дека моето искуство го споделуваат многу мои колеги, кои релативно рано во текот на животот, и во најкреативните, студентски години се соочиле со бруталната вистина: без разлика колку и да се квалитетни во студирањето, без разлика кој просек да го имале, и кои афинитети и да ги поседувале, академската и професионална кариера останува недостапна. Тоа горе-доле е и мојата приказна, на соочување со фактот на меко и грубо одбивање, на оние кои требале да ви бидат ментори, а всушност ве третирале како конкуренција. Непријатното искуство што го имав, на повлекување на одобрена докторска теза, која беше игнорирана и нормализирана, е нешто кое е редовна пракса во нашиот академски живот: нормализација на клиентелизмот, непотизмот, кронизмот, партиските и сите други клановски влијанија. Но, сметам дека никогаш не дозволив тоа да влијае на мојата љубов и мојот ангажман кон археологијата и кон заштитата на културното наследство, преку невладиниот сектор, и во времето кога бев пратеник. Токму преку невладиниот сектор, со колеги ентузијасти и со поддршка на Британската амбасада, успеавме уште пред речиси 20 години, за прв пат да го донесеме кај нас геофизичкото скенирање, кој е недеструктивен метод за евидентирање на аехеолошки локалитети, како методологија и софтвер од страна на британски експерти, пионери во оваа област, кои специјално за таа прилика дојдоа во Македонија; база на податоци за археолошки артефакти; да ја преведеме на македонски јазик Конвенцијата од Ла Валета за заштита на археолошкото наследство, која до ден денес не е инкорпорирана во нашето законодавство, и да издадеме Прирачник за заштита на артефакти при археолошки ископувања, кое воопшто не се применува во пракса. Што мислите, што од сето ова беше прифатено од страна на државата? Се разбира, ништо. Иако, проектот се одвиваше во периодот кога во Македонија масовно се вршеа археолошки истражувања. Само еден пример, го илустрира комплетното отсуство на визија, кои се приоритетите во македонската археологија. А, примери колку сакате. И притоа, луѓето, кои се на одлучувачките позиции во институциите и тогаш и сега се речиси истите. Последиците можеби говорат погласно од сè, за механизмот по кој се влегува во која било државна институција.
Велите дека „системот беше и е отворен, не за најдобрите, туку за подобните“. Образложете го овој став во контекст на истражувањето и заштитата на културното наследство.
– „Подобноста“ не е никаква новина во нашето општество, во која било област, вклучително и областа на културното наследство. Тоа што оваа „јавна тајна“ е најчесто премолчена е комплексен проблем. Партизираниот систем од една страна, во комбинација со наследениот систем на „елитите“ од друга страна е главниот механизам за влез во системот. „Кој чие дете е“ е позната пракса и неретко репер за кариерен или личен успех, и се разбира дека не е пракса само кај нас. Но, она што е уникатно кај нас е неговата доминација на ниво на предоминантност. И сите нијанси (непотизам, кронизам, партизам), во основа означува постепено деградирање на системот, кога секоја област е практично клановски одредена и предодредена: се знае кој „владее“ со неа. Меритократијата е непознат механизам, во оваа ситуација, а нејзиното отсуство означува дискриминаторска позиција за сите кои ја немаат потребната „врска“. Разбирливо дека на лично ниво ова е чувствителна тема, затоа што по автоматизам не значи дека сите се лоши и неквалитетни, затоа што влегле по принципот „наше дете“, но како систем, дефакто означува негативна селекција, отсуство на било каква одржлива стратегија, која на крајот резултира со сценарио со кое сега се соочува Институтот за историја на уметност и археологија. Од толку „чување“ за подобните, тој е пред затворање за сите следни потенцијални генерации на студенти и за судбината на севкупното културно наследство.
На сите огласи за вработувања со години се посочува националноста од која треба да биде вработениот во одредена институција. Од вработувањата според балансерот не се изземени ниту институциите од бласта на заштитата на културното наследство, музеите итн. Кои други фактори влијаат на вработувањата?
– Принципот на правична застапеност после Охридскиот договор е уставна категорија и е резултат на одбивањето на политичките, партиските и секакви други влијателни структури да ги интегрираат сите граѓани во администрацијата, односно самиот систем, која не може во општеството како нашето да биде доминантно етничка. Балансерот од друга страна е само алатка, а не суштина, кој пак подлежи исто така на партизацијата. А, во партизацијата еднакво е проблематичен начинот на „заробување“ на институциите, без разлика на етничката припадност. За време на мојот пратенички мандат, имав можност да видам како функционира системот „од прва рака“, колку е големо партиското влијание, но колку се големи и други влијанија, кои веќе се дел од системот, преку партијата или пак преку другите механизми. Вистинска реткост е, на ниво на парадокс, да се биде дел од системот на државата, ако однапред не сте, метафорички кажано „предодредени“ за релативно ограничениот број на места, особено во областа на културното наследство кое според самата своја суштина е целосно упатено на државата, а чиј комплетен механизам на функционирање го увидов како член на Комисијата за култура во Собранието. И токму поради тоа, селекцијата треба да биде уште построга, и да подлежи на поголеми критериуми, суштински, а не формално. Но, во реалноста е токму спротивното. Како тогаш очекуваме функционален систем на управување и заштита на културното наследство?
Сепак, Институтот за историја на уметност со археологија не можеме да го поистоветиме со оваа ситуација зашто таму со години нема никакви вработувања. Какви последици ќе остави оваа состојба?
– Институтот за археологија и историја на уметност е само еден дел, исклучително важен, во целиот синџир на системот за управување и заштита на културното наследство. Но, тој го дава темелот, односно треба да ги дава добро едуцираните поединци, индивидуалците кои потоа како експерти со своето знаење и квалитет треба да го одржуваат целиот институционален систем (музеи, заводи, министерства). Ако тука треба да имаме квалитет, замислете каков треба да биде квалитетот, нивото и експертизата на тие што треба да ги образоваат другите? Кој треба и смее да биде професор, асистент, демонстратор, соработник на самата катедра? Секоја последица има своја причина. Ние само ги живееме последиците на игнорирање и премолчување на очигледниот проблем: начинот на кој се станува дел од самиот систем. И нема еден виновник, туку тоа е сложен систем на влијанија кои свесно или не, намерно или не, го чуваат системот за „своите“, без разлика дали станува збор за непотизам (роднинска линија), кронизам (пријателска линија), партизам (партиска линија), елитизам (негување на наследените елити); резултат на среден рок е девастирачки, а на долг рок фатален.
Од некаде мора да почне решавањето на проблемите. Каде го гледате излезот од оваа состојба?
– Почеток на решавање на било кој проблем е соочувањето со проблемот. Ниту едно соочување не е лесно, но целта на кое било соочување не е конфликт или лична дискредитација, туку општо добро, односно во нашиот случај заштита на културното наследство, кое пак е есенцијата на она што го нарекуваме идентитет. И бидејќи сите декларативно велат дека се грижат за идентитетот, праксата ќе ја покаже нивната вистинска и искрена грижа. Но, основно е системот да се усогласи со европските и светските регулативи, креирањето на добри законски решенија да биде предмет на инклузивност, а не ексклузивност на неколку поединци низ институциите или партиска воља, и голема свест и совест на сите кои се дел од системот, и надвор од него. Процесот на пристапување кон ЕУ ќе биде клучен кон адаптирање и пред сè отворање на нашиот систем, кој е исклучително затворен за соработка, комуникација и прифаќање на добри пракси. Нема лесни решенија на тешки и наталожени проблеми, но во името на ова огромно богатство кое го поседуваме, секој треба да биде свесен за сопствената позиција, како ја добил и која е одговорноста што таа ја носи. Од секој од нас зависи, колку сакаме да бидеме свесни за проблемите и жртвите што ги носи, решавањето на истите.





