Не очекувам сите да се сложат со мојот раат, напротив, би било добро секој да си го најде својот

Јас уживам на сцената, во подготовките, на пробите, во  реализацијата и на крај и во постпродукцијата. Процесите се сложени, но во добро друштво сè поминува полесно и најчесто забавно – вели мултимедијалниот музичар Џијан Емин

Најубавите работи во животот, љубовта, среќата, мирот, разумот, небото, морето, реките, планините, …се бесплатни и не можат да се купат. Една од тие убави и важни работи е и раатот кој може да го создадеме исклучиво само ние самите. Раатот не можеш да го купиш, ниту да го излажеш или измамиш, не можеш да го предвидиш, можеш да флертуваш со него, но најдобро е да му се препуштиш потполно. Раатот ќе ти даде сила и љубов кога мислиш дека најмалку ја имаш. Ќе ти даде разум кога најмногу ти треба. Ќе ги намести срцето и душата на своите места. Сите си имаме свој раат, на различни места и во различни нешта, но чувството е исто….раат – вели Џијан Емин, во најавата за својот концерт што ќе го одржи со оркестарот на Филхармонијата в четврток (1 декември) од 20 часот. Концертот е електро-акустичен и претставува премиера на новиот музички проект на Емин, оваа мултимедијална приказна. Со мултиталентираниот музичар разговараме за патот до музичкиот раат во кој ќе може да ужива публиката за два дена.

Може да откриеме повеќе за програмата на концертот?

– На 1 декември публиката ќе има прилика да слушне моја авторска музика напишана за симфониски оркестар и неколку солисти. На сцената ќе имаме голем симфониски оркестар, а како солисти ќе ни се придружат Билјана Јосифова – сопран, Кире Кузманов – алт флејта и алт саксофон, Петар Христов – лира и сопран саксофон, Трајче Велков – труба, Сашко Николовски – тромбон, Иван Бејков – контрабас и Гоце Стевковски на тапани. Музиката ќе биде склопена во една голема музичка целина која ќе биде проследена со визуелизациите на уметникот Емил Петров. Јас покрај улогата на композитор и диригент, ќе се занимавам и со апликација на електронски звучни ефекти на одредени солисти и оркестарски групи, со цел да се добијат нови звучни текстури и бои. Се надевам публиката ќе ужива во едно вакво комплексно мултимедијално дело.

Избравте многу убав наслов – „Раат“. Ја каните ли публиката да подзастане, да си дозволи убаво музичко доживување?

 – Раат е состојба која е многу посакувана во последно време. Секојдневно сме изложени на најневеројатни ситуации и состојби. Сведоци сме на тотално рушење на сите веќе и онака понижени стандарди за вредност. Во постојана војна сме со самите себеси, со најблиските, пријателите,  другарите, комшиите, колегите… како да сме сите благо споулавени. Постојат многу теории зошто сме во ваква состојба. Јас нема да навлегувам во филозофско објаснување, напротив се обидувам на наједноставен можен начин да укажам на убавината на животот и самото постоење воопшто. Во основа е многу едноставно бидејќи сите состојби како љубовта, среќата, раатот, постојат во нас. Треба само да си ги повикаме и да бидеме подобри луѓе.

Публиката ќе ја слушне мојата верзија на раат. Не очекувам сите да се сложат со мојот раат, напротив, би било добро секој да си го најде својот раат.

Што за Вас е раат? Кои се тие моменти, настани, луѓе што го чинат вашиот раат?

– Мојот раат е секогаш на различни места. Најмногу го сакам оној со најблиските и со другарите, но многу често го наоѓам во музиката која не мора неопходно да биде мирна или спокојна за да предизвика чувство на спокој. Може и да е многу хаотична. Гушкање со децата предизвикува времето да застане, тоа е повисоко чувство од раат. Смеењето со другарите нè подмладува. Љубовта како кралица на сите состојби е врховен раат. Секако и неубавите работи знаат да смират, да нè натераат да размислиме. Раатот е можеби соочување со сам себеси. Расчистување на емоциите или како јас сакам да го наречам „дефрагментирање на чувствата и состојбите“.

Имавте плодна музичка година. Задоволен ли сте од сè што направивте на сцена?

– Секоја година е многу различна и сè поубава. Јас сум благодарен што имам прилика да ја делам сцената со прекрасни луѓе и неверојатни музичари. Изминатава година се случија неколку многу убави настани, меѓу кои би ги издвоил мултимедијалниот настан „Диши љубов“, Трибјутот на Џими Хендрикс со ЗЏМ Биг Бендот заедно со Франческо Беарцати, потоа концертот со Франческо Тристано и европскиот младински оркестра ФАМЕС, соло перформанс и музика за филмот Носферату, Омаж на Александар Џамбазов, Чарли Чаплин – „Детето“ со Филхармонија во Градскиот парк. И уште многу настани на кои се имам радувано како мало дете.

Секако дека сум задоволен. Во мала земја како што е Македонија е многу тешко да се организира еден настан, а не пак повеќе настани кои се комплексни од повеќе техничко-логистички аспекти.

Јас уживам на сцената, во подготовките, на пробите, во  реализацијата и на крај и во постпродукцијата. Процесите се сложени, но во добро друштво сè поминува полесно и најчесто забавно.

Декември ќе биде многу интензивен и активен. После „Раат“, на 8-ми имаме неверојатна прилика да одржиме концерт со ЗЏМ Биг Бендот заедно со фантастичниот и единствен Рамбо Амадеус. На 14-ти следува промоција на новиот материјал на Сашко Николовски, потоа кон средината на декември – настап со групата ШЛИЦ,  на 27-ми традиционалниот новогодишен концерт за деца со филхармонија, каде со Мартин Јорданов ќе одиме на патување со Дедо Мраз околу светот и следниот ден уште еден традиционален новогодишен концерт заедно со ЗЏМ Биг бендот и еден од најдобрите тромбонисти во светски рамки Луис Бонила.

Сакам животот да ми биде исполнет со убави работи и задоволен сум и среќен што таа желба ми се исполнува.  Бескрајно сум благодарен на сите кои помагаат и учествувват во создавањето и креирањето на овие убави настани.

Сподели