Наум Димитриески дипломира на ФЕИТ со 10.00 и доби „Инженерски прстен“

Во родната Струга завршил средно гимназиско образование во ,,Д-р Ибрахим Темо“. Решил да продолжи на ФЕИТ за да си го прошири знаењето во областите на математиката и физиката, со фокус на електромагнетизмот

Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии со просек 10.00, а денес е на постдипломски студии во Ахен, Германија. Наум Димитриески од Струга е еден од добитниците на „Инженерски прстен“ што го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на државата. Со Димитриевски разговараме за неговото искуство и студирањето на ФЕИТ и за неговите идни планови.

Претседателот Стево Пендаровски му го врачува признанието на Наум Димитриески / Фото: Претседател на РСМ

Во родната Струга завршил средно гимназиско образование во ,,Д-р Ибрахим Темо“. Решил да продолжи на ФЕИТ за да си го прошири знаењето во областите на математиката и физиката, со фокус на електромагнетизмот.
– Студирав на насоката Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, насока што ја олицетворува применетата математика во физички системи – вели Димитриески.

Вие сте еден од добитниците на признанието „Инженерски прстен“. За што сте награден?

– Признанието го добив поради континуираниот труд за време на студиите, што резултираше со мојот постигнат успех. Тоа е дополнителен поттик за продолжување на студиите со исто темпо. Почестен сум што ја примив оваа престижна награда. Навистина мене и на моето семејство тоа многу ни значи. Среќен сум што трудот вложен во сопственото знаење беше препознаен и награден на овој начин.

Фото: Преземено од ФЕИТ

ФЕИТ важи за еден од најтешките факултети за студирање. Што беше најголемото изненадување, а што најголемиот предизвик додека студиравте?

– Навистина така се зборува. Дали е вистина не би знаел да кажам, тоа е субјективно. Додека студирав на ФЕИТ доживеав многу изненадувања, од кои најголем број позитивни. Многу ми се допадна студиската програма, но и тоа дека завршив со сегашниот просек. Имаше доволен број предизвици, затоа што секој испит е предизвик сам за себе.

Дипломиравте со највисок просек 10.00. Дали во овој предизвик влеговте свесно или едноставно сè Ви одеше од рака? Преполагавте ли некој испит?

– Не го планирав тоа кога се запишував на факултетот. Дојде само по себе, бидејќи испитите ги сметав за совладливи. Затоа, одлучив да вложам доволно труд и темелно да го сфатам материјалот. Очигледно е дека сум имал добар пристап и тоа резултираше со добри оцени. Преполагав три испити. Пред сè, тоа беа испити каде не бев задоволен со тоа што го покажав на првото полагање, па решив одново да се обидам.

Добитниците на „Инженерски прстен“ / Фото: Претседател на РСМ

Колку ФЕИТ Ве оспособи за практично искористување на стекнатото знаење? Колку излеговте подготвени за следната етапа во животот?

– Тоа е актуелно прашање што го дискутираме со моите колеги. За некои работи факултетот ни даде огромно знаење, додека за други и немаше можност за тоа. Тука дел од вината припаѓа и на пандемијата, бидејќи дел од практичната настава повторно се сведе на компјутерски симулации. Меѓутоа, севкупно, факултетот даде доволно знаење да започнеме со работа во многу области. Еднакво важно на тоа – нè научи како да мислиме и да се самонадградуваме во областите од наш избор. Така, бидејќи факултетот е само 4 години, наше е да продолжиме да се надградуваме во иднина.

Каде продолжувате понатаму?

– Моментална цел ми е да го проширам моето знаење во неколку области – вештачка интелигенција, алгоритми за оптимизација и управување, но и естимација, за да може повеќе да придонесам во работата. Моментално сум на магистерски студии во Ахен, Германија, а во иднина планирам да се запишам и на докторски студии. Целам кон нови методи за оптимизација и управување, применливи во реални системи. Секако тука спаѓаат и машинското учење и вештачката интелигенција.

Од обраќањето на ФЕИТ / Фото: Преземено од ФЕИТ

Зошто го одбравте токму Универзитетот во Ахен за постдипломски студии и кое е досегашното искуство? Во што е поразлично од студирањето на ФЕИТ?

– Го одбрав RWTH Aachen бидејќи е светски признаен универзитет со студиска програма која овозможува специјализирање во областите кои ме интересираат. Би сакал да се заблагодарам на DAAD за тоа што финансиски ми овозможија да студирам во Ахен. Досегашното искуство е позитивно, стекнав многу нови познанства и го надградувам моето знаење. Студирањето во Ахен е различно од студирањето на ФЕИТ, пред сè од аспект на лична одговорност на студентот. Навистина има многу повеќе слобода во текот на семестарот, па личната одговорност е особено важна. Друга важна разлика се платените позиции на факултет, што помага многу за професионално надградување, но претставува и финансиска помош при студирањето.

Што би им порачале на сите што сакаат да се запишат на ФЕИТ? Што ќе добијат, на што да бидат подготвени?

– На секој што би сакал да се занимава со професија која го бара најдоброто од него и притоа е динамична, би му препорачал да се запише на ФЕИТ. За инженери секогаш ќе има потреба, а ФЕИТ обезбедува квалитетно образование за секој што ќе се запише. Секако, патот е долг и се бара многу труд, но мислам дека тоа вреди. На ФЕИТ не се стекнувате само со знаење, туку и со начин на размислување. Токму тој начин на размислување во иднина овозможува совладување на секакви нови предизвици во индустрија или академија. Најважно е да знаеме дека мора да се надградуваме цело време, бидејќи времињата брзо се менуваат.

Сподели