Пајонија, единствениот бренд што во антиката бил на територијата на денешна Македонија

Монографијата „Пајонија и Пајонците – извори, историја и археологија“ неодамна беше промовирана во Свети Николе

На едно место да се претстават сознанијата од долгогодишните истражувања поврзана со Пајонија и Пајонците е целта на издавањето на монографијата „Пајонија и Пајонците – извори, историја и археологија“ која недоамна беше промовирана во Свети Николе. Книгата е збир од интердисциплинарни трудови, во кои се толкуваат литературни и наративни сведоштва, се анализираат најважните археолошки наоди и се прикажуваат најновите достигања во пајонската нумизматика и епиграфија. Проф. д-р Антонио Јакимовски, еден од уредниците на изданието, објаснува зошто се важни вакви трудови.

„Пајонија и Пајонците – извори, историја, археологија“ е насловот на монографијата што неодамна беше промовирана во Домот на културата во Свети Николе. Што содржи книгата?

– Станува збор за зборник на трудови составен од 11 текстови во кои на мултидисциплинарен начин се опфатени повеќе аспекти од Пајонија и Пајонците. Почнува со досега познатите историски извори кои ги обработуваат колегите проф. д-р Војислав Саракински и проф. д-р Стефан Пановски, потоа следува археолошкиот дел во кој за погребните обичаи на Пајонците пишува д-р Александра Папазова, за пајонската култура, развој и генеза пишува проф. д-р Драги Митревски, за керамичката продукција – д-р Силвана Блажевска, За пајонските градови проф д-р Марјан Јованов и за македонската стратегија Пајонија – проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Потоа за нумизматиката на пајонските племиња и пајонските владетели пришуваат проф. д-р Антонио Јакимовски и м-р Александар Илиевски. Епиграфските споменици ги обработува д-р Славица Бабамова, а за владетелската палата откриена на Билазора свој текст дава м-р Јовица Илиев. На крајот м-р Кирил Денковски дава опис на наодите според кои ја има направено тридимензионалната рекоnструкција на храмот пронајден исто така на Билазора. Рецензенти се проф. д-р Ратко Дуев, кој е и промотор на книгата и проф. д-р Бошко Ангеловски. Книгата е веќе е достапна на Репозиториум на трудови на УКИМ на следниот линк: и секој заинтересиран ќе може да ја користи.

Антонио Јакимовски (лево)

Како дојдовте до идеја за едно вакво издание? Која е целта на трудот?

-Идејата е од поодамна, а заедно професорите од Институтот за археологија и Институтот за историја при Филозофскиот факултет успеавме да ја конципираме и да издадеме книгата. Во неа се претставени сознанијата од долгогодишните истражувања поврзана со Пајонија и Пајонците. Целта на овој труд е на едно место да се прикажат досегашните сознанија и со тоа да се поттикнат нови истражувања на оваа тема, која ќе биде од корист на сите наредни истражувачи, интересенти и студенти.

Зошто е битно за македонската наука да истражува и објавува трудови за Пајонија и Пајонците?

– Поради тоа што ова е единственот македонски бренд ако се знае дека најголемиот дел од Пајонија во античкиот период се наоѓа на територијата на денешна Македонија. Свети Николе изобилува со артефакти од културата на Пајонија, а како центар, односно главен град на независните Пајонци е токму тука на градиште Билазора во близината на село Кнежје.

Тим од Филозофскиот факултет раководеше со истражувањата на Градиште кај селото Кнежје, локалитет за кој науката е сигурна дека е Билазора, древната престолнина на Пајонците. Локалитетот лани беше во прилично девастирана состојба. Што се случува таму во моментот?

– По неколку години пауза и целосно запоставување на овој локалитет, пред неколку дена се започнати конзерваторски работи од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, а исто така и од септември годинава се најавени археолошки истражувања на кои носител е Институтот за археологија при Филозофскиот факултет – Скопје во соработка со Народен музеј од Свети Николе. Овие истражувања се финансирани од Филозофскиот факултет во Скопје, Општина Свети Николе и приватни донации.

Каква иднина му посакувате на овој археолошки локалитет? Во каква состојба би сакале да го видите?

– Целта на претходно споменатите археолошки истражувања е тие да прераснат во систематски, на кои ќе учествуваат археолози и студенти од меѓународни археолошки школи и ќе се одржуваат летни археолошки школи, со што целосно ќе ја истражиме и конзервираме акрополата на оваа древна претстолнина на Пајонците. Крајна цел е да го ставиме локалитетот во туристичка и научна функција, која во многу сегменти би придонела за развојот на туризмот и археологијата во општина Свети Николе.

Сподели