Наставникот Иле Михајловски на прием кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

По повод Меѓународниот ден на образованието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера го прими наставникот Иле Михајловски од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Михајловски е еден од 50-те финалисти за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон, со поддршка од УНЕСКО и компанијата ГЕМС Еџукејшн. За наградата биле номининари 5.000 наставници од 89 држави во светот.

Михајловски ја запознал Сиљановска-Давкова со неговата апликација и процедурите за избор, како и со својата тридецениска работа и улога во и надвор од училиштето, преку развој на настава адаптирана за ученици со попреченост, поддршка на децата со социјален ризик, без родителска грижа и во згрижувачки семејства.

Таа му честита на Михајловски и оценила дека изборот во 50-те финалисти е огромно признание и легитимитет за неговата континуирана работа, примената на иновативните методи и постигнатите значајни успеси во образовниот процес. Претседателката ја поздравила севкупната хуманитарна работа на Михајловски, вклучително и поддршката на образовниот процес на деца-онколошки пациенти, како и ангажманот за заштита на животната средина преку реализација на низа проекти заедно со учениците.

Сиљановска-Давкова изразила очекување Михајловски со своето сестрано вложување во професијата, со неговата визија за позитивно влијание во средината, да продолжи да биде пример и инспирација за секој поединец. Обајцата зборувале и за состојбите и предизвиците во основното образование и за можностите за евалуација на наставниот кадар.

Фото: Кабинет на претседателката

Сподели