Иле Михајловски од Свети Николе – финалист за глобалната награда за наставници

Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Свети Николе влезе во 50-те финалисти за глобална награда за наставници (Global Teacher Prize) што ја доделува образовната мрежа Gems education со повеќе од 60 години традиција.

– Чест ми е што сум прогласен меѓу педесетте финалисти на глобалната награда за наставници за образование GEMS, иницијатива на фондацијата Varkey што ја доделува во соработка со УНЕСКО. Глобалната награда за наставници од 1 милион американски долари ги слави извонредните едукатори од целиот свет, препознавајќи ги нивните неверојатни напори да го трансформираат учењето и да обликуваат посветла иднина – вели Михајловски.

Платформата го опишува Михајловски како посветен наставник од Свети Николе кој е светилник на надеж во образовниот систем кој се соочува со многу системски предизвици.

„Неговиот животен пат, обликуван уште од адолесценцијата како дете без родители и страста за уметноста е обележана со непоколеблива посветеност за поддршка на децата од ранливите категории, поттикнување на инклузивно образование и негување на нова генерација на емпатични глобални граѓани. Иновативните наставни практики на Иле имаат длабоко влијание врз неговите ученици, особено оние од маргинализираните групи“, пишува меѓу другото.

Михајловски е еден од тројцата финалисти од Балканот, заедно со Андреја Павловиќ, наставник по математика од Смедерево и Данило Ковач, наставник по историја од Бања Лука.
Михајловски е одделенски наставник во школото „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Училиштето ја сподели убавата вест и му посака среќа во финалето.

– За да се подобри светот, потребно е да се вложи во образованието! Влијанието што го има наставникот кон своите ученици никогаш не може да се избрише. Горди сме на Иле Михајловски, нека продолжи да го прави она што најдобро умее, да ги учи учениците да го сакаат учењето, да биде нивни херој и патоказ кон вистинските вредности – велат од училиштето.

На Михајловски му честитаа и од иницијативата „Најдобар наставник во поранешна Југославија“ во која тој е активен член.
„Ретко која наставната заедница може да се пофали со дури петмина финалисти на престижната Глобална награда за наставници! Овој неверојатен момент дополнително го осветлува квалитетот на работата на наставниците во нашиот регион“, велат тие.

Покрај Михајловски, Павловиќ и Ковач, во финалето за наградата во изминатите години биле и Весела Богдановиќ од Битола и Желјана Радојичиќ Лукиќ од Бања Врујци.

Фото: Global Teacher Prize

Сподели