Трпески ни покажува дека постојат тајни, неискажливи сродности меѓу нештата за кои обично сметаме дека се бескрајно оддалечен, вели академик Влада Урошевиќ
Од печат излезе збирката илустрации и текстуални минијатури „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески. Станува збор за спој меѓу визуелната и книжевната уметност, преку кој Трпески ги поканува читателите во својот креативен универзум. Книгата е своевидно продолжение на неговото дебитантско дело „Метафора – поглед зад огледалата“ и нуди нови психолошки длабочини и надреалистички израз.

Збирката од илустрации и поетски минијатури формираат деликатна, симбиотска врска. Во светот на Трпески, пишаниот збор и визуелната слика се впуштаат во тивок дијалог – секој надополнувајќи го другиот без отворено објаснување. Интеракцијата ги предизвикува читателите да се движат низ слоеви од значење, вовлекувајќи ги во простор каде што свесната мисла се среќава со потсвеста и пошироко.
Според академик Влада Урошевиќ, поет, раскажувач, романописец, спојувајќи го неспоивото, Трпески ни покажува дека постојат тајни, неискажливи сродности меѓу нештата за кои обично сметаме дека се бескрајно оддалечени.
– Низ своите колажи тој докажува (уште еднаш), на еден извонредно убедлив начин, дека светот е исполнет со невидливи врски помеѓу живите суштества, предметите и појавите, и дека целината на тој свет претставува, всушност, една густа мрежа на зависности и поврзаности, која крие во себе значења што можат да се откријат само во исклучителни мигови – низ соништата или, да речеме, низ поетските или сликарските визии – вели Урошевиќ.

Српскиот писател и музичар Марко Шелиќ-Марчело вели дека авторот скромно ги изнесува личните опсервации, не тврдејќи дека се универзално точни.
– За него, тоа се само сопствени (не)разбирања на она што некогаш во училиште се нарекуваше природа и општество, а денес, можеби попрецизно, светот околу нас. Но, дури и површен поглед на неговиот имагинариум ќе ве убеди во општоста на тие набљудувања, а токму тоа е карактеристика на вистинската уметност: говорејќи од себе, за себе, творецот ни соопштува нешто што го препознаваме како колективно. Алхемијата на претворањето на својата вистина во заедничка (па, ако сакате, и обратно). За да се случи ова, потребно е будно око за да ги набљудува деталите на стварноста – а потоа и креативна сила за набљудуваното да се преточи во слика метафора, во досетка што просветлува – вели Шелиќ.

За писателот и книжевен критичар Владимир Јанковски, „Метафора – жито, какол и парчиња стакло е книга што на мошне креативен и отворен начин ги истражува длабочините на индивидуата, мноштвото на јас-то, на себноста.
– Со тоа, оваа книга всушност станува книга што ја истражува и егзистенцијата на нашето време, толку опседнато со сликите и визуелното што се чини дека тие целосно го имаат заземено просторот на нашата колективна меморија и колективна перцепција на она што нè опкружува. Оваа книга го прави тоа на моќен визуелен начин, поигрувајќи си со нашите воспоставени и закостени претстави за светот – вели Јанковски.

Според Филипа Сара Попова, книжевничка и поетеса, книгата го посочува патот кон прифаќањето на трансформацијата (дали личната или општествената) како една досетлива метафора и манифестација на нашето заплеткано повеќеслојно постоење. „Сепак, и покрај страста да се негира, преиспита и пресоздаде реалноста, делото на Трпески, во духот на надреализмот, кој за своја највисока цел сепак ја има љубовта, истовремено ги слави животот и уметноста“, додава таа.
Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник и графички дизајнер со посебен фокус на книжевната илустрација. Добитник е на неколку награди за најдобар дизајн на корица на книга. Предавач е во областа на дигиталната илустрација, основач на креативното студио „Метафора“ и еден од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. За себе вели дека е хобистички трагач и несертифициран, но страстен собирач на метафори.





