„Наспроти плимата“ на „МакеДокс“: И со овој проект Македонија можеше да се најде во потесна трка за „Оскар“

Како еден од основачите на „МакеДокс“, посебно ми е мило што филмот ќе биде прикажан токму во Куршумли ан (вечерва во 23 часот), но многу ми е жал што нема да бидам таму, бидејќи се наоѓам на Далечниот Исток, вели монтажерот Атанас Георгиев

Индиско-францускиот документарен филм „Наспроти плимата“ во режија на Сарвник Каур, на чија монтажа се потпишаа Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а музиката е на Игор Василев-Новоградска, вечерва во 23 часот ќе ја има и премиерата во Куршумли ан во Старата скопска чаршија, во рамките на Фестивалот „МакеДокс“. Филмот доби специјална награда на „Санденс“ годинава, а неговото прикажување во Македонија беше повод за разговор со монтажерите Георгиев и Неделковски.

За Георгиев, меѓународните проекти во последните години се многу чести, дури вели дека некои од нив нема време ниту да ги отвори.

Атанас Георгиев

Георгиев за проектот „Наспроти плимата“ идејата ја добил пролетта 2021 во разговор со кинематограферот Самир Љума, кој му го спомнал дека го видел филмот некаде во рана фаза и дека многу го потсетувал на „Медена земја.“

– Откако по неколку месеци стапивме во контакт, се сретнав со дел од материјалот и веднаш препознав многу силна приказна, која во исто време е и високопрофесионално сработена од техничка страна. Иако работев на повеќе филмови паралелно, им понудив да го преземам и овој проект, кој одлучивме да се работи во нашето студио во Скопје, заедно со Благоја Неделковски, кој ме заменуваше во моментите кога навистина немав време. Заради убавината на материјалот прифативме да работиме по навистина просечни договори кога станува збор за хонорари, но целта беше мојата работа да биде дофинансирана, доколку во проектот влезам како копродуцент – објаснува Георгиев.

Но, работите не оделе толку лесно.

– Во периодот на пандемијата, немаше услови да се патува и немав можност да најдамам сериозно финансиери. Агенцијата за филм, за жал, не го препозна капацитетот на овој проект и затоа не одби, иако им посочивме дека е проект со силен потенцијал. Од тие причини, филмот моравме да го дофинансираме со сопствени средства. Тажни е некои наши необмислени постапки или непрофесионало одрабоени ангажмани или пропуштени можности од незнаење или фаворизирање приоритети. Ете, и со овој проект Македонија можеше повторно да се најде во потесна трка за „Оскари“. Најтрагично, по малку и смешно, нешто (замислете!) проектот Агенцијата го оцени многу ниско, како потпросечен. Со тоа се покажа дека во комисијата или нема вистински процентители или работата е сведена на политика услуга за услуга, што е тажно – потенцира Георгиев.

Благоја Неделковски

По успехот на филмот „Медена земја“ кој се работеше во нашето студио „Филм трик едитинг“, кое е специјализирано за креативна монтажа како на документарни така и на играни филмови, следеле разноразни понуди од странство за соработка. Меѓу нив бил и Agаinst The Tide, вели Неделковски.

– Веднаш по првиот состанок со режисерката и нејзиното презентирање на снимениот материјал, знаевмедека овој филм е за нас и не смее да се пропушти. Снимените материјали едноставно пленеа со синеатска енергија и егзотичност, па јас и Атанас немавме друг избор и го прифативме проектот – вели Неделковски.

На почетокот работеле онлајн, а потоа Каур дошла во Македонија.

– Во еден момент со цел да ù биде продолжена визата и да може да го довршиме, Сарвник ја вработивме во нашата фирма. Така успеавме заедно да ја довршиме монтажата. Не ми се веруваше низ какви сè процедури требаше да поминам за да донесам уметник од Индија во Македонија, само за да можеме да соработуваме на проект од светски размери. Фала Богу, и покрај сите дисторзии, сепак успеавме да го довршиме филмот, без да му се повлијае на квалитетот – вели Георгиев.

Неделковски додава дека материјалот бил многу инспиративен, богат со индиски фолклор и култура и претставувал голем предизвик, а воедно и уживање за работа.

– Како единствен фестивал на документарен филм во Македонија, па и во регионот, по нормален тек на работите овој филм припаѓа тука. И да не бевме ние учесници и автори на филмот, повторно верувам дека ќе беше прикажан на „МакеДокс“ како еден од подобрите докуметарни филмови направени оваа година во светот, бидејќи тоа е целта на фестивалот – да ја претстави најдобрата документарна продукција од светот на скопската публика – објаснува Неделковски.

На прашањето дали можат да се споредуваат условите за работа на монтажа на филм во различни средини, нашите врвни филмски професионалци велат:

– Во Македонија помеѓу филмската фела има висок степен на стручност и подготвеност, но се работи во услови од среден век. Освен квалитетен кадар, секако дека меѓу сите има и слабо талентирани, ништо друго што не опкружува не е како што треба, а поддршка од државата за државните уметници секоја наредна година е се послаба. Што се однесува до условите во другите земји, различен е одговорот за секоја. Што се однесува, пак, до Скопје, нашата фирма успеа да задржи висок стандард и да го одржи континуиттетот на соработка со големи мајстори од светки ранг – вели Георгиев.

Принципите на монтажа на филм се универзални и важат секаде во светот, смета Неделковски.
– Не би рекол дека има разлика во монтирањето филмови кај нас и било каде во светот. Добар монтажер си е добар кај и да е, и во Скопје и во Њујорк и во Шангај или Бомбај. Нешто што се разликува од кај нас и други делови од светот е самата продукција на филмови, нивното снимање, обезбедувањето финансии за снимање и менаџирање, како и нивната дистрибуција.

Како на пример, во Индија немаат Агенција за филм од која авторите ќе повлекуваат средства за своите проекти, треба да се снаоѓаат од приватни инвеститори и спонзори – завршува Неделковски, кој периодов работи на новиот проект на Љубо Стефанов, кој се снима филм во Шутка.

Георгиев штотуку ја заврши монтажата на филмот на Ибрахим Нашаат (Holywoodgate), во тесна соработка со Талал Дерки (Of Father and Sons, Return to Homes) во продукција на Одеса Реј (Navalni), Борис Шејн (Navalni, Fire of Love, The Edge of Democracy, Дајан Бејкер (Navalny). Филмот премиерно ќе ја отвори програмата Out of Competition na Венеција, во друштво со Оливер Стоун, Џанфранко Роси, Сергеј Лозница…

– Минатиот месец во Америка започнав со работа нов филм во продукција на Дарен Аронофски и Сигрид Дјекер. Уште едно ремек-дело на Оливер Скрабил, што се надевам ќе стигне многу далеку. Како сериозно голем чекор или авантура е мојот фокус кон Истокот, односно преместувањето на базата на живеење и творење. Некое време ќе бидам во Шангај, каде што предавам на Шангајскиот универзитет и соработувам со АrteFact Entertainment, со Малколм Кларк и Хи Хан. Со новата екипа заеднички планираме големи проекти, предвидени за наредните неколку години. Интересно е во секој случај се она што се нуди. Животот е непредвидлив, но ако не се откажуваме од плановите, секоја битка е добиена – вели Георгиев.

Сподели