Штом успеваме да „менаџираме“ 35 години, со подеднаква предаденост, пожртвуваност и посветеност, значи дека дека љубовта кон уметноста и кон Галичник, како што му биле водилки на основачот на колонијата, татко ми Нове Франговски, со истиот жар и уште поголема одговорност ми се сега мене, вели Ана Франговска
Уметниците секогаш дискутираат отворено, без предрасуди и доминантност. Сите сме свесни за проблемите со кои се соочуваме, не само ние како држава туку речиси сите земји во регионот, и сите имаат одредена траума која е црвена точка во меморијата која ја бранат или сакаат да ја оспорат. Дали уметноста може да помогне? Не сум сигурна! Но, може да го олесни комуникацискиот лапс, вели Ана Франговска, куратор, историчар на уметност, уметнички директор на колонијата.

Ана Франговска
Почнува 35. издание на Ликовната колонија „Галичник“ што се одржува во едно од најживописните села во Македонија? Имате интересни гости на колонијата годинава…
– Да, убава бројка, убава екипа во најава и очекување на уште една успешна сесија во Галичник. Секоја едиција, своја приказна. На ова јубилејно издание навистина имаме одлична селекција на автори, факт по кој сме препознатливи. Уметниците доаѓаат од различни земји од регионот и пошироко и имаат исклучителни биографии и уметнички кариери зад себе. Еден од нив е Лучезар Бојаџиев, еден од најзначајните бугарски современи уметници со многубројни учества на значајни меѓународни биеналиња и изложби за современа уметност (Истанбулско биенале, Биенале во Киев, Манифеста, Аутострада и многу други); Елиа Калоџани, дел од групата која ја претставува Грција на годинашното 60. Венециско биенале итн.

Лучезар Бојаџиев
Меѓу учесниците е и Кристине Ледерер, од Австрија, значајна уметница со меѓународна кариера која се занимава со феминистичките прашања во денешните „современи општества“; Марина Касианиду, Кипарка која живее и работи на два континента – Европа (Кипар) и Америка (Колорадо) со исклучителни презентации и достигнувања, Дарко Алексовски и Клелија Живковиќ, нашите двајца млади претставници со импресивни уметнички биографии, признанија и изложби; Пољакот Стефан Корначки, добитник на значајни награди за визуелна уметност, а третира проекти кои се занимаваат со јавната средина; Србинката Ивана Хостник, чија неонска уметност постигнува исклучителна видливост и приемчивост кај критиката; Косовскиот уметник Ил Џафери кој го привлече вниманието на меѓународните куратори, па веќе изложувал на Манифеста, а имал и значајни меѓународни проекти и секако младата Софија Димова од Варна, Бугарија, која исто така полека, но сигурно ја освојува бугарската млада современа сцена. Со ваква екипа, чинам дека останува само да се сподели енергијата на Галичник и на организаторите, а успешните резулатати ќе бидат само крунисување на сета синергија на уметниците со природата, различните култури, знаењата, споделените искуства и новите можности за соработки кои се отвораат.
Колективната културна меморија е во фокусот на годинашното издание на колонијата. Што Ве поттикнува да размислувате во овој правец како куратор?
– Ова прашање е сè повеќе актуелно во последно време, и тоа насекаде низ светот каде има „споделените сеќавања“, „споделените истории“, испреплетени и комплексни мемории и настани, војни, геноциди, помирувања… Се дискутира за нив од политички, социолошки, општествен, историски аспект, но сè почесто се користи и во уметноста, бидејќи уметноста отсекогаш била важен медиум за комуницирање на пораки, идеи, предлози, видувања на еден пософистициран начин… Таа критикува, иронизира, проблематизира, иницира, провоцира, но не за да навреди, повреди, омаловажи или намали нечија вредност, туку за да побуди мислење и отворен дијалог.

Истражувачите како Морис Халбвакс, кој го популаризираше концептот на колективна меморија, ја нагласуваат важноста на социјалните рамки на нашите сеќавања. Луѓето се сеќаваат на минатото во рамките на нивните општествени групи, според Халбвахс, и на тоа влијаат фактори како што се семејството, религијата и нацијата.
Второ важно гледиште е она на Пјер Нора, кој го нарекува „les lieux de mémoire“ или „место на меморија“. Локациите, настаните и објектите се прикажани од Нора за да служат како сидра за колективната меморија. Цивилизациите се потпираат на овие споменици за да ја одбележат и оддадат почитта на нивната историја. Физичките претстави на меморијата на заедницата, како што се споменици, музеи и мемориали, овозможуваат јавно размислување и комеморација.
Колективната меморија не е без свои недостатоци. Наративите од минатото може да имаат предрасуди или да нема информации затоа што луѓето имаат тенденција да се сеќаваат на одредени работи поживо, додека забораваат или минимизираат други. Конфликт и раздор може да настанат кога сеќавањата на различни групи за исти настани се спротивставени едно со друго. Колективната меморија е алатка која политичките партии и владите ја користат за да ги оправдаат своите постапки и цели.
Конечно, сложената и постојано променлива колективна култура на меморијата е резултат на интеракцијата на културните практики, институциите и наративите. Во процесот на обликување на идентитетот и општествената кохезивност на заедницата, тоа предизвикува загриженост за манипулација, селективност и конфликт. Навлегувајќи во и смислено анализирајќи ја оваа колективна меморија, можеме да изградиме побогат и поинклузивен поглед на историјата, што е од суштинско значење за учење од минатото и негова примена во сегашноста.

Дело од Ивана Хостник
Уметниците од различни дисциплини – литература, визуелни уметности, театар, филм и музика – играат клучна улога во обликувањето и одразувањето на разбирањето на општеството за неговото минато. Тие го прават тоа со толкување на историски настани, преиспитување на доминантните наративи и создавање простори за маргинализирани гласови.
Затоа ми беше провокација да го поставам овој дискурс како иницијална „провокација“ за уметниците кои ќе учествуваат на овогодинешната јубилејна 35 сесија, бидејќи колонијата е токму пример за отворен дијалог и меѓусебна почит, зачинети со културната сочност и богатство на галичко-реканскиот крај.
Повеќето од уметниците се од регионот, каде културата секогаш се испреплетува и не познава географски, ниту политички граници. Од друга страна токму културата е причина за многу билатерални проблеми во регионот денес. Разговарате ли за овие прашања на колонијата, може ли уметноста да понуди одговори на овие прашања?
– Одлично го поставивте прашање, а јас веќе дел одговорив и во претходниот одговор! Уметниците секогаш дискутираат отворено, без предрасуди и доминантност. Доминацијата не е одговор, ниту став на ваков тип на манифестации, напротив споразумот и дијалогот. Сите сме свесни за проблемите со кои се соочуваме, не само ние како држава туку речиси сите земји во регионот, и сите имаат одредена траума која е црвена точка во меморијата која ја бранат или сакаат да ја оспорат. Дали уметноста може да помогне? Не сум сигурна! Може да го олесни комуникацискиот лапс, може на поинаков начин да допре до пошироката публика и да предизвика реакција што е одличен прогрес во контекст на освествување за колективната културна меморија.
Опишете ни еден вообичаен ден на колонијата… каде сте сместени, кога се будите, кога работите, кога се дружите? Како ви се организирани оброците, со оглед на тоа што Галичник е село што живее само во неколку месеци лете, и нема постојани жители…
– Колонијата се одвива во приватна вила во Галичник, и учесниците живеат како една мала уметничка фамилија во тој период од 8 дена. Интенцијата да се избегне студенилото на хотелското сместување и создавањето на една подиректна и потопла комуникација имаат неверојатна позитивна реакција. Оброците се готват во куќата и најчесто се традиционални македонски специјалитети од кои се воодушевени. Јасно е дека софрата ги сплотува луѓето, оттука квалитетна храна и квалитетно домашно вино се дел од локалната култура и традиција.

Ликовна колонија „Галичник“ 2009 година
Колонијата има своја програма, која вклучува оброци, време за работа; слободни активности; прошетки во природа и откривање на магијата на специфичните коти во Галичник кои имаат своја приказна, видик, доживување; запознавање на значајни монументи, цркви и манастири во околината; доживување на дел од традиционалните локални адети, јавање коњ, прослава на селската слава Преображение ноќта на 18 август со неверојатна ноќна авантура по планината Бистра; презентации на авторите меѓусебе, надополнети со дискусии и споделување на искуства; презентации пред локалната публика; работилници со деца итн. Галичани се секогаш многу заинтересирани да ги запознаат уметниците, да им посакаат добредојде, да ги пречекаат во своите домови, да научат за новите форми на уметност и за новите медиуми и секогаш се покажуваме како добри домаќини.

Ликовна колонија „Галичник“ 2009 година / Фото: Калин Серапионов
Кои се најголемите предизвици денес, за една ликовна колонија да доживее 35. издание?
– Предизвици рој, но штом успеваме да „менаџираме“ 35 години, со подеднаква предаденост, пожртвуваност и посветеност, значи дека дека љубовта кон уметноста и кон Галичник, како што му биле водилки на основачот на колонијата, татко ми Нове Франговски, со истиот жар и уште поголема одговорност ми се сега мене. Најлесно е човек да се откаже, но да се пркоси на сите препреки и да се создаде квалитететен и препознатлив „бренд“ во визуелната уметност, на меѓународно ниво, е подвиг на кој сум пред сè благодарна, а потоа и горда.





