Љупчо Јолевски: Втората книга им ја посветив на моите внуци и нивните врсници

Книгите на Љупчо Јолевски се „текстуални винили“. Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското копи-пејст новинарство. Навезени вистини за едни времиња, гледани од горе, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув, вели писателот и поранешен новинар Дејан Трајкоски за книгите „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ кои неделава беа промовирани во предворјето на црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето.

Делата ги промовира авторот, а Добрила Грашеска, Игор Трпчески, Сашо Поповски и Александра Поповска, со своето учество на промоцијата ја споделија убавина на пишаниот збор, на македонската музика и на македонската култура воопшто.

Јолевски најави дека нема да застане само на овие две книги, туку наскоро ќе следува и трета. Тој рече дека две книги биле негова лична потреба, не да оставам дел од себе, туку дел од македонската култура како документ, како сведоштво за времето што допрва доаѓа.

– Втората е наменета на моите внуци и на нивните врсници кои допрва ќе растат, да знаат што имало овде, на ова тло. Тука сме да ја споделиме мислата, да ја споделиме песната, да го величаме зборот. Долго размислував за оваа моја промоција во Охрид, каде ќе биде, како ќе биде. Им благодарам на „Охридско лето“, на дирекцијата, на сите таму ангажирани, што ми овозможија да излеземе овде пред вас и да кажеме некој збор, да ви понудиме вечер во која ќе го славиме сето она што е убаво, што е вредно и можеби ќе ја запомниме потребата да бидеме блиски и да споделиме срцевина – рече Јолевски.

За книгата „Неправилен ритам“, професорката и писателка Ана Стојаноска вели дека иако делува како место за чување на историјата, е одлична база за чување на сето она што во денешен контекст значи современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување.

Љупчо Јолевски е новинар кој професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник го има добиено и во 1998 година.

Во таа декада и половина, тој со своите текстови бил присутен во ревијата „Екран“, магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“… За својата долгогодишна работа во новинарството, Јолевски лани ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.

Сподели