„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Црвена вода“ од современиот хрватски писател Јурица Павичиќ, во превод од хрватски јазик на Катерина Богоева. Романот доби две високи книжевни награди во Хрватска и дури шест во Франција.
Во „Црвена вода“ е раскажана приказна за исчезнувањето на 17-годишна девојка што ја снемува во една септемвриска сабота во 1989 година по рибарскиот фестивал во мало гратче на далматинскиот брег. Полициската потрага не дава резултати, а околните политички настани – падот на систем, општествените промени и војната – го засенуваат исчезнувањето на девојчето кое за јавноста паѓа во заборав. „Црвена вода“ е роман кој опфаќа период од 27 години и ја следи натамошната судбина на луѓето поврзани во исчезнувањето, од членовите на семејството, осомничените, до инспекторите на комунистичката полиција
Романот „Црвена вода“, кој не е класичен криминалистички роман, е добитник на наградата „Фриц“ за најдобра прозна книга објавена во Хрватска во 2017/18 година. Добитник е и на наградата „Ксавер Шандрор Ѓалски“ на Хрватското друштво на писателите за најдобро прозно дело во 2017/18 година. Беше номиниран за наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман на штокавските јазици во 2017/18 година. Беше
номиниран меѓу најдобрите пет хрватски романи кои се натпреваруваа за наградата на „Т-портал“ за најдобар роман во 2017 година.

Преведен е на германски, француски, италијански и на словачки јазик. Во Франција, каде што беше објавен во 2021 година, се здоби со висока популарност и освои дури шест награди.
„Моќно книжевно дело кое ги надминува границите на жанровите и идеолошките поделби.“ (Денис Дерк)
„Одличен и морничав трилер, но и одлична приказна од малото Мисто! (Јагна Погачник)
„Еден од најдобрите трилери во хрватската литература…“ (Божидар Алајбеговиќ)
„`Црвена вода` е доказ дека сè уште има добри крими романи кои им пркосат на жанровските закони… Навистина одличен роман.“ (Клаудија Шмид)
Јурица Павичиќ (1965, Сплит) е хрватски романсиер, сценарист, раскажувач и новинар. Книжевната репутација ја доби со своите раскази, трилери и криминалистички романи во кои ги меша општествената анализа со мрачната визија за човековата природа и сложените морални ситуации. Добитник е на повеќе книжевни награди.
Во литературата се појавува во 1997 година со општествениот трилер „Овци од гипс“ и тој е првиот роман во Хрватска кој ја третира темата за воените злосторства извршени од Хрватите. Врз основа на романот е снимен филмот „Сведоци“ (2004). Автор е и на романите: „Неделен пријател“ (2000, криминалистички роман), „Минута 88“ (2002, во потесниот избор за наградата „Јутарњи лист“ за најдобра прозна книга на
годината), „Куќата на нејзината мајка“ (2005), „Црвенкапа“ (2006), „Жената од вториот кат“ (2015), „Црвена вода“ (2017), „Синот на Прометеј“ (2020), „Mater dolorosa“ (2022), на збирките раскази „Патна патрола“ (2008), „Брод во дворот“ (2013), како и на книги за филм и книги со есеи и колумни.





