Штипскиот Центар за култура ќе добие сончева централа на покривот

Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип ќе биде првата институција од културата со сончева централа на покривот. Инвеститорот на проектот насловен „Енергетски ХАБ“ ќе има обврска да го санира покривот на објектот, а потоа да ги постави панелите за сончевата централа.

– Согледувајки ги состојбите овие две години како директор во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип и неговата положба и проблемите со кои се соочувал во минатото и денес, а имајќи ја предвид националната стратегија на Министерството за култура, а со цел каде сакаме да го гледаме нашиот центар во иднина или следните 40 години, потребата од модернизација на условите за работа, какпацитетитe и воедно повиски стандарди, по една година работа истражување и подготовки веќе имаме јасна слика од каде да тргнеме и како да ги достигнеме овие цели, вели Горан Трајков, директор на Центарот.

Тој посочи дека првата соларна централа со инсталирана моќност е 220 – 290 kwh со можност за надградување во иднина.

-Ќе биде обезбеден влог од приближно 200.000 евра од приватниот инвеститор. Обезбедени ќе се континуирани приходи од закуп на кровната површина во следните 25 години, со што ќе се пренаменуваат во иднина во подобрување на условите од Центарот за култура. Обезбедена е соларна централа од 40 kwh инсталирана моќност за сопствени потреби со што ќе доведе да можеме да имаме помали сметки за струја и подобри услови при следењето и создавањето на културните настани, рече Трајков.

Забележа дека во делот на екологијата и животната средина ќе придонесат за намалување од два до пет тони CO2 или јаглерод диоксид со што ќе придонесат за почиста и здрава животна средина во Штип. Воедно овој Енергетски хаб во Штип ќе генерира нови приходи и даноци во Општината и државата, но и ќе поттикне отворање нови работни места.

Градежните активности се очекуваат да почнат во март, а веќе во октомври се очекува да почне со производство на енергија од оваа прва сончева централа на кров на една културна институција.

Сподели