Царот денес ќе полнеше 75 години

Денес се навршуваат 75 години од раѓањето на актерот Ѓорѓи Колозов, еден од најомилените актери на многу генерации. Роден во Богданци на денешен ден во 1948 година, а почина на 13 октомври 2003 во Скопје. Неговите толкувања на ликовите цар, чорбаџија, кадија, селанец, Господ, во народни приказни го направија омилен лик во сечиј дом.

Колозов дипломирал на Академијата за драмска уметност (денес Факултет за драмски уметности), на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година. Две години подоцна се вработил во Македонскиот народен театар.

Дело на уметникот Трајче Павлов

На оваа сцена имал остварено позначјани улоги во претставите: „Од многу ум“, „Андрокле и лавот“, „Госпоѓа министерка“, „Чорбаџи Теодос“, „Женидба“, „Воена тајна“, „Мрестење на краповите“, „Слободни врски“, „Валпургиска ноќ“, „Рекламна бајка“ и други.

Неговата популарност била резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирката народни преданија издадени во XIX век од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и други. Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците.

Колозов на турнеја во Москва со МНТ

Почнувајќи од 1984 година, со серијата која првично била насловена како „Легенди и преданија“, па од 1986 до 2003 година како телевизиска серија „Македонски народни приказни“ во продукција на МРТ, имал снимено околу 300 епизоди.

Настапил во повеќе играни филмови како во македонска продукција така и во продукција на „Вардар филм“ во периодот на поранешна СФРЈ, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, „Нели ти реков”, „Истрел”, „Тетовирање„ и други.

Сподели