Наградите се драги, ама најголема награда се насмевките, очите полни со љубов, желбата за знаења

Чест ми е што јас, претставник од Македонија на оваа конференција бев поканета да учествувам во панел дискусија на која говорев за лидерство, за важноста на поддршката од страна на директорот и вработените во училиштето, како и од Општината

Таа е една од најдoбрите наставнички од Македонија, наградени на последната конференција за наставници во екс Југославија, што во октомври се одржа во Требиње, Босна и Херцеговина. Маја Георгиева-Павловски е посветена на просветната работа 15-ина години, како одделенска наставничка во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје. Бројни дипломи, благодарници, награди се дел од нејзиното секојдневние, но таа е наставничка  препознаена со хуманитарните акции со своите ученици, негата на вредностите во животот и проектите за важноста на менталното здравје и негата на менталната хигиена од најмала возраст.

Георгиева-Павловски меѓу учениците е позната како наставничка со златно срце и најубава насмевка. Таа има голем придонес како лидер за гласно говорење за потребата од содржини за менталната хигиена во училиштата. Таа е семеен-системски советник, нејзините ученици велат дека уживаат во учењето преку игра и во едукативно-забавните работилници посветени на емпатијата, другарството, начин на решавање на конфликтите, прифаќање на различностите.

Нејзините ученици велат: „Таа е најдобра затоа што секогаш нè слуша што зборуваме, убаво нè учи преку најинтересни часови, постојано е насмеaна, тука е секогаш да ни помогне доколку имаме проблеми, нè учи да бидеме добри другари, да си помагаме, да се сакаме како едно големо семејство, секогаш зборува многу убаво и разбирливо.

Колку се важни ваквите средби со колегите од регионот, како конференцијата во Требиње?

– Привилегија е да се биде со колеги од поранешните југословенски простори кои имаат постигнато високи резултати во своето професионално искуство и се добитници на многу домашни и меѓународни признанија за својот труд. Средбата со колегите е од голема важност, пред сè, заради размена на искуства. Секој од нас со самото споделување, се мотивира и инспирира да биде уште подобар во она што го прави.

 Во што се состои програмата на манифестацијата?

– ANN_EX_YU е единствена асоцијација од ваков вид, која функционира единствено на ентузијастичка основа и заложба на своите основачи и членови и има за цел да ја афирмира работата на просветните работници од сите нивоа на воспитно-образовниот процес, со цел да се пронајдат најдобрите и најуспешните едукатори, кои ќе бидат мотив и инспирација за сите, кои за своја животна професија ја одбрале професијата наставник. Првиот ден беше свечениот прием. Следниот ден беше Саемот на образованието, на кој имаше можност секој од нас да се претстави индивидуално или тимски да ја претстави својата земја. Јас бев дел од тимската работа со проект „Македонија мотивира“. За нашите мотивациони пораки и креативни активности добивме диплома за најубав штанд со мотивациони пораки. Третиот ден имавме панел дискусија. На дискусијата говорев како претставник од мојата земја на тема „Што можеме заеднo“. Истиот ден беше и свеченото доделување на признанијата за најдобрите. Имавме и прошетки во Требиње, посета на знаменитости, училишта, како и посета на Дубровник.

Кои наставници бевте годинава од Македонија?

– Тимот наставници кој ја претставуваше нашата држава на Петтата Меѓународна конферниција на ANN EX YU, под мотото „Обрaзованието ги брише границите“ броеше 17 наставници од нашата земја од кои пет го понесоа призанието најдобар наставник. Носители на признанието – најдобар наставник на Асоцијацијата на најдобрите наставници од поранешните југословенски просто, освен мене, се: Климентина Петрушевска, градинка „Весели Цветови“, Скопје, Василка Ѓурчиновски, ОУД „Лазар Лазаревски“ – Велес, Станче Штејровска од ООУ „Крсте Мисирков“, Куманово, Хилда Димитриевска, ООУ „Крсте Мисирков“, Куманово. Носител на признанието најдобар директор е Кети Стевананџија, ООУ „Кире Гавриловски Јане“, Прилеп. Ксенија Маказлева Трајчева, амбасадор на ANN_EX_YU, на ова конференција доби признание „Амбасадор за 5“, како најдобар амбасадор кој доаѓа надвор од воспитно-образовниот процес за континуирана поддршка на конференцијата. Исто така, Јелена Мандиќ доби призанание за „Амбасадор за 5“, како наставник кој редовно ги следи и промовира сите 5 конференции.

Се соочуваме ли сите овие земји со слични проблеми?

– Да, сите просветни работници се соочуваме со истите проблеми, меѓутоа на оваа конференција повеќе говоревме за сите позитивни работи кои ги има во воспитно-образовниот процес и за работите кои може да ги направиме да се подобри. Оваа конференција ни ја врати довербата дека сепак постои некој што ги почитува наставниците, нè мотивира да продолжиме со ентизијазам и љубов кон работата како и досега. Секој проблем се надминува само доколку има желба, упорност, трпение, труд, посветеност.

Која е најголемата награда за еден просветен работник?

– Имам добиено многу награди, секоја од нив ми е драга, но најдраго за мене е она што го добивам секојдневно од моите ученици – покрај стекнатите знаења, тоа се: насмевките, очите полни со љубов, најискрените прегратки, желбата за нови знаења, почитта и среќата што се чувствува во училницата. Оваа титула најдобар наставник од Македонија ми е посебно драга бидејќи ја добив од личности кои се професионалци во својата работа, личности кои ја почитуваат улогата на наставникот во животот на секое дете, личности кои го препознаат, почитуваат, вреднуваат трудот на наставникот. На конференцијата се запознав со многу колеги и колешки, стекнав нови пријателства, разменивме искуства. Владееше прекрасна атмосфера исполнета со разговори, соработка и меѓусебна мотивација и инспирација. Чест ми е што јас, претставник од Македонија на оваа конференција бев поканета да учествувам во панел дискусија на која говорев за лидерство, за важноста на поддршката од страна на директорот и вработените во училиштето, како и од Општината.

Посебен акцент на панел дискусијата беше за важноста на менталното здравје. Без ментално здравје нема здравје. Жал ми е што често менталното здравје го ставаме настрана и не го гледаме како приоритет. Ментално здрава личност ги прифаќа своите емоции и се соочува со проблемите користејќи ги своите ресурси, вештини и способности. Неопходно е децата уште од најмала возраст да сфатат дека како што се грижиме за личната хигиена треба да се грижиме и за менталната хигиена преку содржини соодветни за возрасра на учениците.

Убаво ли е чувството кога ваши ученици од претходни генерации ве посетуваат?

– Нема зборови да се опишат емоциите кога ќе дојдат ученици од претходни генераци на кои им значи мојот совет и мислење за некоја одлука, ми значи довербата која е најважна за успешна комуникација. Тоа е уште една потврда дека сум ја оправдала мислата „Советите од добриот наставник ги следат учениците во текот на целиот живот“

Учениците за мене се многу повеќе од оцените и бодовите на тест – тие се богатство во кое уживам многу години. Секоја цел се постигнува само доколку се работи со многу љубов“.

Сподели