Благој Мицевски: Емотивно ја доживувам изложбата на костими што убаво се вгнезди во Офицерскиот дом

Ние сме веројатно единствената земја во светот во која авторите на претставата се вреднуваат помалку од изведувачите, но тоа е долга приказна за системот на вредности, хирархијата итн.

Костимографот Благој Мицевски вечерва во 19 часот во Офицерскиот дом во Битола на публиката ќе и’ претстави дел од своето богато творештво кое прв пат ќе се најде надвор од театарската сцена. Иако и самиот вели дека не е голем поборник за изложување костими надвор од сцената и актерите за кои се создадени, но се надева дека успеал да направи соодветен избор и комбинација на начин што тие не би изгубиле ништо од својата вредност.

Во последните 10-ина години Мицевски работи повеќе надвор отколку дома. Вратите на театарски куќи од Белград, Љубљана, Братислава и други му се ширум отворени.

Може да ни откриете повеќе за концептот на изложбата?

– Изложбата „ОпераДрамаБалет“ се состои од два сегменти. Првиот претставува изложба на 15 костими од претстави по Шекспир реализирани во Народен театар Битола и истите се изложени во просторот на кукли. Другиот дел, пак, се 30 фотографии од опери, претстави и балети што сум ги реализирал кај нас и во странство, а кои публиката немала можност да ги види во живо. Тие ја отсликуваат мојата соработка со режисерите Диего де Бреа и Џон Блондел, како и со кореографката Рисима Рисимкин.

Изложбата е придружена и со каталог со фотографии што се фокусираат на последната декада од мојата тридецениска работа како костимограф.

Какво е чувството да соберете на едно место дел од вашето творештво и да го споделите со јавноста?

– Се радувам што изложбата така убаво се вгнезди во реновираниот Офицерски дом што го паметам уште од моето детство и дека како дел од прославата на 4 Ноември на Општина Битола ја покажува мојата врска со овој град како трајна инспирација, но и како порака дека и од Битола се може да се создаде нешто убаво, порака која секогаш сум ја застапувал. Токму затоа оваа изложба ја доживувам и емотивно затоа што од првата изложба до сега помина толку време и некако се заокружува една авторска уметничка целина. Не сум голем поборник за изложување костими надвор од сцената и актерите за кои се создадени, но мислам дека успеав да направам адекватен избор и комбинација како истите не би изгубиле ништо од својата вредност.

Театарскиот костим живее на театарската сцена. Сметате ли дека кај нас малку се обрнува внимание токму преку вакви настани – изложби да се даде поголем фокус на костимографите?

– За жал, поминавме еден исклучително тежок период со пандемијата која остави голема трага на нас театарските работници која сè уште се чувствува. Тешко се враќаме во форма и ние и публиката, а вакуумот од претстави што се создаде допрва ќе треба да се надополнува. Паралелно со тоа сведоци сме на повеќегодишно минимизирање на значајни културни појави и настани како и една општа незаинтересираност за истите на сите нивоа, а костимографијата е само еден дел од целото. Не очекувам некаков посебен фокус на костимографите со оглед на тоа дека ние сме веројатно единствената земја во светот во која авторите на претставата се вреднуваат помалку од изведувачите, но тоа е долга приказна за системот на вредности, хирархијата итн.

Благој Мицевски (фото: Благој Мустриковски)

Во последните години соработувате со театри од регионот, не само на театаски, но и оперски претстави. Кои ви се најпосебни соработки, искуства на кои сте посебно благодарни?

– За свој врв секако ги сметам соработките со Диего де Бреа во Националните театри во Белград, Сараево, Љубљана, Цетиње, Скопје и Битола, а посебно оперите реализирани во Љубљана и Братислава, каде условите за работа и буџетите за костими ми овозможија да се реализирам на едно повисоко и поинакво ниво кое за сега не е возможно кај нас. На сите што го овозможија тоа им сум посебно благодарен. Секако и на мојот матичен театар каде сум реализирал едни од најобемните и најдобри костимографии како последната за претставата „Артуро Уи“ за која по 14. пат добив награда на фестивалот „Војдан Чернодрински“. На мое големо изненадување и радост годинава сум добитник и за најдобра костимографија за претставата „Хандке проект“ на фестивал во Косово.

На што сте фокусиран периодов?

– До крајот на годината ќе направам костими за претставата „ Крал Иби“ во Битолскиот театар, ќе започнам нов проект со Диего во театарот во Нова Горица чија премиера е закажана за март 2023, а за останатото ќе ги почекаме резултатите од конкурсот на Министерството за култура. Како режисер посебно се интересирам и би сакал да ја поставам на сцена пиесата на Колтес „Денот на убиствата во историјата за Хамлет“, најверојатно како независна продукција.

 

Сподели