Таа ја доби наградата за најдобар и најплоден научник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола
Најдобра награда во животот е шансата да работите на нешто што го сакате и е вредно за работа. Не секој ги има овие можности во животот, вели проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска. Таа ја доби наградата за најдобар и најплоден научник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. УКЛО по повод Светскиот ден на науката за мир и развој, ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24 година.
Ви значи ли признанието што го добивте од вашиот Универзитет – УКЛО?
– Секако, наградата за најдобар научник на УКЛО многу ми значи, таа е признание за досегашните постигнувања, но за мене повеќе е поттик и одговорност и понатаму да ја оправдам. Наградата ми влеа надеж дека во земјава постојат институции и одговорни поединци, кои препознаваат творење, ја ценат науката и се стремат кон прогрес преку научните постигнувања и иновации. Едноставно, ваквите награди се и поттик за другите да работат, творат и бидат свои подобрени верзии во иднина. Но, најдобра награда во животот е шансата да работите на нешто што го сакате и е вредно за работа. Не секој ги има овие можности во животот.

Проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска
Јас сум една од оние луѓе кои имаа повеќе шанси во животот да работат на нешто значајно, да работам со младите генерации и како асистент и денес како професор, но и како истражувач на проекти кои не само што биле значајни за мене туку биле со апликативни вредности и во контекст на глобалните трендови. Оваа награда денес е последица на тие овозможени шанси кои ми беа доверени и мене. И како што некогаш Џ. Салк рекол: „Наградата за добро завршена работа е можност да се сработи уште повеќе“. Верувам дека ќе ја оправдам и ќе продолжам да работам со исто темпо, т.е. не застанувам со наградава како триумф за завршено дело.
На што сте фокусирани во Вашата научна дејност во последните години?
– Во последниве години работев на повеќе проекти или трудови од областа на напредни материјали и композитни материјали за различна употреба. Материјали со подобрен сет на карактеристики кои би се употребиле за технички апликации: еколошки материјали, композитни материјали за резервоари за сторирање на водород (гас припадник на листата на зелени енергии и агенди), одржливи материјали кои можат да се користат како материјали во допир со храна, или пак материјали добиени од отпад, а сепак се добри адитиви или додадена вредност на други (нови) производи. Сакам и се трудам да ги следам новите светски трендови и иницијативи кои водат до одржлива иднина и за доброто на сите – и за луѓето и за планетата, вклучувајќи ги истите и во моите концепти како зелени/одржливи решенија во процесната индустрија, прехранбениот сектор, енергетиката и пошироко.
Верувате ли дека науката во Македонија може да биде на позавидно ниво?
– Да, верувам, и тоа мислам ќе се случи за некоја година. Навистина имаме одговорни и интелигентни луѓе во државата, кои едноставно треба да ги заземат вистинските позиции и да управуваат со одделните сектори одговорни за науката и образованието. Но пред сè, треба да размислиме за младиот кадар кој се одлева од државата. Тоа не треба да го дозволиме бидејќи човековиот потенцијал е најважен, не се создава бргу. Напротив, потребни се декади за да ги образуваме и не треба да дозволиме преку ноќ да си заминат од земјата. Оптимист сум дека еден ден ќе имаме софистицирани лаборатории и опрема. Но, можеби не ќе имаме кадар кој што ќе работи и управува со научните и академските институции во државата. Затоа, треба да се зачува човечкиот капацитет во државата, а потоа и да се најдат приоритетите во државата базирани на нашите ресурси за постепено да се вложува во нив, со изградба на соодветни институции за научно-истражувачка работа, опрема или доопремување на постоечките капацитети.

Но, секако битен елемент не е само задржување на младите во државата, туку и понуда на солидни програми кои би ги привлекле младите генерации да студираат тука, да имаат доволен предизвик да го вложат својот потенцијал за оваа земја, и едноставно да живеат добро и рамноправно како и нивните колеги од развиените земји. Потребен ни е систем кој ќе препознава и вредности и научен потенцијал кај младите и истовремено ќе вложи во нивна наобразба и усовршување, да им создадеме систем на еднакви можности, за да се чувствуваат потребни за напредокот на земјата. Едноставно, треба да ги вградиме во нашата иднина, како што и познатиот Рузвелт некогаш изјавил: „Не можеме секогаш да изградиме иднина за младите, но секогаш можеме да ги вградиме младите во нашата иднина“. Без овие елементи нема да може да тргнеме во создавање на нови вредности кои би имале значење и за нас, и за помладата популација, но и за нашава земја, а се прогресивни и во контекст со глобалните трендови.
Како науката стана интересна за Вас уште во периодот на средно училиште, а и понатаму во сите фази на доусовршување?
– Сето тоа го препишувам не само на мојата лична љубопитност и интерес, туку и на поддршката што ја имав во секое време од моите родители, но и на добрите учители и професори. Почнувајќи од основните одделенија, имав прекрасни учители кои немилосрдно се трудеа да ни го споделат знаењето. Беа несебични и беспрекорни, и иако со лимитирани ресурси се трудеа сè што знаат да го пренесат на нас, учениците. Гледајќи од денешен агол, учителите направија голема разлика во мене, а не училниците во кои седев и следев настава. Како што некогаш и К. Ататурк рекол: „Добриот учител е како свеќа – се троши себеси за да го осветли патот на другите. Тоа продолжи и во средното училиште, каде осознав дека сакам да продолжам да се наобразувам во областа на хемијата, математиката и новите технологии. Среќна сум што продолжив на Технолошко-металуршкиот факултет (УКИМ) во Скопје каде имав добри професори од кои научив многу, а потоа истото продолжи и на Универзитетот на Рочестер (Рочестер, Њујорк, САД).

Неизмерно сум благодарна што изборот падна на овие факултети и на сите професори кои ми го покажаа патот во научните води. Денес можам да кажам дека многумина не можат да видат колку се брилијантни или кои вредности ги поседуваат, бидејќи немале можности да бидат покрај драгоцени наставници кои верувале во нив. Но, ете, јас ја имав таа можност. Во оваа насока ќе го пренесам и мотото на Универзитетот во Рочестер: Meliora (лат.) или „Секогаш подобро!“.
Зошто тешко ни успева да ги убедиме девојките да се занимаваат со наука и дали сметате дека тие тенденции се менуваат во последните години?
– Нашите ќерки, сестри, сосетки и пријателки треба да знаат дека научната кариера иако не е лесна и бара многу жртви и откажувања, сепак е многу исполнителна. Секако, ова зависи од личноста – од личните интереси и способности, но е можно девојките да успеат во науката, а чувството на творење, на создавање нешто ново, е неописливо. Лично го искусив ова, и воопшто не жалам, но има и многу други девојки и жени околу мене, кои исто така се успешни во науката, давајќи значителен придонес. Историјата ни кажува дека пред еден век навистина било тешко за лица од женскиот пол да се докажат во научниот свет, кој предоминантно бил составен од мажи, но денес тоа не е случај. Досега никогаш не сум почувствувала понизок степен на евалуација кон мене, или понижување, или дека сум со пониска вредност во споредба со машки колеги кога сум работела и соработувала во такви тимови, било тоа да е на моите претходни работни места во Армијата на Р. Македонија (АРМ), во компанија или на Универзитетот. Секогаш седев на иста маса за дискусии, учествував рамноправно и во застапување на мој став во научни дискусии кои биле честопати и прифатени. Сега знам дека сликата за женски научници од пред еден век е сменета. Не знам статистички податоци, но верувам дека има значителен број на женски научници на светско ниво, и со некои од нив и контактирам. Моја препорака до младите девојки е да веруваат во себе.

Тешкотии се појавуваат, но ова го кажувам од денешен аспект гледајќи наназад во мојот живот. Токму тие потешкотии ме направија појака, поиздржлива, уште помотивирана да успеам во мојата цел и детерминираност секој ден да бидам подобра верзија, и во трка со самата себеси. Иако е тешка професија, производите од науката се непроценливи: се занимавате со нешто знаејќи дека придонесува за подобро утре, да подобрите нешто во животот, да пронајдете лек за некоја болест, одговорите на глобален предизвик, на пример – загадување или олеснување во друга сфера во животот. Едноставно оставате подобар свет зад себе. Затоа верувајте во себеси; тешкотиите не треба да ве запрат во исполнување на вашите соништа да бидете научник. Верувајте дека на патот ќе наидете и на некој кој ќе ви помогне и ќе ве поддржи во идејата, но треба да бидете „отпорни“ на времето и пречките на патот. И впрочем, храброста не е отсуството на стравот, туку победа на стравот.
Имате и ваши патенти. Може ли да ни подобјасните за што станува збор?
– Во текот на моето школување на Универзитетот во Рочестер имав можност да работам во Лабораторијата за ласерска енергетика (Laboratory for Laser Energetics), една од трите лаборатории од ваков тип во светот. Опременоста во лабораторијата за материјали ме остави без здив на самиот почеток, запознавајќи го сето она за кое дотогаш имав слушнато или теоретски научено, но без практично искуство. Мислам брзо се вклопив и во таа средина, и во тек на првата година се роди првата иновација која се прелеа и во патентна апликација за обликување на полимерни честички од холестерични течни кристали (polymer cholesteric liquid crystal flakes) во детерминирани микронски димензии и форми наменети за дисплеј-индустријата. Тоа не беше до тогаш направено. За оваа цел јас ја искористив техниката на мека литографија (soft lithography), која претходно се користеше само во полупроводничката индустрија. По неколку години, имав потреба да ги управувам овие микронски честички во електрично поле. За таа цел почнав со допирање на полимерната матрица со најразлични честици (допанти) од микро до нано димензии, креирав на некој начин композитни материјали и ги испитував /ориентирав во погодна средина со помош на електрично поле за да постигнам електро-оптички ефект (темно-светло поле). Тоа беше мојот втор патент – интенцијата беше апликација за флексибилен дисплеј во боја кој може и да се преклопува (е-книга). И сето останато е историја. Докторирав и се вратив во земјава. Но, продолжив и со други иновативни походи, некогаш сакав да направам заштита на индустриска сопственост и овде во земјата, но оди потешко пред сè поради финансиски причини. По докторирањето имам уште два патента – едниот е издаден, а другиот е во фаза на одобрување.
Колку е важно за студентите во Македонија да имаат можност да се среќаваат со светски научници, како што беше ланското гостување на нобеловецот проф. д-р Дан Шехтман од Израел?
– Средбите кои ги остваруваме за време на студиски престои, конференции или посети на академски институции или научно-истражувачки центри во странство, се значајни – отвораат нови можност и сознанија како работи останатиот свет. Токму тие искуства треба да ги споделуваме со нашите студенти, за да ги прошират своите видици. Размената на идеи и знаења е драгоцено, така беше и минатогодишната посета на д-р Шехтман на нашата земја на моја покана. Понекогаш младите немаат можност да присуствуваат на конференции каде професори или научници одржуваат предавања. Тоа беше мотивот да го замолам проф. Шехтман да дојде, да ја посети нашата земја и да оствари средби и предавања во различни академски средини. На тој начин, со помош на неколку институционални спонзорства од земјата, овозможивме многумина, пред сè и младите генерации да се сретнат и да поразговараат со него лично. Тоа беше голема шанса за сите нас. Тоа е она што и ќе ни остане во нашите мемории долго време, верувам како позитивно искуство. Научив дека луѓето ќе заборават што сте кажале, што сте направиле, но никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат (М. Ангелоу).

Проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска и проф. д-р Дан Шехтман
Проф. Шехтман не е единствениот со кој сум била во контакт и сум имала разговори; во Рочестер претходеле и други вакви средби со многу нобеловци од различни професии. Се трудам да поканам и други вредни професори од светот и да направиме заедничко дружење во земјата, верувам ќе има вакви можности и во иднина. Цврсто верувам дека може да направиме добра перспектива за младите овде во Македонија, но понуда од добри и компетитивни образовни програми, вработувања и почит кон нив мора да постои. На крај ќе завршам со мислата на Х. Форд: „Секој кој престанал да учи е стар, сеедно дали е 20 или 80 години. Оној кој постојано учи останува млад.“





