Нобеловецот проф. д-р Дан Шехтман од Израел утре од битолскиот Универзитет ќе го добие додели почесното звање Professor Honoris Causa. вели проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска
Посетата на врвни светски научници се многу важни за нас како академска заедница, но и за државата. Така ја зголемуваме и нашата видливост и промоцијата надвор од границите на нашата земја и покажуваме дека постојат вредни кадри во државата кои успеале да привлечат научници од светски калибар да дојдат овде, да промовираат наука и знаење и да го споделат тоа со младите генерации, вели проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска, професор на Технолошко-технички факултет – Велес при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Таа е главната врска со Нобеловецот проф. д-р Дан Шехтман од Израел кој деновиве е во посета на Македонија. Утре битолскиот Универзитет ќе му го додели почесното звање Professor Honoris Causa.
Проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска
Нобеловец од областа на хемијата неделава е во посета на Македонија. Тој досега одржа предавања на Институтот за хемија и во Македонската академија на науките и уметностите. Вие имате директна врска со неговото доаѓање… Како дојде до организација на оваа посета?
– Да, проф. д-р Дан Шехтман од Израел, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2011 година е во Македонија и притоа оствари средби и предавања на повеќе институции во државата. Вообичаено ваквите посети почнуваат со лични контакти и прераснуваат во долгогодишни соработки, пренесување на знаењата, размена на искуствата меѓу институциите, универзитетите, итн. Тоа е многу важно за нас како академска заедница, но и за државата бидејќи на тој начин ја зголемуваме и нашата видливост и промоцијата надвор од границите на нашата земја. Истовремено покажуваме дека постојат вредни кадри во државата кои успеале да привлечат научници од светски калибар да дојдат овде, да промовираат наука и знаење и да го споделат тоа со младите генерации, не само како лично искуство што им донело врвни резултати, туку и како начин на креирање на сопствената иднина, со силна верба во својот сон.
Д-р Шехтман (1985) на состанок каде го објаснува неговото откритие т.е. атомската структура на квазикристалите
Како почна вашата соработка?
– Сé започна пред неколку години, кога на научна конференција одржана на Кипар во октомври 2019 (SIPS 2019), се запознав со проф. д-р Шехтман и лично го поканив да дојде и да ја посети Македонија. Тој веднаш ја прифати поканата и по неколку месеци почнавме планови за организирање на неговиот престој во земјата. Но, поради пандемијата од ковид-19 и затворањето на границите, посетата не се оствари. Ова е првата следна прилика после тоа, и тој е во посета на нашата земја во овој миг.
Кој настан би го издвоиле како посебно значаен при оваа посета?
– Професорот Зоран Здравковски ја објави посетата на Нобеловецот Шехтман, како и настаните кои Дановиве се одржаа во Скопје на Природно-математичкиот факултет при УКИМ и секако, конференцијата во МАНУ. За нас од посебно значење е еДан врвен академски чин што во рамките на оваа посета ќе се случи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), со доделувањето на почесното звање на проф. д-р Шехтман, Professor Honoris Causa, утре во Битола.
Проф. д-р Шехтман
За првпат во историјата на државата еден Нобеловец ќе добие и почесна титула на наш Универзитет. Посебна е заслугата за ова на Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, којшто ја прифати иницијативата, ја спроведе процедурата за доделување почесно звање, и заедно со својот тим, преку една посебна церемонија, пред академската и научната јавност, ќе му ги врачи универзитетските инсигнии на д-р Шехтман, со што ќе му обезбеди почесно место во академската заедница на УКЛО.
Проф. Шехтман доаѓа од Израел, држава со која Македонија негува пријателски односи. Но, има и друга поврзаност со УКЛО.
– Овој чин има и друг аспект што е исто така многу важен за сите нас, за нашиот Универзитет. Пред неколку месеци УКЛО потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Бар Илан“ од Израел, каде проф. д-р Шехтман е исто така почесен професор. Со тоа се надоврзува соработката на академско ниво и заложбата за продлабочување и негување на долгогодишните традиции и врски со Израел. Не помалку важен е и фактот дека Битола била и останува космополитски и град на конзулите, каде што се негуваат традициите и се почитуваат сите народи и националности.
Проф. д-р Трајковска-Петкоска и проф. д-р Шехтман, Кипар 2019 година
Зошто овие соработки се важни за универзитетите и за државата?
– Би сакала да сме домаќини и организатори на вакви и слични настани почесто во земјата. Ако работиме тимски можеме многу повеќе да сработиме и одработиме за нас како академска заедница, но и за доброто на државата. Исто така, би сакала да науката и академскиот развој на државата одат по нагорна линија, но во вистинскиот правец, квалитетно и издржано она што е потребно на државата, а сепак по светски терк и во тренд со глобални случувања и состојби. Потенцијалот го имаме, ресусрите се тука, едноставно треба правилно да ги насочиме и искористиме соодветно. Ќе ги искористам зборовите на познатата Марија Кири: ,,Ништо во животот не треба да не плаши, едноставно треба да се разбере. Сега е време да осознаеме повеќе, за да се плашиме помалку.“