Стихозбирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска ја доби наградата „Антево перо“ за 2025 година. Изборот едногласно го направи тричлена жири-комисија во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Поезијата на Андоноска ќе биде испечатена во книга, како дел од наградата.
И оваа година, комисијата имаше тешка задача да направи селекција на поетските дела кои се издвоија со својата автентичност, сензибилитет и поетски карактеристики, велат организаторите.
Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ традиционално ја доделува и наградата „Антев златник“ која оваа година, комисијата одлучи да им припадне на: Анета Велкоска Ода, за збирката „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“ и Владо Јаневски за збирката „Молкозбор“.
Наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазикја добија Софија Тодороска за „Првото утро на цутарот“ и Вероника Димоска за збирката песни „Омеѓување“.
Во образложението за наградата за поезијата на Андоноска, стои:
„Трагањето низ сопствената, лична историја понекогаш значи да се нурнеме толку длабоко што ќе дојдеме до сржта на сопственото битие. На тоа патување не сме сами зашто зборот нè следи постојано бидејќи тој е изворот на сè. Токму таква генеологија сугерира ова инспиративна поетика од која е создадена збирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска и заради тие квалитети сосема заслужено ја понесува наградата „Антево Перо“ за 2025 година. Поетскиот израз на Оливера Андоноска е создаен од јасни поетски слики надополнети со графички интервенции кои одлично комуницираат со поетскиот текст и придонесуваат во создавањето на една целосна слика за пораките кои се пренесуваат. Балансираната употреба на поетските изразни средства создава поезија која е ненаметлива, навидум едноставна, но која има внатрешна, скриена порака која остава на читателот самиот да ја пронајде и соодветно на сопствените искуства и познавања на нештата да ја декодира.
Употребата на универзалните симболи отвора можности за бројни интертекстуални читања од кои дел се сугерирани од самата авторка, а дел можеме да ги пронајдеме, пред сè во македонската книжевност, но и во делата на светските книжевни великани. Преку употребата на симболот на Ева, Андоноска нема за цел да го истакнува женскиот принцип во чиста феминистичка смисла. Нејзината цел е да укаже на унијата на машкиот и женскиот принцип, на заедништвото на духот и душата кои потоа се отелотворуваат во плодот на нивната љубов – детето. Таа унија има корен во ѕвездите, ќе каже Анте Поповски и со помош на зборот, кој е целиот универзум и целиот вруток од кој е создаден светот кој го поимаме како таков се пренесува пораката на предците. И во Антевата „Света песна“, Ева и Адам се единство кое, иако е обременето со првиот грев, сепак љубовта е таа која создава универзални вредности и која е нераскинлив дел од тоа единство. Меѓу сите нив е детето и неговото детство во кое, зборот е семето и од него се раѓаат универзуми на едно постоење. Целовитоста на нештата никогаш не е еднострана. Таа не е Јас, туку е Ние, било да се работи за мајката и детето, за мажот и жената, за темнината и светлината, за денот и ноќта. Затоа, сите сме Ева – душата што е во единство на духот, на мноштвеното Едно.“





