Екипата на „Диџеј Ахмет“ го промовира филмот на Сараевскиот филмски фестивал

Филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски синоќа ја имаше својата фестивалска премиера во Сараево. На црвениот тепих на најпрестижниот филмски фестивал во регионот и пошироко, зачекори дел од екипата на филмот. Тие отпосле ставија и свои потписи на нивните портрети во фоајето на Народното позориште во Сараево. Ова е голем успех за македонската кинематографија, со оглед на тоа дека ретко имаме филм во официјална селекција на овој фестивал

Георги М. Унковски

Во Сараево филмот го промовираа режисерот Георги М. Унковски, актерите: Ариф Јакип, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим, продуцентот Иван Унковски и други.

Ариф Јакип

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот „Санденс“ каде освои две награди. Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село на Јуруци во Македонија, наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг.

Дора Акан Златанова

Снимањето на филмот траеше 36 дена кон крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и македонски јазик.

Филмот ќе ја има македонската премиера на 26 септември во Битола, на затворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Фото: Сараевски филмски фестивал

Сподели