Награда од публиката за „Стела“ на Филмски фестивал во Индија

Филмот за деца „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ освои сребрена плакета од публиката на Chinh India Kids Film. Инициран по повод 60-тата година од независноста на Индија, Chinh India Kids Film е иницијатива за славење на знаењето, идеите и перспективите за културата, развојот и образованието во контекст на детскиот развој. Целта на 15. Chinh India Kids Film Festival да се всади вкус за квалитетна детска програма и да се генерира свест за новите жанрови, иновации и формати кои го поврзуваат образованието со прашањата за култура и развој кај децата. Во Chinhn India Kids Film Festival, мислењето на децата е важно и тие одлучуваат за победниците на филмскиот фестивал, и токму затоа успехот на „Стела“ и добивањето на сребрена плакета е огромен.

Во реализацијата на овој прв и единствен македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, за прв пат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо  Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна.

Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), српската продукција „Акција Продукција“ (продуцент: Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (продуцент: Никол Акерман). „Стела“ беше препознаен како проект од исклучителна важност и доби финансиска поддршка од Агенцијата за Филм, „Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија, а горд спонзор на филмот е и „Витаминка“.

„Стела“ е приказна за едно куче, шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилчично, но не е. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради булинг во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори.

Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти. Оваа награда е 3-та награда по ред кој тој ја освојува за филмот  „Стела“.

 

Сподели