Џијан Емин: Индивидуализмот секогаш наоѓа начин, но ни фали добар систем за создавање кадри што ќе ја продолжат џез културата

На концертот утревечер ќе биде изведена музиката од мојот нов албум со наслов Dzijan Emin & The Magical Orchestra – Live in Ohrid. На албумот има дел од концертот кој е снимен во Античкиот театар во Охрид пред две години.

Џез музиката во Македонија доживува своевидна револуција. Ентузијастичното обединување на џезерите во нивното здружение и состабот ЗЏМ Биг бенд веќе ги води кон ѕвездите, се редат успешни настапи со светски имиња. Последниот беше во Загреб, со големата легенда Крис Елинг. Диригентот, оркестратор, композитор Џијан Емин е дел од оваа успешна приказна. Утревечер во 20 часот, ќе се случи концертната промоција на албумот Dzijan Emin & The Magical Orchestra – Live in Ohrid. За тоа што ја очекува публиката, но и за состојбите со изучувањето на џез музиката или популарните жанрови во Македонија, разговаравме со маестро Емин.

Со ЗЏМ настапивте во „Ватрослав Лисински“ – престижна концертна сала, со уште поголема легенда, Курт Елинг. Ве постави ли овој настап на повисоко ниво?

– Да се настапува со Курт Елинг, кој има две „Греми“ и еден куп други награди, е секако врвно доживување. Курт Елинг е еден од најдобрите џез вокали на денешницата и тој епитет не го носи случајно. Би рекол дека тој не е само пејач, туку вистински уметник кој гласот го користи како виртуозен инструмент. ЗЏМ Биг бендот настапи на 12. издание на Загрепскиот џез фестивал во прекрасната сала „Ватрослав Лисински“ заедно со Курт Елинг. За нас како состав ова беше многу битен настан, бидејќи беше еден од посериозните досега на меѓународната сцена. ЗЏМ Биг бендот има искуство со настапи на големи ѕвезди како што се Дон Менза и Зиги Фајгл, но сепак некако ова имаше големо значење за нашиот развој воопшто. Вложивме голем труд и многу енергија во подготовките. Концертот помина навистина добро со огромни насмевки на лицата на сите музичари и секако на публиката.

Курт Елинг и Џијан Емин (фото: Давор Хрвоје)

Хрватската критика навистина не криеше комплименти. Ви се отвораат ли полека, но сигурно вратите на меѓународната сцена?  

– Со самиот факт што остои Биг бенд независна формација во Македонија, би рекол е чудо само по себе. Дополнително е голема среќа што во составот имаме неколки фантастични инструменталисти, лидери и познавачи на биг бенд културата. Ние работиме со големо внимание и голема желба овој состав да опстои пред сите предизвици кои се појавуваат пред нас и така ќе продолжиме. За нас најголема награда е вистинскиот искрен аплауз од публиката. На наше големо задоволство многубројните критики од хрватските медиуми помогнааа за квалитетно расположение. Курт Елинг на првата проба беше многу пријатно изненаден од нивото на нашиот биг бенд и весел ми кажа „ова ќе биде навистина лесна проба“. Од организаторот на фестивалот веќе добивме неколку понуди за настап со други големи ѕвезди од светот на џезот и во наредниот период ќе следат убави настани.

Утревечер е закажан вашиот следен концерт, Magical Orchestra. Може ли да ни откриете повеќе детали?

– На концертот ќе биде изведена музиката од мојот нов албум со наслов Dzijan Emin & The Magical Orchestra – Live in Ohrid. На албумот има дел од концертот кој е снимен во Античкиот театар во Охрид пред две години. Дополнително ќе биде изведена премиерно и дел од музиката од новиот албум кој веќе е снимен и чека момент на негово официјално издавање. Тешко ми е со зборови да ја објаснам музиката која ја создавам, но искрено се надевам дека публиката ќе ужива во нашиот настап. На концертот ќе свират музичари од ЗЏМ, Филхармонијата и Националната опера и балет.

На 26 декември е закажан концертот со наслов „Филхармонија патува во вселената“, кој Вие ќе го диригирате. Што да очекува публиката?

– На мое големо задоволство добив прилика да диригирам симфониски концерт за деца, нешто што во изминативе две години недостасуваше, најмногу поради неможноста на организирање на концерти поради пандемијата. На програмата ќе бидат изведени „Планети“ од Густав Холст, за кои посебни анимации ќе подготви Емил Петров и како главен аниматор ќе се појави Мартин Јорданоски. Тоа ќе биде едно убаво патување низ нашиот Сончев систем. Концертите за деца на филхармонија се многу убави настани и ги препорачувам на сите кои досега немале можност да бидат дел од вакви концерти.

Интересот за изучување на џез музиката кај младите расте. Имаме ли добра академска логистика за тоа? Не се добива некое чувство дека музичките академии и во Скопје и во Штип вложуваат доволно за популаризација на овие насоки – популарни жанрови, ако се знае дека во последните две години оваа насока на ФМУ е во мирување.

– Интересот за изучување и воопшто слушање џез или креативна музика е во сигурен пораст. На музичките факултети во Скопје и Штип работат сериозни етаблирани професори и музичари. Каков е процентот на успешност не би можел да кажам, но знам дека студентите и професорите страдаат заглавени во непотребна администрација, каде што се губи фокусот на изучување на музиката како наука. За жал, отсекот на популарни жанрви на ФМУ Скопје е ставен во мирување веќе некое време од нејасни причини. Сè уште сметам дека немаме добар развиен систем за подготвување на нови кадри кои би биле носители на дејноста во иднина. Индивидуализмот секогаш наоѓа начин, но јас сметам дека систем е повеќе од неопходен.

Што Ве очекува после „Magical Orchestra“?

– Следен настап на ЗЏМ Биг бендот ќе се случи на 1 декември, каде во улога на диригент ќе се појави големиот Зиги Фајгл. На програмата ќе биде изведена музика од фантастичниот и неповторлив Френк Запа. Кон крајот на декември ќе го одржиме веќе традиционалниот новогодишен концерт на ЗЏМ Биг бендот кој ќе се случи на 29 декември. Некаде во средината на декември со еден дел од ЗЏМ ќе бидеме дел од музичката драма „Улица“, која ќе биде изработена по текст на Славко Јаневски. Наредната година со Филхармонија ќе реализираме неколку мултимедијални проекти, меѓу кои и „Диши љубов“, нешто што го очекувам со голема возбуда. Потоа концерт со Ана Кап, Франческо Тристано и неколку сериозни нови авторски проекти под капата на ЗЏМ за кои ќе има наскоро најава.

Фотографии: Маја Аргакијева

Сподели