На студентите им фали пракса, неспремни за работа ги завршуваат студиите

Три документи произлегоа од истражувањето „Квалитетот на наставата во високото образование“ на Независниот академски синдикат (НакС)

Какви се студентските перспективи, како да се постигнат повисоки стандарди во високото образование и во науката, како достигнувањата на академскиот кадар практично да се примени во секојдневието на земјава. Ова се трите фокуси на комплексниот документ „Квалитетот на наставата во високото образование“ на кој подолго време работеше Независниот академски синдикат (НакС). Поделени во групи, ангажираните членови подоготвија три аналитички документи во кои прецизно ги посочуваат состојбите и предлагаат конкретни решенија како да се надминат проблемите. За овие прашања разговараме со проф. д-р Мира Беќар од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Мирјана Најчевска и проф. д-р Петар Атанасов, двајцата од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ.

Во подготовката на документот „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“, покрај Беќар, учествуваа и проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева и Борјан Ефтимов. Според Беќар, студентите веруваат дека за да се смета образованието за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување на практична настава. Еден начин за надминување на проблемот е студентите да имаат поголемо влијание, кое во моментов е минимално или непостоечко, за подобрувањето на содржините на студиските и предметните програми, како и начинот на изведувањето на наставата.

Проф. д-р Мира Беќар

– Да не заборавиме дека и високообразованите установи не се насочуваат многу кон блиска соработка со институциите и компаниите за да ги осознаат нивните реални потреби. А и компаниите, како претставници на приватниот сектор, но и Министерството за образование и наука, како претставник на јавниот сектор каде се вработуваат многу студенти како наставници, експерти или админстрација, треба да одржуваат некои презентации на кампусите и да ги претстават своите активности и планови за развој на одредени струки – објаснува Беќар.

Мира Беќар: Не би ја обвинувала короната за сè

Таа додава дека друг начин за надминување се однесува особено на третманот на резултатите од самоевалуациите, т.е., анкетите, што се задолжителна обврска за студентите. Сепак, искуствата се различни за тоа како овие резултати влијаат врз градењето на политиките и практиките за подобрување на квалитетот.

– Студентите во тие самоевалуации ја споменуваат и потребата за пракса и учество во проекти заедно со професорите, но резултатите од анкетите не се користат практично, ниту се претставени на некој систематски начин на самите институции (делува како никој од надлежните да не верува во тие анкети). Нашето истражување исто така покажа дека за да се постигне повисок квалитет на настава студентите сметаат дека материјата треба да се предава со современи наставни методи што ќе поттикнат и ќе овозможат самостојно истражување од страна на студентите. Посочувам дека секое собирање на оригинални подтоци, набљудување, анализа на податоци, подразбира примена на теоријата во практика – вели Беќар.

Студентите не се подготвени за работа по дипломирањето

Во истражувањето биле вклучени студенти од различни дисципилини. Беќар пренесува дела од заклучоците од истражувањето:

– Предметните програми треба да се приспособат на начин што ќе овозможи студентите да може да ја совладаат материјата од теоретски аспект, но и да стекнат соодветни компетенции да ја применат во практиката.

– Студентите оценуваат дека ваквиот пристап при изведувањето на наставата, дополнет со учество на практичари во нејзиното изведување како и со практична работа во соодветни институции, организации, деловен сектор и слично, ќе им овозможи повисока компетентност на пазарот на трудот. Студентите ценат дека не се подготвени да започнат со работа по завршување на студиите;

– Ако се помали групите за вежби (што подразбира и повеќе кадар на универзитетите) следењето на наставата ќе значи подобри услови за работа на студентите и со тоа полесно совладување на вештините. Потребно е да се подобри достапноста на наставниците и стручни соработници за комуникација и консултации.

– Инфраструктурните услови за одвивање на наставата не се соодветни. Со мали исклучоци на одредени факултети во различните кампуси, инфраструктурата е дотраена, опремата е застарена и нема соодветни можности ниту за следење на редовната настава, а уште помалку за (самостојни) студентски истражувања и пракса;

Според Беќар, во минатото се вовела задолжителна пракса без која студентите не можеле да запишат/заверат семестар ниту да дипломираат.

– Но, за жал тоа замре. Не би ја обвинувала короната за сè. Кога почна реализацијата на таа замисла, беше спроведувана соодветно, но во повеќе институции подоцна почна да добива димензии не на суштинска пракса каде студентите стекнуваат компетенции, туку само наоѓање потврда, односно некој да потпише дека студентот изршил пракса. Зборувам за институциите каде сум имала увид, не генерализирам. Дел од прашањата кои се потенцираат како слабости на високото образование се прашања уредени со актите на надлежните органи и тела, особено на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност. Па така, прашањето на големината на групите на студентите за предавања и вежби е прашање кое би требало да се уреди со Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење високообразовна дејност, а прашањето за содржината на студиските програми и достапноста на информации за нив за студентите со Правилникот за содржината на студиските програми. Овие акти се застарени, а нови сè уште не се донесени. Како НАкС постојано бараме донесување на овие акти со поголема вклученост на засегнатите страни – објаснува таа.

Петар Атанасов: Многу ниско е оценет квалитетот на науката

Атанасов заедно со проф. д-р Бојана Наумовска и доц. д-р Јован Близнаковски работеше на „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“. Според него, истражувањето покажало дека едно од најважните прашања на кое треба да му се обрне најголемо внимание е младиот наставен и научен кадар: нивното примање, усовршување, напредување, финансирање на нивни проекти и истражување, поддршка за публикување и нивна промоција во значаен и вреден дел од нашата општествена стварност.

– Ние мора да ги задржиме најкреативните и талентирани кадри пред да заминат во некоја друга држава. Треба да се воведуваат што поголем број стипендии за втор и трет циклус на студии за талентираните студенти во сите области. Истовремено, да се обезбедат целосни стипендии за младиот научноистражувачки кадар вработен на универзитетите и зајакнување на практичното знаење и искуство на студентите – вели Атанасов.

Проф. д-р Петар Атанасов

Во спроведената анкета, академскиот кадар главно го потенцирал релативно нискиот квалитет на наставата, и во целина и низ различни компоненти. Притоа, евалуацијата е уште пониска за наставата во време на пандемијата отколку во услови на класичното спроведување на наставата. Ова особено се однесува на реализацијата на вежбите, на активностите на студентите и на знаењата со кои тие се стекнуваат. Според податоците од истражувањето, условите за работа се означени како несоодветни/недоволни. Покрај основните услови за работа, во голем дел недостасува и специфичната опрема за наставата. Тоа значи дека итно треба да се обезбедат основните услови и специфичната опрема за наставата. Истовремено, мора да се преземат сите расположливи мерки за враќање на состојбите кои значат реализирање на настава со физичко присуство.

– Академскиот кадар го оценува многу ниско квалитетот на науката, односно издвојувањата за наука од страна на државата се сметаат за несоодветни, а пристапот до литература и учеството на конференциите во најголем дел се на товар на академскиот кадар. Секој четврти анкетиран професор не објавил истражувачка студија или стручна книга, додека нешто подобар е резултатот за тоа колку имаат објавено научни трудови во државата и странство во последните 5 години. Состојбата е исклучително лоша кај уметничката дејност, каде резултатите се речиси на дното, односно никој ништо не финансира. Потребно е задолжително финансирање на научноистражувачката работа од страна на државата (МОН или Владата) по неколку линии. Најдобро е основање на фонд за финансирање на научноистражувачката работа во кој би било добро да се вклучи и стопанството – вели Атанасов

Во контекст на тоа што се бара како постигнувања и тоа што се нуди како можности и услови, генералниот став од истражувањето е дека се обезбедува само просечност. Атанасов додава дека за поголеми успеси и постигнувања и за поголема мотивираност и посветеност потребни се многу поголеми вложувања и посветеност од страна на државата. Од спроведените фокус групи општиот заклучок е дека кадарот кој е вклучен во високото образование воопшто не е соодветно вреднуван.

– За почеток ова би значело изедначување на платите со соодветните позиции во државите од регионот – вели тој.

Мирјана Најчевска: Ни требаат системски решенија

На документот „Присуството на академскиот кадар и високообразовните установи во јавноста и нивното влијание врз заедницата“ покрај Најчевска работеа и проф. д-р Драгор Заревски, проф. д-р Бојана Наумовска, доц. д-р Бисера Станкова и м-р Љуан Имери. Најчевска објаснува дека потребата од директно и видливо влијание на високото образование/универзитетите врз развојот на заедницата (услужната дејност на високото образование) е тесно поврзана со:

• Потребата од справување со комплексните проблеми со кои се соочува современиот свет за кои се неопходни континуирани истражувања, употреба на новите технологии, објективни податоци, понуда на алтернативни решенија,…

• Потребата од поддршка и развој на економијата и операционализација на целите на одржливиот развој (што ги надминува едноставните решенија кои ги нуди слободата на пазарот)

• Потребата од соодветно и редовно информирање на носителите на одлуки и на граѓаните (како основа на информираното одлучување и информираната поддршка и спроведување на политиките).

Проф. д-р Мирјана Најчевска

– Создавањето клима за спроведување системски решенија е поврзано како со владејачката структура така и со самата академска заедница. Прво, на проблемот мора да се погледне низ перспективата на еден поширок контекст на разбирање на улогата на образованието и на функционирањето на демократската држава од страна на оние кои се дел од одлучувањето во државата. Потребно е такво ниво на зрелост на страна на структурите на власта кое овозможува фактичко, вистинско прифаќање на образованието како суштински фактор во развојот на заедницата, и, третман на образованието како неопходен партнер во одлучувањето. Ова подразбира и разбирање на улогата на образованието во понудата на алтернативни решенија, промоција на различноста, слободата на изразување, и секако градењето на политики базирани на податоци и резултат на информирано одлучување на инволвираните – вели Најчевска.

Потребно e засилување на автономијата на универзитетите

За ова е потребен консензус на сите политички играчи во државата. Според Најчевска, само јасно поставени заеднички и долгорочни цели кои нема да бидат менувани од страна на секоја нова политичка гарнитура ќе го овозможи потребниот континуитет кој гарантира осмислена соработка и инволвирање на образованието на сите нивоа на одлучување. Прв чекор во спроведувањето на системски решенија претставува постигнувањето консензус меѓу политичките фактори како за развојот на образованието, така и за неговото инволвирање во процесите на одлучување.

– Втор елемент е самата академска заедница. Самите носители на образовниот процес, науката и истражувањата, мора да се заштитат од политичкото/партиското корумпирање на образованието и науката. Академскиот кадар мора да најде сили да се спротивстави на било кој облик на злоупотреба на науката од страна на партиите, а во функција на освојување, одржување и/или задржување на власта. Академската заедница треба да инсистира на институционалното, наместо индивидуално инволвирање во процесите на одлучување, на системско искористување на научно-истражувачките податоци во функција на градење политики, наместо во функција на потврда на однапред понудени решенија, и, на видливи резултати од учеството во процесите на одлучување во кои се јасно вметнати идеите искажани од страна на ангажираниот академски кадар. За ова е потребно засилување на автономијата на универзитетите (како функционална, така и академска и финансиска), односно, таква поставеност на универзитетите која не ги доведува во зависна и подредена положба во однос на моменталната владејачка структура – децидна е Најчевска.

Сподели