Музиката е мојот мајчин јазик

Вечерва во 19 часот во Безистенот во Штип публиката ќе има ретка можност да го чуе Павиќ на солистички концерт. Во пресрет на концертот, тој зборува за почетоците исполнети со љубопитност, за инспирациите што го водат, за предизвиците на сцената, и пред сè, за љубовта кон пијаното којашто „само музиката знае да ја донесе на возвишен начин“

Музиката не е само обичен звук, туку емоција што зборува, мојот начин на живот, вели Давид Павиќ (19), млад пијанист и студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што го изучува пијаното во класата на проф. д-р Елена Атанасовска-Ивановска. Скромен, дисциплиниран и исклучително талентиран, се издвојува како еден од најперспективните пијанисти од новата генерација на ФМУ. Со бројни настапи, награди и безрезервна љубов кон пијаното и класичната музика, тој полека, но сигурно го трасира својот пат кон успехот на македонската и на меѓународната музичка сцена. Вечерва во 19 часот во Безистенот во Штип публиката ќе има ретка можност да го чуе Павиќ на солистички концерт.

Во пресрет на концертот, тој зборува за почетоците исполнети со љубопитност, за инспирациите што го водат, за предизвиците на сцената, и пред сè, за љубовта кон пијаното којашто „само музиката знае да ја донесе на возвишен начин“.

Кога за првпат седна зад пијано и што те привлече кон овој инструмент?

– Кога имав шест години. Во еден од кабинетите по пијано во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, чекајќи го мојот постар брат Кристијан кој одеше на часови по виолина. На почетокот сè беше игра, црни и бели типки што креираат убав звук. Но, брзо сфатив дека зад секој тон стои целосно нов и неоткриен свет за мене. Всушност тоа ме привлече, можноста да се изразам без зборови, само преку музика.

Како ја гледаш музиката во твојот живот?

– Музиката е мојот мајчин јазик, начин на изразување и мојот начин на живот. Таа ми овозможува да се изразам и да комуницирам со светот околу мене како што сакам многу интуитивно искрено и емотивно. И секој јавен настап, концерт е можност да ја споделам мојата интерпретација и емоции со публиката. Музиката е нешто многу повеќе од она што го слушаме, возвишено и недостижно, дар и однос со Бога, многу повеќе од она што сум самиот јас. Таа ми дава животна смисла и ме прави среќен.

Очигледно е дека музиката и пијаното некаде длабоко лежат во твоето срце.

– Ах, очигледно! За мене, музиката е јазик што најдиректно пренесува и буди чувства кои навистина е тешко, ако не и невозможно, да се изразат со зборови!

Како изгледа еден твој ден кога се подготвуваш за натпревар или концерт?

– Тоа се интензивни и долги денови. Понекогаш имам чувство дека 24 часа се премалку за сè она што сакам да го завршам и реализирам како обврска. Зависно од тоа што сакам да го постигнам и што ми претставува предизвик и инспирација. Вежбам по неколку часа дневно, најчесто и доцна навечер додека работи Факултетот за музичка уметност, но тука не станува збор само за техничка подготовка, туку и ментална подготовка. Слушам различни изведби, анализирам партитури, и пред сè, се обидувам да влезам во „умот и чувствата“ на композиторот. Што сакал да каже, кој му бил мотивот и зошто го напишал токму тоа дело?

Како се справуваш со притисоците и очекувањата од другите?

– Секогаш се трудам да останам фокусиран на музиката и да не дозволам надворешните притисоци да влијаат на моето музичко изразување, и тоа не е баш лесно! Важно е да се сетам зошто започнав да свирам пијано, за мојата голема љубов кон пијаното и музиката, а не за награди или признанија.

На моја голема радост летово ќе ми биде работно. Периодов е исполнет со многу ангажмани и сум особено возбуден за тоа што следува. Вечерва ќе одржам солистички концерт во прекрасниот акустичен простор на Безистенот во Штип, со почеток во 19 часот, тоа ми е особено драго бидејќи е на домашен терен, пред публика која чувствувам блиска. Потоа ме очекува концерт во Гевгелија, како и квартетен настап во Рим на сцената на Театро Марчело, со моите почитувани и драги колеги Магдалена Дрмач, виолончелистка, која е студентка на Кралскиот колеџ во Англија, Филип Велковски, кларинетист и Јана Јовиќ виолинистка, студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со нив имам претходно настапувано на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Во исто време, се надевам дека наскоро ќе се реализираат неколку проекти кои ми се високо мотивирачки, тие би вклучувале нови музички иницијативи, предизвици како и солистички настап со оркестар. За тоа е потребна поддршка, особено финансиска, па се надевам дека ќе наидам на разбирање кај институциите и љубителите на културата.

Зошто свирењето со оркестар е предизвик?

– Досега имам настапувано како дел од камерен состав, дуо, трио, квартет и како пијано-соработник. Но, настапувањето со оркестар е едно посебно чувство и доживување за мене, ова драгоцено уникатно оркестарско искуство првично го доживеав во моите средношколски денови со симфонискиот оркестар на „Илија Николовски – Луј“ но исто така и благодарение на соработката овозможена преку Fames – European Orchestral Performing Institute и диригентот Тимоти Редмонд и изведувањето на концертот „Дијалози со Џанго Рајнхард“. За мене претставува предизвик да настапам како солист во придружба на оркестар бидејќи тоа е посебен момент кога треба да ја исполниме со звук цела сала, а сепак според динамиката на звукот да бидеме над оркестарот.

Каков пијанист сакаш да бидеш и што го одликува добриот пијанист?

– Идентитетот, како што за еден пејач знаеме кога ќе го чуеме неговиот глас. Истиот принцип важи и за пијанистите. Многу е важно да се негува сопствениот идентитет и интерпретација, но притоа да се запазат и стиловите на различните епохи во интерпретацијата. Добриот пијанист е оној кој придонесува да слушателот заборави во моментот дека се наоѓа на концерт.

Какви се твоите планови за иднината?

– Имам многу да учам, сакам да продолжам да учам и да се надградувам себеси, овде кај нас, од наши еминентни професори, но и на мастер класови во странство. Неодамна добив и понуда да продолжам со моите студии во Рим кај проф. Олга Здоренко, истакната пијанистка и професорка на Конзерваториумот во Фросиноне. Таа е уметнички директор на музичката асоцијација „Angelica Costantiniana“ во Рим, имав чест да ја запознаам неодамна кога држеше мастер клас на ФМУ во Скопје, па концертот во Рим ќе има уште една додадена вредност за мене. Има многу пијанисти кои би сакал да ги запознаам и да учам од нив. Во исто време, би сакал да настапувам се повеќе не само на класични сцени, туку и на места каде што класичната музика ретко доаѓа. Сакам еден ден да снимам сопствен албум и да инспирирам млади уметници да ја откријат убавината на пијаното.

Што би им препорачал на младите што сонуваат да станат музички уметници?

– Никогаш да не се откажуваат. Патот не е лесен, има многу искушенија и предизвици и понекогаш ќе се прашуваат „дали сето ова вреди“. Но, ако навистина го чувствуваат и го сакаат тоа што го прават, музиката ќе ги води. Во животот не се мери сè со награди туку со тоа колку срце и душа сте вложиле во секој тон и колку сте се оставиле себеси во она што го сакате!

Насловна фотографија: Славјан Стојанов

Сподели