На неколку локации синоќа беше отворен Музејот во движење, во рамките на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално
Преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти на тројцата легендарни прилепски театарски уметници, Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски-Џумерко и Благоја Ристоски-Платнар, синоќа на неколку локации во Прилеп беше отворен Музејот во движење, во рамките на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Поставката беше емотивна и за членовите на нивните семејства.

Стојаноска, воедно и уметнички директор на фестивалот, рече дека човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста.
– Посебно актерските човечки приказни, имајќи ги предвид сите предизвици на театарските сцени во Прилеп. Важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. За разлика од другите медиуми, театарот не може да биде зачуван на ниту еден соодветен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучивме приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажеме низ чаршијата, надвор од стерилните услови на сите институции – рече Стојаноска.
Според неа, Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, во градот не може да се замисли животот без театарот, без навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја.

Ана Стојаноска и Звонко Димоски
Програмата „Прилеп во фокус“ овозможува публиката да зачекори во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.
На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката. Се одржа и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
– Секоја генерација има свое време. Оваа наша генерација има своја порака која нема допирни точки со онаа од филмот. Битолскиот театар има силни индивидуалци, а во претставата беа ставени во колективна игра – рече Васко Мавровски, актер и директор на театарот.

Режисерот Андреј Цветановски му ја посвети претставата на неговиот татко Владо Цветановски, а изведбата во Прилеп беше токму на денот на неговиот роденден. За режисерот, најважно е да се дојде до вистината, а не дали начинот е класичен или современ.
– Иако дејството се случува 1947 година има доволно современ контекст. Тој колективен прогон на индивидуалните судбини за мене беше клучен во претставата. И иако играта е колективна, има индивидуални улоги, судбини кои, сепак, целосно не отскокнуваат – рече Цветановски.
Актерот Мартин Мирчевски кој го толкува ликот на Андон нагласи дека не се осмелил да прави споредба со култниот филм „Црно семе“.
– Филмот е антологија. Кај нас, во претставата, целиот процес стана многу спонтан, се роди енергија. Не ги сфаќам потребите за класификација. Сакам театарот да ме возбудува во работата. Театарот или го доживуваш, или не – рече Мирчевски.

Присутните на разговорите го нагласија еден од највпечатливите сценски изрази во претставата – појавата на Ангелина, жената на Андон.
Вечерва во 19 часот од официјалната програма ќе биде изведена „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар од Скопје. Улогите ги толкуваат: Адем Карага, Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми.
Денеска во 11 часот беа промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“, а напладне се одржа тркалезна маса за претставата „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, од официјалната програма.
Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и Diners Club International.





