Во Словенeчкиот етнографски музеј во Љубљана, утре во 18 часот мултимедијалната уметница и етнолог Марија Милошевска ќе ги претстави своите дела, а задутре ќе одржи предавање
Мојот обид за препознатлив бренд од Македонија, познат под името МАМКА, е всушност промоција на филигрански накит инспириран од најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка во светот, позната по името Macedonian fly. Ако накитот претставува објект каде се складира енергија и пренесува порака преку значењето на симболот и формата, во овој случај МАМКА претставува симбол кој го отсликува „моментот на постоење“, вели Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница која успеа својот бренд МАМКА да го лансира на меѓународно ниво. Минатата година ја заврши со претставување на своето творештво во Белград и во Скопје, а утре во 18 часот, нејзините дела ќе бидат изложеби во Словенeчкиот етнографски музеј во Љубљана.

Со што ќе се претставите пред словенечката публика во простор кој Ви е матичен по вокација, па и професионална определба?
– Во рамките на Slovenian jewellery week 2023 во Словенeчкиот етнографски музеј во Љубљана ќе биде претставен дел од колекцијата МАМКА која беше дел од претставувањето во Етнографски музеј во Белград и во Музејот на Р.С.Македонија во Скопје. Воедно како дел од програмата на Slovenian jewellery week 2023, на 12. мај ќе имам предавање за искуството и влијанието на филигранот во мојот живот. Оваа година Словенeчкиот етнографски музеј слави 100 години од своето постоење и прекрасна е можноста да се биде дел од овој јубилеј, барем за мене како етнолог, каде би имала прилика да видам еден поинаков континуитет на систем и грижа за одржување на културното наследство. Словенија е асоцијација за чисто, јасно и лесно. Нивната свест и љубов за домовина е вистински пример како се сака татковина.

Марија Милошевска
Минатата година ја завршивте со две големи изложби во Белград и во Скопје. Имате интензивна изложбена активност во регионов по подолго време чинам. Со што го пополнувате времето во меѓувреме?
– Откривање нови дестинации, и во умот и во светот.
Оваа година Европската Унија ја прогласи за година на вештините. Вие се обидувате да ги сочувате, одржите во живот во време кога занаетите сè повеќе и повеќе изумираат. Како би ја опишале климата во Македонија за развој на уметноста преку занаетот? Како државата ги поддржува креативните индустрии?
– Моќта на занаетот, односно рачната работа најмногу ги осетивме изминативе години, посебно за време на короната кога луѓето почнаа сè повеќе да се занимаваат со едноставни работи кои сме ги подзаборавиле и сме немале многу време често да ги правиме. Развивањето на хоби, онлајн продажба, колачи, мармалади, маички, реновирање, тапацирање, туторијали, видеа, садење цвеќиња итн. родија многу успешни приказни и производи од овој период, но не знам дали сè уште опстојуваат. Денес имаме талентирани ентузијасти на кои верувам им недостасува еден лесен систем на функционирање, во процесот на развивање и препознавање на автентичен производ или услуга и негов пласман на пазарот. Потребни ни се креативни центри или достапни институции кои би ја преземале улогата на промотори на македонски производи и услуги, со сите карактеристики за квалитет, препознатливост и уникатност.

Мојот обид за препознатлив бренд од Македонија, познат под името МАМКА, е всушност промоција на филигрански накит инспириран од најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка во светот, позната по името Macedonian fly. Ако накитот претставува објект каде се складира енергија и пренесува порака преку значењето на симболот и формата, во овој случај МАМКА претставува симбол кој го отсликува „моментот на постоење“ инспириран од чинот на создавање/ставање на мамката/накитот и нејзина/неговата употреба во т.н. циклус на животот. Рибата ја јаде мушичката, ние ја јадеме рибата, мушичката не јаде нас.

Од изложбата во Белград
Кога оваа природна вистина би ја превеле во системот и климата за развој на уметноста преку занаетот, можеме да научиме дека ние сме еден организам и доколку постои дисбаланс односно нефункционални институции, корупција, непрофесионалност, без ред и дисциплина, не можеме да имаме развој на нешто креативно, а камоли културно или индустриско. Во овој обратен случај, ние јадеме мушички, наместо риба.
Мора да постои флуиден тек на процедурите за поддршка на креативните индустрии со што ќе се мотивира постојаноста на бизнисот, достапноста на услуги и развојот на уметноста, како еден од условите за беспрекорен живот.
Какви се состојбите по овие прашања во светот? Може ли одредени модели за поддршка да се прилагодат и имплементираат кај нас? Македонија нема моќни индустрии, развиени технологии. Но, имаме култура која и тоа како може да биде наш промотор во светот. Колку ги користиме овие можности како држава, дипломатија, општество?
– Креативните или културните индустрии се производ и компилација од минатото и иднината. Нивната срж е во начинот на кој денес се презентира културното наследство односно се дефинира културата и целиот начин на живот. Значењето на производот во комбинација со новите технологии и автентичните симболи може добро да бидат спакувани со цел да се брендира татковината, односно јасно препознавање и дефиниција за потеклото и значењето на симболот кој го носат производите (и услугите).

Како таков позитивен пример би го спомнала симболот за македонското сонце и кампањата „За наше добро да купуваме македонски производи“, кое изминативе години сè помалку се промовира овој слоган или поддршка за македонската економија. Ваквите пракси за свесност и поддршка на македонските производители, македонската култура може да ни донесе подобра егзистенција, свесност за изобилието со кое располагаме, начинот на кој го чуваме и почитуваме ова природно богатство од кое живееме. Но за жал, политичката ситуација изминативе години ги измеша (и избриша) дефиницииите за идентитетот, препознавањето и вистината за тоа што е сè македонско, македонски производ и култура на живеење.
Мораме да го чуваме тоа што го имаме. Времињата се менуваат и животот се менува. Не можеме да го поместиме тлото на кое стоиме, но можеме да ја освежиме свеста за оваа наша грутка земја која изобилува со вода и сонце, планини и езера, рудници и мермери, рубини и бисери…

Од изложбата во Скопје
Ние само земаме, и сè помалку и даваме љубов на земјата, а односот кој го имаме кон земјата, кон таа што раѓа, е истиот однос кој го имаме кон самите нас и меѓу нас. Не е лошо да се запрашаме, за што сведочи ѓубрето околу нас? Словенија е одличен пример како се сака татковината и нејзиниот третман со природните убавини со кои располага, како ги промовира и профитира. За возврат Словенија го добива епитетот најчиста земја во Европа и полна со љубов.






