Врвна изведба што долго ќе се памети, ова е впечатокот по премиерната избедба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, на отворањето на Мајските оперски вечери синоќа. Десетминутни аплаузи и стоечки овации беа наградите за сите учесници во ова грандиозно дело.
По точно две децении величественото дело на Верди доби нова поставка на сцената на НОБ, за која публиката посакува што подолго да живее.

Комплетно сценско-музичко остварување на солистите, оркестарот, хорот, предводени од диригентот Даниеле Аџиман. Операта ја режираше Ренато Бонајуто заедно со асистентката Тереза Гаргано, за сценографијата се погрижи Флавио Арбети, а за костимите – Артемио Кабаси.

Секогаш радува кога некој солист ќе добие шанса и ќе блесне во вистинско светло. Дефинитивно тоа се случи со сопранот Злата Тошевска, која заедно со Игор Дурловски и целата уметничко-техничка екипа што работеше на операта, ги заслужија најдолгите и најгласни аплаузи.
Ако по утрото денот се познава, тогаш ова нè очекуваат одлични Мајски оперски вечери. Аплауз за Националната опера и балет!





