Во пресрет на промоцијата на книгата „Приватна насмевка“ од Гоце Дртковски (9 октомври, 20 часот во „Јавна соба“) го објавуваме предговорот
Пишува: Гоце Дртковски
Умберто Еко вели: Напишав роман затоа што добив желба да го напишам. Мислам дека тоа е доволна причина човек да почне да раскажува. Би го парафразирал мотивот на Горан Стефановски кој го сретнав во едно негово рано интервју, каде што тој искрено зборува дека пишува за да ги помири конфликтите во себе. Немам мотив да напишам книга. „Приватна насмевка“ дојде како несакано чедо, зачнато во чудни околности. Не сакам да се извинам, ниту чувствувам потреба да се правдам затоа што сум влегол на територијата која овде ја контролираат дотирани писатели. Уметноста, особено литературата не е занаетска рутина која се учи од буквар, и дека амбициозните кои научиле некои вештини се лингва франка во областа на книжевноста.
Бев студент кога се вратив дома доцна, седнав и напишав песна. Случајно ја најдов песната. Ме изеде срам кога видов колку сум бил патетичен. За мојата сентиментална катастрофа сè уште ја сомничам Христина, која таа вечер ми личеше на украс што стои озгора на стариот креденец, покрај мирисливите дуњи и тегли со слатко. Сега внимавам наоколу да не оставам траги од евтини емоции, и никогаш повеќе не напишав песна.
Книгата „Приватна насмевка“ дојде како последица од пандемијата, иако мојот случај сè уште не е опишан во медицината. Цела вистина е тоа дека бев жртва на корона вирусот. Во време на пандемијата осамувањето, поточно домашниот притвор беше граѓанска должност, и тогаш кај мене почнаа да навраќаат ликови заедно со своите чудни судбини и без да прашаат го запоседнаа мојот приватен простор. Сакав да започнам граѓанска постапка против оние кои влегоа во мојот ум, ми доаѓаа на сон, и го окупираа мојот празен, опустен животен простор. По долги и мачни разговори, успеав да се спогодам со ликовите дојдени да останат. Им ветив книжевен живот, а тие задоволни од понудата, прифатија да заминат од мојата глава.
Инвалидизиран од пандемијата, почнав да се потпирам на две патерици за да можам да продолжам да се движам во времето, да не се откажам, да не исчезнам, да не ме проголта заборавот. Со првата патерица одев во природа, таму каде што имаа пристап и антиваксерите. Трчав покрај Вардар, на Водно и секаде каде што не морав да гледам лица покриени со крпа.
Втората патерица на која се потпирав беа приказните кои сè почесто и во поголем број навраќаа кај мене. Кога „Приватна насмевка“ ја однесов во Националната библиотека за да извадам каталошки број, вработените ме опкружија и со часови ме убедуваа во книгата да стои името на авторот. Се согласив, расказите кои сами се напишаа да ги прифатам како свои, но им дадов до знаење оти не сум подготвен да прифатам одговорност ако книгата им се допадне на читателите.
Ќе покажам слабост со тоа што ќе признаам уште еден паничен страв. Не сакам да заличам на режисер кој по премиерата на филмот со микрофон в рака се труди на гледачите да им објасни што сакал да каже во филмот. Интересот на овие раскази е смислата на животот, или поточно бесмисленоста на животот, апсурдот од кој денешниот свет нема уште долго да куртули. По определба не сум нео-нихилист. Во расказите има чувства и чувствителност, смеа и заборав, мистичност и езотерија затоа што не сакам предвреме да нè отепа реалноста.
Злате Лозановски вели дека тој повеќе сака да чита книга отколку да биде автор, затоа што ние читаме книги какви што сакаме, додека во пишувањето сме ограничени. Пишуваме така како што можеме, како што знаеме и умееме, а не како што сакаме. На поклониците на Гутенберговата галаксија, особено оние кои читаат дела создадени во различни епохи, барем во еден момент ќе им се стори дека сè пишува во книгите. Ако веќе е така, разумно е да се постави прашањето што имаме ние да кажеме, а тоа досега да не е направено.
Многу малку.
Ако имате одредено искуство во пишување, прво треба да бидете искрени со себе. Потребна е храброст, дрскост, флертување и заведување, а понекогаш и малку магија. Тоа не значи дека овие раскази не се измислици, туку дека свеста и емоциите овде се нагонски, инстинктивно излезени од под кожа, без калкулации какви последици може да донесе ваквото разголување. Останува условот нарацијата да поседува вредност и автентичност, за да заслужи нечие внимание. Што и да направите, и понатаму не е извесно дека ќе успеете да создадете дело.
Погледнете колку луѓето се уморни. Тие постојано се обидуваат да придобијат нечие внимание, и таа желба не престанува. Се навестува почеток на Трета светска војна. Војната одамна е почната и секојдневно се водат жестоки улични борби за освојување на сè повеќе и повеќе внимание. Во светот на спектаклите, вниманието е конвертибилна валута со која насекаде
се тргува: Тоа што се гледа е добро, тоа што е добро се гледа. Затоа во годините на пандемијата не ми беше сеедно што бев невидлив, заборавен, затурен, што останав без внимание. Дали пишувањето на книга може да биде компензација за недостиг од внимание? Зарем не е очигледно дека правам сè, дури подигам и кули во облаци, за да го заслужам вашето внимание. Уметниците во сите епохи се нудат, се даваат себеси за да придобијат внимание. Тие се како палави деца кои сакаат да бидат видени, слушнати, пофалени, прифатени и најмногу од сè, уметниците сакаат да бидат признаени.
Издавачката куќа се вика „Љубовта е петтиот елемент“, и името на издавачот веднаш го заслужи вашето внимание? Најшироката дефиниција во која повеќето можат да ја препознаат љубовта е поврзување, зближување или комуникација на различни нивоа. Кога контактите се сведени на минимум или кога комуникацијата е во криза, како што тоа беше за време на пандемијата, тогаш љубовта страда од инсуфициенција. Последиците од вирусот долго беа ударната вест во сите делови од светот. Не знам зошто нашето Министерство за здравство во своите билтени ја премолчи тажната вест дека меѓу првите кои настрадаа во пандемијата беше љубовта.
Легитимно е отсуството на љубов во време на пандемијата да се надомести со креирање на паралелна реалност. Веќе ви кажав дека тогаш кај мене пристигнаа ликовите дојдени да останат заедно со нивните луцидни приказни, и како сонцето, без патни исправи заедно кружевме околу светот. Никогаш доволно љубов, но кога таа сериозно ни недостасува, некои велат дека тогаш и илузијата се важи.
Сакам да прочитам книга со кратки раскази, или да гледам филм со приказни на тема: Како ја спасував љубовта во време на пандемијата.
Ако ви се стори дека приказните ви се блиски, познати, влезете во некој од ликовите и станете дел од книгата која веќе одамна не е моја.
***
Во „Приватна насмевка“, присутен е Злате Лозановски. Тоа во книгата само ќе ви се каже. Ана Пејчинова ме охрабри со нежни забелешки и сугестии да продолжам со пишување. Ме инспирираа нејзините препеви, писма, интервјуа. Катарина Ципушева преку мрежата од земјата далечна ми праќаше сигнали во ноќта. Кети беше сугестивна и тогаш кога нешто ќе премолчи. Добросав Крстески, гурман за добра литература, беше читачот кому му ги испратив сите ракописи мотив за пишување.
ПИШУВАЊЕТО ПИСМА Е НАБОЖНА РАБОТА





