Од 1994 година, светот го одбележува 5 Октомври, Светски ден на наставникот, што го прогласи УНЕСКО. Ви ја споделуваме пораката што ја упати Елизабета Секирарска, пензионирана професорка од СОУ „Перо Наков“ во Куманово.
Кој со деца не работел, не знае. Не може да ја разбере фантастичната убост на училницата. Онаа која учителот го држи жив, му овозможува и покрај сè, да се грее на пепелта останата од некогашниот воспитно-образовен огин и да се обидува да го разгори.
Не може да разбере како се вика она што го кажува синиот поглед – здодевност или интерес. Како се вика она кога детето ќе каже: „Не сум учел”, а учителот не му дозволи да се откаже. Како се вика она кога ќе му каже: „Не те прашав дали си учел. Ме интересира што мислиш за она што го работевме”. Како се вика она кога после тоа ќе добие на подарок насмевка: „Јас, сепак, сум знаел”. Насмевка која детето ја помни цел живот, бидејќи го учи да не се откажува. Да мисли. Затоа што за него е тука фенероносецот, создавачот на умови, исцртувачот на животните патеки. Разбудувачот на мечтите. Покажувачот. Градителот. Воспитувачот. Сонувачот. Креаторот на училишното јаве. Моделот на однесување за детето покрај кое тој старее, а тоа покрај него зрее. Бескрајниот, занесен Дон Кихот кому ветерниците му се дел од него.
Оној кој не ја сфаќа и прифаќа залудноста. До последен ден. Да. Кој не работел со деца, не знае. Среќен денов, учители!





