Претставата „Медеја“ според Еврипид, во режија на Деклан Донелан, а продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, го освои Гран прито на 19. „Скупифестивал“, што заврши синоќа во Албанскиот театар. Освен најглавната награда, жирито одлучи да ја додели и наградата „Љуран Ахмети“ за претставата „Половина – животот на Марија Кири“ на театарот „Метропол“ од Тирана, Албанија, а со специјална охрабрувачка награда посвети на театарот „Хера“ од Истанбул, Турција, за изведбата на „Бес за двајца или повеќе“ од Јонеско, во режија на Сенем Џевхар.
Жирито што ги оцени осумте претстави на фестивалот, беше во состав: Замира Кита, актерка од Корча, Албанија, Адријан Азири, актер и Сребра Ѓорѓијевска, новинарка.

Сцена од „Медеја“
Во образложението на жирито за наградата за „Медеја“, стои:
-Комплетно театарско дело, со исклучителната игра на главната актерка Радина Карџилова, темата на Медеја ни ја носи на современ начин, таков што предизвика катарза кај публиката. Доживеавме посебно театарско искуство, благодарение на извонредната актерска екипа и режисерскиот концепт. Цениме дека „Медеја“ на театарот „Иван Вазов“ се издвои од сите други претстави и покажа како антиката може да биде модерна и блиска до денешниот гледач.
Наградата „Љуран Ахмети“, што се доделува од пред две години, во чест на актерот што почина прерано, годинава е посветена на двете актерки од претставата „Половина – животот на Марија Кири“.
-Кохезијата на сцена помеѓу актерките Уљка Мујо и Армела Демај не’ поведе низ животот и судбината на големата научничка Марија Кири. Нежната игра на кршливата Марија, но и силниот ветер в грб што Херта ù го дава, ја прави оваа претстава актерски многу силна. Затоа цениме дека ја заслужува наградата што ја носи нашиот актер Љуран Ахмети – вели жирито.

Сцена од „Половина – Животот на Марија Кири”
Жирито одлучи да додели специјална охрабрувачка награда оди за претставата на театарот „Хера“ „Бес за двајца или повеќе лица“ во режија на Сенен Џехвер со актерките Озган и Бест Озен кои „се охрабрени за нивната искрена глума полна со енергија, хумор, емоција и талент“.
Фестивалот ја додели наградата за режисерска креативност на Васил Василев за претставата „Дон Жуан“ од Молиер, продукција на Националниот театар од градот Ниш.

Сцена од „Бес за двајца или повеќе“
Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“ се одржа од 29 септември на сцената на Албанскиот театар во Скопје, под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне”. Учествуваа: Националниот театар на Косово од Приштина, Косово со претставата „Брак”, „Ателјеркунчеон“ од Бергамо, Италија со „Тврдина”, „Глобал театар“, Љубљана, Словенија со „Жената на Макбет и јас 2.0”, театарот „Хера“, Истанбул со „Бес за двајца или повеќе”, Народно позориште од Ниш со „Дон Жуан“, независниот театар „Јалта арт рум“ од Софија со „Икс“, Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија со „Медеја“ и театарот „Метропол“ од Тирана со „Половина – Животот на Марија Кири”.
„Скупифестивал“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, како и Т-мобиле, Уј Тепелене, Весникот Коха, АлстатМ, РТМ2 и др.
Фото: Интернационален театарски фестивал „Скупифестивал“





