Млади европски музичари во Скопје учат за оркестарско свирење од светски ѕвезди

Идејата е да има што повеќе различни музичари од повеќе земји, без разлика дали се или не се ЕУ земји, но важно е да се земји во кои е усвоена програмата „Креативна Европа“

Шеесетина млади музичари од повеќе европски земји, поддржани од поискусните – пијанистот Франческо Тристано и нашиот диригент и композитор Џијан Емин, во саботата во Филхармонијата создадоа концерт за памење. Многу жар во играта низ партитурите и љубов кон музиката и публиката, покажаа музичарите. Нашиот диригент Џијан Емин уште еднаш покажа колку ја владее сцената и публиката, а Тристано ни донесе нов современ звук на класичната музика.

Овој концерт беше завршница на првиот семинар на FАМE’S Институтот и промоција на Европскиот младински оркестар при оваа институција. Првиот семинар се одржа од 14 јуни до 23 јули во Скопје. Конкурсот за вториот семинар веќе е отворен и музичарите можат да аплицираат на линкот. Музичарите се избираат по пат на аудиција, а нивниот квалитет е пресуден за да станат дел од оркестарот.

Овој проект е со поддршка од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија, како дел од проектот „Паневропски културни ентитети 2021-2027 година“. Оркестарот беше составен од 60 студенти, млади уметници од: Шпанија, Италија, Франција, Полска, Летонија, Србија, Црна Гора и од Македонија. Овој прв семинар опфати 5 различни мастеркласи на кои се работеше на класична, филмска и хибридна музика, мастерклас за студиско снимање и последниот, насловен Carte Blanche.

– Имавме исклучителна можност да го создадеме Институтот FAME ‘S, кој претставува центар за обука на млади талентирани класични музичари од Европа. Среќни сме што можеме да им дадеме простор на младите музичари кои сакаат да ја искористат можноста да се обучуваат и да се професионализираат во делот на оркестарското свирење и практики, да се запознаат со различни стилови во областа на симфониското музицирање, филмската и медиумската индустрија – велат организаторите.

Проектот се одвиваше во студиото FAME ‘S во Скопје, место на средби на меѓународни уметнички експерти и талентирани млади класични музичари од земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“, вклучително и млади музичари од Македонија.

До 2024 година ќе бидат реализирани шест семинари – по два годишно. Како дел од овој семинар беа и концертите одржани во соработка со Скопско лето и тоа концертот на отворањето на фестивалот раководен од диригентот Тимоти Редмонд, концертот заедно со Колсимча и Оливие Труан, проектите раководени од видни композитори како што се Алистер Кинг и Луис Иварс, и последниот, заедно со Франческо Тристано и Емин Џијан.

ФАМЕС Институтот е веќе подготвен за следниот семинар кој ќе се одржи во два дела и тоа од 13 до 30 септември и од 9 до 22 октомври. Во рамките и на овој втор семинар, учесниците ќе имаат можност да работат со врвни диригенти, експерти и уметници, а македонската публика ќе има можност да ги проследи и концертите кои ќе ги подготват младите таленти од цела Европа.

Од 13 до 18 септември мастерклас ќе одржи диригентот Бенџамин Шварц, а по него ќе следува диригентот Тимоти Редмонд, кој ќе работи на темата „Филмска музика“. Од 9 до 22 октомври, со младите ќе работи големата ѕвезда Роб Мазурек и Кауреим квартет.

-Идејата е да има што повеќе различни музичари од повеќе земји, без разлика дали се или не се ЕУ земји, но важно е да се земји во кои е усвоена програмата „Креативна Европа“. Повикот е веќе отворен за следниот семинар, учеството е бесплатно. На завршувањето на секој семинар ќе следува концерт на кој ќе се покаже што се работело – велат од Фејмс.

 

Сподели