„Штрих“ е прогресивност, радикалност, слобода на израз, без влакна на јазикот

Првата премиера Only Artists Left Alive, во режија на Мартин Кочовски, ќе има премиера в сабота на сцената на Народниот театар Битола

Only Artists Left Alive е насловот на првата премиера на независното здружение „Штрих“ од Скопје, кое во соработка со Младинскиот културен центар од Скопје, ќе се реализира задутревечер (сабота, 30 јули) на големата сцена на Народниот театар во Битола. Претставата е во режија на Мартин Кочовски, продуцент е Борис Василески, а драматургијата на Стефан Миленков.

„Штрих“ се роди како резултат на потребата за нешто ново, нешто за кое претходно не сме имале можност и поддршка и едноставно сакавме да си го слушнеме нашиот сопствен глас – велат основачите на здружението – четворица актери и еден режисер. Тоа се актерите: Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова и Марјан Наумов и режисерот Борис Василески.

Самиот назив на здружението кое се користи во театарската терминологија и означува обележје кое покажува дека треба да се исфрли дел од драмски текст, укажува дека овие млади сакаат да направат еден вид „општествен штрих“. Како се роди „Штрих“?

– Баравме нешто што ќе им помогне на младите надвор од институциите и преку истото да се зборува и дејствува гласно. Со помош на она кое полека, но сигурно го создаваме, се надеваме на креирање отворен простор каде слободно би можеле да искажуваме свои лични ставови во однос на општествени, социјални и/или културни случувања кои и тоа како не’ засегаат и како млади и како уметници – вели Хусеини, дипломирана актерка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Ава Хусеини

Мисијата на овие млади ентузијасти е предводена од желбата за развивање и подобрување како на театарската сцена во Македонија, така и за нив самите како уметници.
– Се обидуваме што повеќе, се разбира со поголем квалитет, да придонесеме во културниот живот. Веќе некое време во уметничките кругови се зборува за нов културен бран и ние сакаме и сме подготвени да бидеме дел од истиот. Повторно навраќајќи се на ‘потребата за нешто ново’, сакаме на независната сцена да и’ понудиме нови видови театарски претстави, мотовирана млада сила и квалитетни уметнички дела – велат од „Штрих“.

Што претставува „Штрих“ за неговите основачи?

-„Штрих“ е простор за вежбање храброст и пркосење на стравот. Преиспитување на вредности. Спознавање на себе во новото време – вели режисерот Борче Василески. За актерот Томислав Давидовски, „Штрих“ е: Ослободување од стегите во кои сме заглавени. Нов културен почеток. Искреност, посветеност, труд, љубов и пот.

Марјан Наумов

-„Штрих“ е пасија и ангажираност. Да се каже сѐ што е длабоко, лично и искренo. Без цензура на себеси. Против цензура во културата. За слободна мисла и изразување – вели Наумов.

За Јанка Лефкова, „Штрих“ е: Прогресивност. Радикалност. Без влакна на јазик. Слобода на израз. Промена.

За Ава Хусени, „Штрих“ е:

„Да се впушташ во непознатото без страв и со ширум отворени очи.
Да бидеш смел и радикален.
Да поставуваш прашања.
Да бидеш слободен и никогаш да не ја изгубиш вербата“.

Јанка Лефкова

Во првата претстава на здружението играат и актерите Здравко Стојмиров и Марија Стефановска. Претставата зборувa првенствено за моќта и способноста на актерот и се’ она кое актерската уметност може да му го пружи на човештвото со поставување на прашањето „Дали научивме нешто од сево ова?“.
Only Artists Left Alive патува низ времето, играјќи си со неговата хронологија, од самите почетоци на антиката, па се до денешницата. Се наоѓаат клучните ‘извичници’ во драмската уметност преку кои актерот со векови се обидува да ‘удри шлаканица на будалата’ и да биде главниот катализатор во процесот на освестување и преобразба на човештвото.

– Тематиката на ова дело не го ограничува да остане само за театарџиите и театарската публика. Претставата е далеку од нешто на кое големиот дел од публиката е навикната да го гледа на сцена. Во случај како овој, тоа е од голема полза особено во одност на тоа што е целта на претставата, каде и на што е ставен акцентот и која е пораката со која гледачот треба да го напушти гледалиштето – велат од тимот.

Томислав Давидовски

Музиката е на Пеце Трајковски, сценографијата е на Филип Јовановски, а костимографијата – на Марта Дојчиновска. Првата премиера Only Artists Left Alive се работеше во Народен театар Битола во јуни, a е копродукција со Младинскиот културен центар од Скопје.

-Во театарот бевме пречекани со ширум отворени порти и процесот течеше совршено. Перфектната соработка меѓу нас и театарот навистина се должи на поддршката што ја добивме од целиот уметнички и технички тим на театарот и за тоа сме им бескрајно благодарни. Битолскиот театар за нас беше идеалната цел за нашиот проект првенствено како институција која е една од најдобрите во Македонија и на второ место, се разбира, како нивни големи поддржувачи и обожаватели. Во однос на МКЦ во Скопје, и таму сме пречекани на истиот начин. МКЦ го сметаме за одлична институција отворена за проекти и здруженија како нашето во најголем дел поради нивната независност. Соработката со нив веќе ја имавме од претходен проект, па воопшто не се двоумевме дали да се вратиме кај нив – велат од тимот.

Борис Василески

По битолската премиера, во септември ќе следува првата изведба во Скопје.

Сподели