Авторот на текстот „Мијазми“, пријавен под шифра „Баба Јага“ ја доби првата награда на анонимниот конкурс за монодрамски текст од македонски автор што го распиша Центарот за култура од Битола. На конкурсот што беше распишан во јуни и траеше четири месеци, беа пријавени 14 текста, а целта беше „создавање нови современи (моно)пиеси, со висока уметничка вредност, кои ќе можат да се поставуваат на сцените на нашите театри/но и во други објекти од културата: музеи, библиотеки, образовни институции, поттикнувајќи современата драматургија во нашата земја.“

За трите први места одлучуваше жирито во состав: Ана Стојаноска, Сашо Димоски и Билјана Крајчевска. Жирито имаше многу забелешки во однос на квалитетот на сите понудени монодрами, како и на непочитувањето на форматот/жанрот на истите.
Втората награда ја доделија на монодрамскиот текст „Ложа“, шифра, а третата – на „Bivir, bivir“, шифра: „Bivir“.
Монодрамскиот текст „Мијазми“ се разликува во начинот на кој што е напишан, но и во темата што ја позиционира како доминантна, меѓу сите други монодрамски текстови, вели жирито.
Нагласуваме и тоа дека за разлика од повеќето, во суштина го препознава и жанрот и градењето на карактерот на ликот низ дејството што го развива.
Поставена во еден лиминален/меѓувременско-просторен контекст, во една не толку јасна гранична визија на јасното/рационалното и болното/ирационалното, монодрамата навестува комплексно драмско дејство, поврзано со идејата да се разоткрие една патологија од позицијата на самиот протагонист.
„Мијазми“ во суштина на драмски/театарски начин ја покажува верзијата на состојбата на протагонистот, кој се наоѓа во ментална институција, а самиот е лекар психијатар.
Оваа амбивалентна поставеност е почетната точка од која се развива драмата и која полека ги отвора секој од затворените парчиња минато, но и аномалија, како што тоа го прави и самото лечење на психолошките состојби.
Овој монодрамски текст има основна драмска структура, адекватна на жанрот,
паралелно откривање на мотивација на главниот лик, но и театрална тематска база која си игра и со гледачите, но и со самиот лик. Сметаме дека станува збор за сериозно третирање на монодрамскиот жанр со извонредни театарски потенцијали и истата треба е препорачана и за објавување и за поставување на сцена.
Монодрамата „Ложа“ во прв план ја поставува приказната на протагонистот Виктор, кој наоѓајќи се во неизвесноста, во limbo на сопственото постоење, тргнува да си го преиспитува животот и сопствените одлуки, пред публиката – третирајќи ја како актер во втор план, која ја користи како интимно огледало во која се соочува со сите причинско последични односи кои до тогаш го форматирале.
Текстот е пишуван во канонот на монодрамата како жанр, со активни реплики карактеристични за жанрот, давајќи јасен простор за сценска интерпретација и режисерска постановка на истиот. Секако и овој монодрамски текст е предложен за
објавување.
Текстот „Bivir, bivir“ раскажува приказна за голготата на едно еврејско семејство преку главната протагонистка, односно гласот на текстот – ликот на Хана, која патува по сопствената семејна историја, чиј мотив е да стигне поблиску до себе си.
Драмското дејство се одвива преку реминисценциите на протагонистката (вистински и измислени случки) во кои доследно се имплементирани и референтните исечоци од „Роман во слики“ од Горадана Кујиќ, „Сефардски одгласи“ од Мориц Романов и
сведоштвата на преживеаната Жамила Колономос, (како и искази и стенограми на членовите на Еврејската заедница) што укажува на уште еден метод во градењето на драмската структура и заплетот.
Текстот уредно го задржува форматот на монодрамскиот формат како специфичен
драмски жанр и преку прецизните густи места остава простор за сценска интерпретација на истиот.
Со овој текст, сметаме дека станува збор за монодрамски текст со театарски потенцијали и истата е препорачана и за објавување.





