За државноста и законите

Еден од главните акценти на законот е валоризација и категоризација со конкретни рокови, а тоа значи ревизија на целокупното културно наследство и почнување од почеток што се покажа како невозможно и несоодветно да биде предмет на закон, бидејќи валоризацијата му претходи на законот. Ова се само неколку главни недостатоци кои нанесоа многу штета.

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Размислувајќи за предметот на колумните што ги пишувам, многу често се навраќам на  моите претходни писанија со цел да пронајдам нешто што сум го пропуштила да го кажам во изминатите тринаесет години. Препрочитувајќи ги така колумните кои ги собрав и ги публикував во книгата „Бегство од култура” (Зојдер 2011), се соочив сo податокот дека скоро да нема сегмент од дејноста заштита кој не сум го обработила и проблем кој не сум го предочила. За помалку упатените во оваа област, неопходно е да укажам дека овие колумни со голема доза на критика кон актуелната власт, се пишувани во периодот 2010/2012-2021 година. Значи во време кога поранешната власт во фокусот на партиската програма ја имаше ставено токму „културата”, односно заштитата на културното наследство. Во оваа смисла, треба посебно да се истакне огромната енергија и посветеност на тогашната министерка за култура во реализацијата на партиската програма (2007-2017). Но, за жал, поразителниот факт дека ниту „културата” за која се „бореше” беше култура, ниту наследството беше заштитено, стана видлив кога полека започна да се крева превезот кој беше фрлен на овие два клучни поими. Имено, зад тој превез долго време се криеше создавањето, креирањето на идеолошкиот сурогат кој ни е понуден како ново културно наследство.

Многу колумни имам напишано на оваа тема и многу документи ми беа предмет на  анализа во елаборатите посветени на т.н. проект Скопје 2014. Денес, десетици години подоцна, не знам каде се елеборатите, но знам дека делата на министерката за култура во претходната влада, останаа да сведочат за едно време кое очекувавме дека после 2017 година ќе остане забележано само во историјата. Но, парадоксално, сегашната власт, во културата и во сите нејзини сегменти многу брзо и лесно обезбеди континуитет, надоврзувајќи се на „остварувањата” на претходната власт во кадровска и во „идеолошка“ смисла. Претходната власт која делуваше со обмислена крипто партиска програма, сите активности кои ги реализираше ги вгради во закон, обезбедувајќи си на тој начин трајна заштита на своите (зло)дела. Кога говориме за Закон, во дејноста за која пишувам од особено значење се два закона – Законот за култура(1998) и Законот за заштита на културно наследство(2004),(и други сродни закони како што е Закон за градење, 2005, Закон за просторно и урбанистичко планирање, 2005). Како што може да се забележи, сите закони се донесени во времето на претходната влада на СДСМ, кои новата влада „само”амандмандски ги менуваше за реализација на сопствената програма! Не сум правник, но ја познавам дејноста и од тие причини уште во фазата на изработка за двата закони имам доставено писмени забелешки, со укажувања на одредени недоследности кои во пракса се покажаа како погубни. Само за илустрација ќе спомененам дека и двата закони, Законот за култура и Законот за заштита имаат авторски предзнак и навлегуваат во прашања кои не смеат да бидат предмет на регулирање со закон. И двата закони имаат бројни недоречености, кои се податни за толкување и злоупотреба. Тоа добро го забележа владата на Груевски и затоа ги употреби максимално, прилагодувајќи ги амандмандски на партиската програма.

Впрочем и двата закона се сè уште во сила, но со нови амандмани и измени направени дополнително и од актуелната власт. Одовде, не случајно, во обидот да изработиме нов Закон за заштитата се јавија многу бранители на авторот и на неговиот закон. Така, во една прилика, еден државен советник во Mинистерството за култура кој учествувал во изработката на сите амандамански измени, ми кажа дека сето тоа што го бараме да се внесе во нов закон може амандмански да се стави во стариот. Само законот да состане. Да, да остане законот за кој во извештајот на Државниот завод за ревизија (2018-2021)  стои: „Со ЗЗКН се уредени условите за заштита на недвижното културно наследство, но воуслови на голем број измени и дополнувања на законот и пропишани законски решенија кои никогаш не се применeти во пракса утврдени се одредени недоречености и отсуство на одредби со кои прецизно се регулира користењето и управувањето од страна на сопствениците, односно корисниците на недвижното културно наследство, отсуство на одредби за санкционирање поради непредвидени глоби и прецизни законски одредби за контрола на работењето на Управата за заштита на културното наследство. Неусогласеност на одредбите на ЗЗКН и Законот за градење во различното дефинирање на поимот „реконструкција“, како и начинот на категоризација нанедвижно културно наследство придонесува за усложнување на процедурите и пролонгирање на постапките за преземање конзерваторски мерки за заштита на недвижното културно наследство.”(стр.10). Дополнително во извештајот е укажано дека во однос на регистрираните добра само 18%  се ревалоризирани. Исто така, на надлежните институции им укажуваат за потребата од измени, односно донесување на нов Закон за заштита, заради неефикасната заштита на културното наследство.

Цитираните делови од ревизорскиот извештај се во функција на поткрепа на укажувањата за потребата од донесување нови закони за култура и заштита на културното наследство, кои се вградени во Националната стратегија за култура 2018-2022 година. По стратегијата не е постапено, а Владата не успеа да покаже дека е Влада на држава која се темели на систем во кој се вградени закони по кои работат институциите. Напротив, чувајќи ги лошите закони, го продолжи поткопувањето на темелите на државноста започнато уште во 1991 година. Доколку овој период од 33 години се спореди со повоениот период 1946-1965, во дејноста на заштитата, во услови на минимален кадар се донесени скоро сите решенија за прогласување  на споменици на култура и извршена евиденција на околу 2000 икони! Дополнително, извршена е реставрација на голем број на сакрално и профано културно наследство. Зборувам за реставрација, а не реконструкција или факсимилна обнова! Но,тоа беше друго време во кое законската регулатива беше усогласена на  федерално ниво и не можеше да се случи законите да имаат авторски пристап. Доказ за тоа е Законот за заштита на споменици на културата од 1973 година кој беше во сила до 2004 година. Краток, прецизен и ефикасен закон кој го знаевме сите напамет, без потреба од дополнителни правни толкувања. Закон во кој не постоеше ревалоризација која авторот  погрешно ја разбра и ја стави во закон. Дополнително, заради манипулација прецизното одредување на категоријата на споменикот ја направи описно овозможувајќи им на вработените и имателите манипулација со вредностите.

Имено, ваков закон ù одговара на секоја влада и ù дава можност за злоупотреба. Како илустрација, ќе ги споменам само законите за прогласување на Старата скопска чаршија (2008) и Старото градско јадро во Охрид (2011), за културно наследство од особено значење поткатегорија, големо значење. Просто е чудно како никој во Собранието не се запрашал за идентичната категорија на двете споменички целини, имајќи го предвид статусот на Охрид како светско културно наследство со исклучителни вредности. Затоа што така се одредени категориите, манипулативно со акцент на Особено значење, а не на поткатегоријата. И само како информација без коментар, сите закони за прогласување на споменичките целини (вклучително, Крушево, Битола и Кратово) се донесени во времето на Владата на Груевски. И нормално е да се запрашате што добиваме со ваква категоризација? Корупција и трајно губење на културното наследство по примерот на Старата скопска чаршија и Старото градско јадро во Охрид. Во Охрид со воведувањето на факсимилната обнова, трајно ги изгубивме оригиналните примероци на охридската куќа. За чаршијата веќе пишувавме…

Да резимираме. Законот не го положи испитот во дводецениската пракса која јасно укажува на неприменливоста, наесоодветните интерполации во струката и науката, како и во институционалната мрежа, односно нефункционалните институции. Првата верзија на законот ја немаше основната алатка во заштитата, а тоа е увид во состојбата со која единствено може да се планира и програмира. Еден од главните акценти на законот е валоризација и категоризација со конкретни рокови, а тоа значи ревизија на целокупното културно наследство и почнување од почеток што се покажа како невозможно и несоодветно да биде предмет на закон, бидејќи валоризацијата му претходи на законот. Ова се само неколку главни недостатоци кои нанесоа многу штета.

За крај, останува отворено прашањето: кому и за што служи Законот за заштита на културното наследство, ако предметот на законот е формално „предмет” и не се штити, туку се уништува? Одговорот лесно може да се открие… затоа што добри закони прават добра држава, а лошите закони ја поткопуваат државата.

Сподели