Делата на Калчевски оставаат простор за разновидни пристапи и толкувања на процесот на неговите ликовни размислувања

Даут пашиниот амам од 21 декември е резервиран за изложбата „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“. Проектот одбележува јубилејно уметничко чествување на еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност и претставува интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи, односно негово критичко и научно валоризирање како автор кој оставил специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност, рече директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими во своето обраќање.

– За творештвото на Ристо Калчевски во минатото пишувале најзначајните критички имиња во македонската историја на уметност, кои помогнале во неговите претставувања или го вклучиле во селекциите за најзначајните тематски изложби, особено на енформелот, а тоа се Борис Петковски, Соња Абаџиева, Викторија Васева-Димеска, Марика Бочварова, Лилјана Неделкоска и други. Претставувањето во Националната галерија се случува по 22 години од неговото последно претставување во Музејот на современата уметност и се надеваме дека ќе уживате во овој интегрален пресен на неговото творештво – рече Старова-Ќерими.

Таа се надева дека со претставувањето на најзначајните фази од творештвото на Калчевски, во случајов неговото значење за развојот на енформелната практика во македонската уметност, интересот за неговото творештво нема да стивне. Напротив, јубилејните и ретроспективни претставувања се поттик за понатамошни анализи и истражувања.

Според Викторија Васева-Димеска, историчар на уметност и поранешна директорка на Националната галерија, напуштањето на класичните канони и конечниот исход од расправата меѓу фигурацијата и апстракцијата беа условeни и од иманентната општествена состојба на патот на создавање поинаква визија за светот, а во тој контекст и на творечката слобода на духот.

– Веќе на самостојната изложба 1962, во Скопје (заедно со Драгутин Аврамовски), Калчевски навести една нова естетика на сликата, што во голема мера ја определи идната физиономија на неговото творештво. Феномените на стварноста, како секвенци од одредена целина, како суштина во оформувањето на физиономијата на сликата, стануваат примарни носители на делото. Без поголеми потреси, Калчевски ќе го развива своето сликарство од вознемирени композиции, каде што хроматското и ахроматското во окупирање на сликаната површина бележеа варијабилен дијаграм и каде што проблемот на светлината го решава со колористичките интервенции на боеното светло, до една поелементарна конструкција, со директно судирање на материјализираната структура на сликата. Погледот од надвор и однатре, не ги исцрпува визуелниот репероар, фантазијата на Калчевски, туку погледот го лоцира од горе, од визурата на летот која ги кадрира структурите на земјата, на релјефните визури на пејзажот – вели таа.

Калчевски од секогаш бил повеќе заинтересиран зa проблемите на анализа, отколку на синтеза, така што апстракцијата е вистинско поле во кое неговите сликовни размислувања можат да се интерферираат во една точка. Тоа значеше откривање на извори со чија помош, во своите нонфигуративни тези, го внесе присуството на гестот и материјалноста на бојата. Преобразување на видливите хоризонти до степен на нивното метафорично проседе, никогаш нема да ја досегне формата на автоматизмот, така што рационалниот третман ќе го насочи неговото сликарство пред се кон една повеќе контемплативна форма во којашто ке се обиде, од двата пола на енформелот, да ги извлече оние битни сегменти, што ќе одговараат на неговата ликовна транскрипција која му припаѓа на енформелот, а кој подразбира контрола на будната свест. Неговото врамнотежено сликарство во кое рационалната организација е поставена над лирската наративност и дескрипција, акумулира и користи определено проседе низ кое е предадена драмата на траењето на морфолошкото истражување на моќта и можноста на ликовниот говор.

– Секако, делото на Ристо Калчевски, како еден респектабилен и специфичен творечки опус, остава отворен простор за разновидни пристапи и толкувања на процесот на неговите ликовни размислувања – рече Васева-Димеска.

Официјалниот протоколарен дел од отворањето го заокружи Маја Чанкуловска-Михајловска, која заедно со Маја Неделкоска-Брзанова ја курираше изложбата. Таа се заблагодари пред сè на семејството Калчевски, за соработката и довербата за реализацијата на оваа изложба. Таа се заблагодари на Минстерството за култура за поддршката на јубилејните изложби и на многу институции и приватни лица кои позајмија свои дела за успешно презентирање на сите фази од творештвото на Ристо Калчевски. Тоа се пред сè Музејот на современата уметност, Заводите и музеи во Штип, Охрид и Битола, Собранието, Град Скопје, Кабинетот на Претседателот, Владата, Музејот на Македонија. Галерија Арте, Галерија РА и голем број приватни сопственици.

Сподели