Восхитува начинот на кој ова скромно и помалку срамежливо 15. годишно штипјанче, чии карактерни црти се несомнено своевидна противтежа на раскошниот математички талент, успеа да возврати на сите превирања и негирања што во последниве 2-3 години сосема незаслужено ги доживеа од релевантни институции на нашата држава, велат од Сојузот на математичарите
Шестмина средношколци од Македонија, предводени од двајца ментори и со поддршка од повеќемина ентузијасти деновиве ја испишуваат математичката историја на независна Македонија. Залетот кој го имаат веќе некоку години кулминира минатата недела со еден златен, еден сребрен, два бронзени медала и две пофалници. Накусо, сите млади математичари растурија на 64. Интернационална математичка олимпијада, најпрестижниот светски натпревар за млади математичари кој годинава се одржа во Чиба, Јапонија од 3 до 13 јули.
– Млади умови од целиот свет се натпреваруваа во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена. Магичниот број (целосно решение) кон кој се стреми секој од натпреварувачите изнесува 7 (поени по задача) – велат од Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), здружение кое го организира нашето учество на меѓународните натпревари.

Тие објаснуваат дека репрезентативците разработувале напредни теми и техники за решавање математички проблеми од областите: комбинаторика и теорија на броеви. Ова е трета година во континуитет како СММ реализира интензивни подготовки за македонската екипа во пресрет на ИМО.
– Веруваме дека ваквиот сериозен пристап и акумулирани знаења придонесуваат македонските репрезентативци од година в година да постигнуваат сè подобри и подобри резултати на овој најпрестижен математички собир – велат тие.
Нашата репрезентација освои: пет пофалници на ИМО 2020; сребрен медал, два бронзени медала и две пофалници на ИМО 2021; два сребрени медала, два бронзени медала и две пофалници на лани и конечно, златен медал, сребрен медал, два бронзени медала и две пофалници на годинашниот натпревар.

– Ова е исклучителен успех за нашата земја, која годинава во конкуренција на 113 земји ширум светот екипно се пласира на 24. место (според освоени одличја) односно, на 41. место (според освоени поени) – велат од Сојузот.
Водач на тимот беше Илија Јовчески, а заменик-водач – Мирко Петрушевски. Ова се достигнувањата на македонскиот тим годинава:
ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; 32 поени = 7+7+7+7+2+2)
АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (сребрен медал; 25 поени = 7+7+1+7+3+0)
НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (бронзен медал; 23 поени = 7+7+0+7+2+0)
НИКОЛА СПИРОВСКИ (бронзен медал; 19 поени = 7+3+0+7+2+0)
ЈАН СТОЈАНОВСКИ (пофалница; 17 поени = 7+1+0+7+2+0)
БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; 11 поени = 7+3+0+1+0+0)

Македонија годинава се здоби со првиот златен медал на ИМО во досегашните 31 учества на светскиот натпревар како независна држава. Од Сојузот велат дека се остварил долгогодишниот сон и стремеж на бројни генерации македонски олимпијци, наставници по математика, професори и ментори конечно, Македонец да влезе во светската математичка елита. 15-годишниот Дамјан Давков со овој извонреден подвиг, стана најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња. Во досегашните четири учества има освоено еден златен медал, два сребрени медала и една пофалница. Тој влегува во елитното математичко друштво на златни медалисти на ИМО, кое не случајно вбројува многумина Филдсови медалисти (Филдсовиот медал е своевиден математички еквивалент на Нобеловата награда).
– Восхитува начинот на кој ова скромно и помалку срамежливо 15. годишно штипјанче, чии карактерни црти се несомнено своевидна противтежа на раскошниот математички талент, успеа да возврати на сите превирања и негирања што во последниве 2-3 години сосема незаслужено ги доживеа од релевантни институции на нашата држава. Возбудува и податокот дека на Дамјан Давков му претстојат уште барем три учества на ИМО – велат од Сојузот.

Според нив, радува фактот што секој од шестемина членови на годинашната македонска екипа, која постави нов стандард на успешност во најрелевантниот ИМО параметар, не е во последната година од своето средношколско образование.
– Оттаму, оправдано се надеваме на уште поголем македонски успех в година, на 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), која треба да се одржи во Бат, Велика Британија – велат од СММ.
(В.И.И)





